Saturday, November 19, 2016

Дивиот



Тоа лето за прв пат бев на одмор сам, со друштво. Бевме група млади, будалести адолесценти, далеку на море, без родители, без надзор, без ограничувања. Ние самите и нашето лудило, нашата незрелост. За чудо човек во тие години, оставен сам, оди подалеку и од своите граници, подалеку од сите глупости што би ги направил во нормални околности. Никогаш не ми стана јасно, ниту тогаш, ниту подоцна, а ниту денес зошто е тоа така. Зошто во тие години разумот тотално е избезумен секогаш кога ќе се најде на само, без придружба, без повозрасен човек кој служи како морален столб, како ноќен був кој всушност мислиш дека е твојата совест која ти стои на рамо? Епа тоа лето тој був и таа совест ги немаше, а во таквите лета човек прави неверојатни работи, ги поместува сите граници до мера во која повеќе ни самиот не може да се препознае. Бевме сами, без контрола, без совети....И лудувавме, нормално...
Но , сега нема да зборувам за тоа лето. Ќе зборувам за едно сосема друго лето, за сосема друго место, а и за други ликови. Ликови кои беа повозрасни, позрели, и кои веќе оддамна немаа родители и оддамна не одеа на летување за да се доведат во состојба на себе-нераспознавање...
Беше тоа мало селце на брегот до морето во кое беше пеколно жешко во текот на целата година. Имаше не повеќе од педесетина куќи и тристотини жители.  Повеќето беа стари, во години, на залезот од нивните животи. Изнемоштени од непрекинатата горештина, слаби и свиткани, со  збрчкани лица. Сепак сите беа весели, среќни, исполнети со препознатливиот нескротлив медитерански темперамент. Кога и да поминеше некој странец или непознат турист весело збореа, ги симнуваа шапките за добредојде, мрмореа на нивниот локален јазик смешкајќи се чудно и добронамерно. Старците сосема неприкриено свиркаа и се вртеа по секоја помлада девојка која ќе поминеше, исто така отпоздравувајќи со уште поголемо задоволство, нудејќи ги своите услуги на локални-селски туристички водичи-а притоа секој од нив дофрлувајќи дека токму тој е најдобриот познавач на историјата на селото или на убавите места за посета или најдобриот рибар или веслач на рибарско кајче, или дека оддамна останал без бабата па нема кој да му љубомори ако прошетаат заедно низ селото....Важно, сите беа во нешто најдобри...Но, ете во тоа прекрасно село за несреќа –како што викаа останатите имаше и еден друг, поинаков старец- за кој никој радо несакаше да зборува. Само кратко дофрлуваа, остави го него. Не прашувај. Не е од нашите, чуден е човек тоа, изрод во селото. Див и недруштвен. Еве,- збореа, шеесетина години се собираме сите овде пред прситаништето на клупите, играме табла, шах, зборуваме, пивнуваме по некоја ракија, одиме по риба, секогаш заедно, секогаш сите и во весело друштво а тој ете ниту еднаш нема дојдено, ниту еднаш седнато со нас, покрај нас. Секогаш секаде оди сам, седи таму на карпите на крајот од денот, го гледа залезот на сонцето. Постојано не одминува наведнувајќи ја главата кон земјата, а понекогаш намерно имаме забележано дека врти ехее ене од таму преку карпите над морето, ги раскрвавуа нозете од школките сраснати со карпите за само да не избегне и да не помине покрај нас....Лудак, чуден човек е тоа...Див....Никој не може да го разбере....живее во куќарката што е највисоко над селото, во последната. Има голем двор и лозје кое му прави сенка над дворот. Таму седи, ги реди своите големи платна и ги гледа. Не слика ништо, само ги гледа. Ги растегнува платната, прави рамки за слики, па потоа ги прекројува, ги смалува, од едно големо платно прави три или четири помали, па повторно ги врамува, онака бели, сосема празни. Чуден човек е, ти кажуваме. Никој не го разбира. Сигурно е луд. Па ги разместува тие празни бели платна врамени во рамки, ги мести околу дворот, де од десна де од лева страна, па некои ги обесува и надвор пред куќата, пред оградата и ги остава таму неколку дена. Потоа пак ги прибира.....Ние знаеме сЕ за него, само неаскаме да зборуваме. Кога децата ни беа мали, пред да се иселат, постојано шетаа околу неговата куќа, имаа замислени игри во кои одеа во воени обиколувања и во извиднички походи-горе на ридот- кај лудиот викаа...Одимеее кај лудиооооот ќе викнеше некое детуле и за пет минути од сите страни се собираа од селото дестина празноглави распарталени девојчиња и момчиња. Понекогаш одеа во мешани патроли и машки и женски, а некогаш машките одеа во посериозни акции и не ги земаа девојчињата. Тогаш се осмелуваа да влезат и во дворот, да украдат некое од поголемите платна и да го донесат на сред село, кај нас постарите. Се радуваа, викаа ко да заплениле кралски брод полн со злато. Потоа го цртаа лудакот со црвена тула –на платното, правеа карикатури од него, секој додаваше по некој детал-онака како што го замислуваа во себе. Де огромно уво, де огромна заплеткана брада или големи мустаќи....Па платното го враќаа пак во неговиот двор......А и ние додававме по нешто на платната, да....и ние ко децата се радувавме. Ние само допишувавме по некој збор, цртањето го остававме на децата...Пишувавме Лудак, Изрод....Оди си....Импотентен, Шутрак, Шимпанзо...што ли не....сЕ што ќе ни паднеше на ум....Еднаш, кога бевме помлади, донесе од некаде некоја непозната млада прекрасна девојка. Мислам дека беше Американка.....некоја сликарка....таа ги пополни прва неговите празни  платната, и ги употреби и штафелаите и боите....Сликаше девојката во дворот, пред куќата...и на брегот.....и на пристаништето....секаде сликаше....тој само и ги носеше платната и молчеше....Тој и како млад не беше нешто поразличен од сега....Див, непристапен, прав орангутан....Кај ја најде Американката и како успеал да ја придобие никој не знае. Имаше многу слики... немаа место за нив, па ги ставаа под стреата зад куќата....ги редеа една до друга.....Но, еден ден Американката, -навистина невидено нешто, невидена убавина од девојка....права волшебница, магија....самовила...-тој кобен ден, рано утрото, на изгрејсонце излегла од дома, сама....кон карпите на брегот со едно платно, бело, ново, празно,....- тргнала да го слика изгрејсонцето...се лизнала на една од карпите и паднала долу врз камењата....почина истиот ден...Од тогаш и тој е со платната, од тогаш е опседнат со нив и ги преместува ги дели ги крои, нарачува нови од градот....-ни кажува поштарот, нарачувал и бои и цели пакети црвено вино...го пиел лакомо –вели поштарот, цели голтки, големи, лакоми....пиел многу, вели...Во празните шишиња од виното ги разредувал боите, а никогаш никој не видел нешто друго во неговиот двор освен бели платна....Децата порано викаа дека ги пиел и боите-разредени, дишел од мирисот- се дрогирал или којзнае....Туку луд човек е тој, незнам зошто толку прашуваш за него....Денот кога умре девојката беше точно тој ден кога се наполни една година од нејзиното доаѓање....Чудно, истиот датум кога дојде, истиот и си замина....Знаеш, сЕ се знае во оваа село....мало е, ништо не може да се прикрие....дури ниту дивиот....

Две години после овој разговор Дивиот починал лакомо пиејќи од последното шише црвено вино....Бил пронајден мртов од некое од децата во селото, кое го шпиунирало преку оградата. Го закопале истиот тој ден....Го закопале на истото место над карпите од кои паднала девојката. До нејзиниот гроб. Сега на истото место имало два гроба....на девојката и на дивиот....Во дворот и зад куќата ги пронашле сите платна....и нејзините, насликаните, и неговите-празните....и платната што ги крадеа децата и ги цртаа со црвена ќерамида....и тие биле таму....Сите негови платна освен едно биле сосема бели, недопрени од боја, неизвалкани....тотално бели-тотално тивки....само едно платно било испишано со букви...текстови негови....било испишано со мноогу мали букви, речиси нечитки.....Поштарот успеа да ми прераскаже дел од тоа што го прочитал пред да го закопаат тоа платно заедно со дивиот. Селаните му направиле еден вид чест, го ставиле тоа платно заедно со него во сандакот.... Тишина....празно.....глувонемо....море.....смрт....смрт...ЗНАМ-доаѓа моја смрт...ја чувствувам ......Белината на платното нека се прекрие со црнилото на земјата со која ќе ме закопаат....Изгрејсонцето на нејзината смрт нека се спои со Зајдисонцето од мојата....
Два дена по закопот на дивиот, селаните што го длабеле надгробниот камен го поставиле истиот   на гробот од дивиот...приметиле дека  тоа истиот датум на смртта на девојката....

No comments:

Post a Comment