Saturday, November 19, 2016

Дивиот



Тоа лето за прв пат бев на одмор сам, со друштво. Бевме група млади, будалести адолесценти, далеку на море, без родители, без надзор, без ограничувања. Ние самите и нашето лудило, нашата незрелост. За чудо човек во тие години, оставен сам, оди подалеку и од своите граници, подалеку од сите глупости што би ги направил во нормални околности. Никогаш не ми стана јасно, ниту тогаш, ниту подоцна, а ниту денес зошто е тоа така. Зошто во тие години разумот тотално е избезумен секогаш кога ќе се најде на само, без придружба, без повозрасен човек кој служи како морален столб, како ноќен був кој всушност мислиш дека е твојата совест која ти стои на рамо? Епа тоа лето тој був и таа совест ги немаше, а во таквите лета човек прави неверојатни работи, ги поместува сите граници до мера во која повеќе ни самиот не може да се препознае. Бевме сами, без контрола, без совети....И лудувавме, нормално...
Но , сега нема да зборувам за тоа лето. Ќе зборувам за едно сосема друго лето, за сосема друго место, а и за други ликови. Ликови кои беа повозрасни, позрели, и кои веќе оддамна немаа родители и оддамна не одеа на летување за да се доведат во состојба на себе-нераспознавање...
Беше тоа мало селце на брегот до морето во кое беше пеколно жешко во текот на целата година. Имаше не повеќе од педесетина куќи и тристотини жители.  Повеќето беа стари, во години, на залезот од нивните животи. Изнемоштени од непрекинатата горештина, слаби и свиткани, со  збрчкани лица. Сепак сите беа весели, среќни, исполнети со препознатливиот нескротлив медитерански темперамент. Кога и да поминеше некој странец или непознат турист весело збореа, ги симнуваа шапките за добредојде, мрмореа на нивниот локален јазик смешкајќи се чудно и добронамерно. Старците сосема неприкриено свиркаа и се вртеа по секоја помлада девојка која ќе поминеше, исто така отпоздравувајќи со уште поголемо задоволство, нудејќи ги своите услуги на локални-селски туристички водичи-а притоа секој од нив дофрлувајќи дека токму тој е најдобриот познавач на историјата на селото или на убавите места за посета или најдобриот рибар или веслач на рибарско кајче, или дека оддамна останал без бабата па нема кој да му љубомори ако прошетаат заедно низ селото....Важно, сите беа во нешто најдобри...Но, ете во тоа прекрасно село за несреќа –како што викаа останатите имаше и еден друг, поинаков старец- за кој никој радо несакаше да зборува. Само кратко дофрлуваа, остави го него. Не прашувај. Не е од нашите, чуден е човек тоа, изрод во селото. Див и недруштвен. Еве,- збореа, шеесетина години се собираме сите овде пред прситаништето на клупите, играме табла, шах, зборуваме, пивнуваме по некоја ракија, одиме по риба, секогаш заедно, секогаш сите и во весело друштво а тој ете ниту еднаш нема дојдено, ниту еднаш седнато со нас, покрај нас. Секогаш секаде оди сам, седи таму на карпите на крајот од денот, го гледа залезот на сонцето. Постојано не одминува наведнувајќи ја главата кон земјата, а понекогаш намерно имаме забележано дека врти ехее ене од таму преку карпите над морето, ги раскрвавуа нозете од школките сраснати со карпите за само да не избегне и да не помине покрај нас....Лудак, чуден човек е тоа...Див....Никој не може да го разбере....живее во куќарката што е највисоко над селото, во последната. Има голем двор и лозје кое му прави сенка над дворот. Таму седи, ги реди своите големи платна и ги гледа. Не слика ништо, само ги гледа. Ги растегнува платната, прави рамки за слики, па потоа ги прекројува, ги смалува, од едно големо платно прави три или четири помали, па повторно ги врамува, онака бели, сосема празни. Чуден човек е, ти кажуваме. Никој не го разбира. Сигурно е луд. Па ги разместува тие празни бели платна врамени во рамки, ги мести околу дворот, де од десна де од лева страна, па некои ги обесува и надвор пред куќата, пред оградата и ги остава таму неколку дена. Потоа пак ги прибира.....Ние знаеме сЕ за него, само неаскаме да зборуваме. Кога децата ни беа мали, пред да се иселат, постојано шетаа околу неговата куќа, имаа замислени игри во кои одеа во воени обиколувања и во извиднички походи-горе на ридот- кај лудиот викаа...Одимеее кај лудиооооот ќе викнеше некое детуле и за пет минути од сите страни се собираа од селото дестина празноглави распарталени девојчиња и момчиња. Понекогаш одеа во мешани патроли и машки и женски, а некогаш машките одеа во посериозни акции и не ги земаа девојчињата. Тогаш се осмелуваа да влезат и во дворот, да украдат некое од поголемите платна и да го донесат на сред село, кај нас постарите. Се радуваа, викаа ко да заплениле кралски брод полн со злато. Потоа го цртаа лудакот со црвена тула –на платното, правеа карикатури од него, секој додаваше по некој детал-онака како што го замислуваа во себе. Де огромно уво, де огромна заплеткана брада или големи мустаќи....Па платното го враќаа пак во неговиот двор......А и ние додававме по нешто на платната, да....и ние ко децата се радувавме. Ние само допишувавме по некој збор, цртањето го остававме на децата...Пишувавме Лудак, Изрод....Оди си....Импотентен, Шутрак, Шимпанзо...што ли не....сЕ што ќе ни паднеше на ум....Еднаш, кога бевме помлади, донесе од некаде некоја непозната млада прекрасна девојка. Мислам дека беше Американка.....некоја сликарка....таа ги пополни прва неговите празни  платната, и ги употреби и штафелаите и боите....Сликаше девојката во дворот, пред куќата...и на брегот.....и на пристаништето....секаде сликаше....тој само и ги носеше платната и молчеше....Тој и како млад не беше нешто поразличен од сега....Див, непристапен, прав орангутан....Кај ја најде Американката и како успеал да ја придобие никој не знае. Имаше многу слики... немаа место за нив, па ги ставаа под стреата зад куќата....ги редеа една до друга.....Но, еден ден Американката, -навистина невидено нешто, невидена убавина од девојка....права волшебница, магија....самовила...-тој кобен ден, рано утрото, на изгрејсонце излегла од дома, сама....кон карпите на брегот со едно платно, бело, ново, празно,....- тргнала да го слика изгрејсонцето...се лизнала на една од карпите и паднала долу врз камењата....почина истиот ден...Од тогаш и тој е со платната, од тогаш е опседнат со нив и ги преместува ги дели ги крои, нарачува нови од градот....-ни кажува поштарот, нарачувал и бои и цели пакети црвено вино...го пиел лакомо –вели поштарот, цели голтки, големи, лакоми....пиел многу, вели...Во празните шишиња од виното ги разредувал боите, а никогаш никој не видел нешто друго во неговиот двор освен бели платна....Децата порано викаа дека ги пиел и боите-разредени, дишел од мирисот- се дрогирал или којзнае....Туку луд човек е тој, незнам зошто толку прашуваш за него....Денот кога умре девојката беше точно тој ден кога се наполни една година од нејзиното доаѓање....Чудно, истиот датум кога дојде, истиот и си замина....Знаеш, сЕ се знае во оваа село....мало е, ништо не може да се прикрие....дури ниту дивиот....

Две години после овој разговор Дивиот починал лакомо пиејќи од последното шише црвено вино....Бил пронајден мртов од некое од децата во селото, кое го шпиунирало преку оградата. Го закопале истиот тој ден....Го закопале на истото место над карпите од кои паднала девојката. До нејзиниот гроб. Сега на истото место имало два гроба....на девојката и на дивиот....Во дворот и зад куќата ги пронашле сите платна....и нејзините, насликаните, и неговите-празните....и платната што ги крадеа децата и ги цртаа со црвена ќерамида....и тие биле таму....Сите негови платна освен едно биле сосема бели, недопрени од боја, неизвалкани....тотално бели-тотално тивки....само едно платно било испишано со букви...текстови негови....било испишано со мноогу мали букви, речиси нечитки.....Поштарот успеа да ми прераскаже дел од тоа што го прочитал пред да го закопаат тоа платно заедно со дивиот. Селаните му направиле еден вид чест, го ставиле тоа платно заедно со него во сандакот.... Тишина....празно.....глувонемо....море.....смрт....смрт...ЗНАМ-доаѓа моја смрт...ја чувствувам ......Белината на платното нека се прекрие со црнилото на земјата со која ќе ме закопаат....Изгрејсонцето на нејзината смрт нека се спои со Зајдисонцето од мојата....
Два дена по закопот на дивиот, селаните што го длабеле надгробниот камен го поставиле истиот   на гробот од дивиот...приметиле дека  тоа истиот датум на смртта на девојката....

Saturday, August 22, 2015

Винсент…”La tristesse durera toujours” (”The sadness will last forever”)

Винсент чекореше по тесната мала улица во близина на момнартар…Одненадеж повторно се затекна себе си во оние чести мигови на губење на памтењето. Чекореше, подзастана и одеднаш сфати дека беше заборавил каде оди. Стоеше така десетина секунди, се сврте наназад и ја виде само пустата кривулеста уличка исполнета со вирчиња од скорешниот дожд…Не само што беше заборавил кај беше тргнал, туку беше заборавил и од каде тргнал….Очигледно го беше затекнало уште едно од оние чудни утра по долгите ноќни бдеења над платната и лакомо голтање од шишето со абсинт….Понекогаш, по препивањето, обично наредните утра му се случуваа ваквите мемориски црни дупки.
Продолжи да чекори и застана во бифето кај Густав Горлитц. Седна, нарача бокалче студена вода и кафе.
Празно гледаше во карираните шари на мушамата од малата дрвена масичка…Со двете раце ја држеше чашата со вода и ја испи наеднаш. Испи уште две чаши така лакомо ко да не пиел вода со денови и додека пиеше слушаше како секоја голтка паѓа и удира некако директно во желудникот, а не во грлото. Така ја беше кренал главата што водата паѓаше директно ко во некој празен бунар правејќи чудни и длабоки звуци глок ….глок…..глок…….Подигајќи ја чашата примети дека прстите на рацете и рабовите од кошулата му се цели натопени во жолта и портокалова боја. Очигледно синоќа, доцна во ноќта додека ги сликал платната се имаше допрено до тубите со боја или ги имаше допрено свежите платна. Се загледа така во тие траги од боја, жолта и портокалова и му се замати погледот….
Зјапаше така со заматен поглед и некако во истиот тој миг примети како погледот му се спојува со некоја мисла која наеднаш извирна од дното на сеќавањата. Се најде себе си во така чуден и интересн момент. Заматениот и нефокусиран поглед кој завршуваше во дамките боја некако се спои и испреплети со неговите мисли и наеднаш примети дека дамките со боја почнуваат да се движат, да треперат…..Наместо да го избистри, го замати погледот уште повеќе и примети дека жолто-портокаловите дамки треперат под ударот на ветрот, полека наведнувајќи се на едната, па на другата страна…..Оваа испреплетеност на слика и мисла одеднаш доби и звучна позадина…..Гледајќи така во јарко жолтите дамки или сончогледи почна да слуша и тивок шум на ветер кој дуваше умерено, но доволно силно да предизвика шум кој влегува во ушите…..
Одеднаш се сепна од некој тап и друг звук кој доаѓаше надвор од свеста, надвор од полињата со сончогледи. Нагло ја сврте главата и го виде Горлитц кој му го остави кафето на масата. Горлитц го погледна и примети дека Ван Гог повторно делуваше изгубено и збунето. Без да му проговори се сврте и си влезе повторно внатре оставајќи го чудниот уметник да самува во својот свет.
Ван Гог се напи голтка од кафето и повторно погледна кон дамките боја на ракавот од кошулата, меѓутоа сега веќе гледаше само траги од боја и ништо повеќе од тоа. Се врати од другата страна на свесноста во светот обоен во сивило и очај, во светот со темно-сивкасти облаци и дожд, беда, злоба и пропаднати животи….Го опфати момент на луцидна свесност, милиметарски прецизно знаење за себе и светот, за бескрајната провалија која зјаеше каде и да погледне и вон себе и во себе. Ја подигна чашата со студена вода и го виде одблесокот на своите небесно плави очи, се загледа во тие небесно сини дамки во чашата и виде една огромна провалија без крај….Не нарушувајќи ја страшната тишина која го обзеде, без да проговори ни збор низ свеста бавно му поминуваше една мисла…….”тагата ќе трае до бескрај….”


Чехов и некои други работи…

Се враќаше кон дома пешки од работа. На брзина ги прескокна неколкуте скали кои водеа од приземјето до неговиот стан, раката рутински и прецизно директно го погоди клучот во отворот од бравата. Влезе, веднаш ги соблече чевлите, панталоните, кошулата кои ги носеше на работа и набрзина облече некоја стара износена маица која изгужвана беше фрлена на креветот…..Конечно Чехов се осети во своја кожа. И така секој ден…..Се будеше, облекуваше одеше на работа, се враќаше и набрзина се пресоблекуваше осеќајки се свој на своето, свој во износените фармерки и маици кои пленеа со својот комфор и со некоја чудна слобода која ја додаваа на душата…И веројатно не беше Чехов единствениот во овој град кој се осеќаше вака…Веројатно и многу негови соседи и пријатели исто така брзаа од работа кон дома и поминуваа низ истиов овој процес на пресоблекување, трансформација, на премин од формалното кон неформалното, од крутоста на работата кон опуштеноста во домот…
Ги стави алиштата на крајот од креветот, го отвори фрижидерот и зеде едно студено пиво. Го отвори и полека почна да го поткрева шишето отпивајќи по некоја студена, освежувачка голтка….Му се полнеше разумот со спокојство, со осет на краткотрајно бегство од рутината, од правилата наметнати од друг. Мислите забавуваа, стануваа по смирени, напнатоста бледееше заедно со празнењето на нивото на пивото во шишето…
Седеше така дозволувајќи им на минутите да течат спокојно, не правејќи ништо особено….уживаше во овие последни летни денови, а во текот на мислите повремено му се прелеваа звуци од паркчето пред зградата, од извиците и игрите на децата кои за прв пат денес заминале на училиште…
За прв пат и тие мали души денес онака официјално и службено ги дотерале и заеднички со радост и во придружба на родителите ги испратиле во погибијата на нивните души, во робството на нивните мисли, во одаите на поробувачот на нивната креативност, на нивното слободното време, на безгрижните игри…Сите во нови алишта, патики, кондури, ранчиња, сите во строј, сите напред кон бездушниот општествен механизам кој безмилосно ги поробува своите чеда.
Родителите исполнети и среќни со дигиталните апарати во рацете го фотографираат секој чекор на нивните мали деца, ко да сакат да го заробат во фотографија секој миг од овој свечен настан, да го исполнат секој пиксел со фрагменти од чекорењето на нивните деца НАПРЕД!!!
Децата повеќето збунети, се вртат де кон среќните родители де кон среќните учителки кои ги рашириле рацете и со насмевски ги придружуваат дечињата додека ги прават првите чекори по коридорите и ходниците од училиштата. По коридорите по кои ќе чекорат наредните осум, девет или деветнаесет години, по коридорите по кои во неповрат ќе расфрлаат мигови и сеќавања, успеси и падови, симпатии и непријатели.
Сепак, некако ко да се гледа некоја несигурност во нивните очи, во изразот на нивните лица, во чудно склопените детски насмевки со кои и самите за прв пат се соочуваат…. насмевки повеќе од збунетост и несигурност одошто од среќа, насмевки резултат на кажувањата на родителите и роднините дека ова е ГОЛЕМ ден во нивниот живот одошто спонтани, искрени насмевки настанати во нивните детски срца. Детската душа сигурно зборува едно, сигурно ги тера во друг правец но веќе е предоцна, нивната слободна мисла и нивните детски, креативни идеи за животот се веќе оставени таму надвор, пред училиштето….
Од денес, со ова свечено чувство, во овие нови алишта малите деца постануваат нови, млади политичари, правници, лекари, војници, економисти, инжењери…Се вклопуваат во низа нови идеи и мисли, не нивни туку наметнати. Успехот повеќе не се мери на улицата туку на часовите по математика, хемија, физика, ЗПО…
Денес е страшен ден си помисли Чехов…..Повторно ги предадовме нашите најмили на непријателот….Исто како и некогаш…..тоа е вградено во нашиот генетски код….Предавство…
Гордо ја предаваме нашата иднина во нечии туѓи раце, туѓи замисли….Размислувајќи така, полека го подигна пивото и отпи една поголема голтка….
Надвор денот беше на заминување, дечјиот џагор веќе го немаше, како да настапи некоја состојба на чуден мир, апсолутна тишина….Како буката на овој свет за миг да се измеша со бескрајниот мир од некој друг свет, од некои други времиња и простори….
Чехов го допи пивото, а овој ден полека чекореше кон својот КРАЈ…

Fragile...

Day no different than the days before,
 people no different than the crowd around…
 people i haven’t seen for ages, i saw them tonight
… people…people…people….
everybody was around,
 and again
 and again something was not complete
 and again something was missing
 and again the picture was fragmented
 the pieces of glass shrowded around..
 the mist was coming………
 the air poluted …
the people were fake..
and i was fake.. i was fake…
i was incomplete…
incomplete…
again……… again… once again…..

Празниот поглед на Витман Валтер

Господинот Витман Валтер седеше во фотелјата пред телевизорот. Бездушно и со празен поглед ги менуваше каналите еден по еден без воопшто да се задржи и да погледа било кој од стотиците канали што еден по друг во бескрајна низа се редеа на телевизорскиот екран. И самиот незнаеше што прави, погледот му беше некако матно и нејасно насочен кон телевизорот но воопшто не беше тоа поглед со кој човек сака нешто да види или погледне, напротив како да беше поглед кој не гледа ништо, поглед едноставно насочен некаде недефинирано, поглед кој ја празни тагата во душата, поглед кој  некако психички го одмараше или во најмала рака не го замараше дополнително.
Тоа вртење на каналите и притискање на копчето од далечинскиот управувач му беше прераснало во некој телесен тик, како навика нешто постојано да се притиска и да се менува сликата на телевизорот. Речиси половина година го правеше истото. Ќе се вратеше од некаде во својот стан, седнуваше некако стуткано во фотелјата и почнуваше со тоа притискање на копчето од управувачот. Можеби половина година немаше изгледано ниту еден канал, ниту една емисија, ниту една програма на телевизорот, а секојдневно седеше со часови пред него. Попушташе малку глас и се осеќаше како да е во некое место во кое има некоја поголема динамика од луѓе, место полно со врева, место исполнето со живот….-живот кој самиот Витман Валтер повеќе речиси и да го немаше, живот кој полека и секојдневно му истекуваше од неговиот песочен часовник, од неговата животна водена клепсидра.
Витман Валтер така седејќи во фотелјата – ко и години претходно, на денот кога наврши точно триесет и три години живот, едноставно сфати дека неговиот живот како и животот на многу други пред него повеќе нема никаква смисла. Стана револтирано, го крена телевизорот и го фрли низ прозор. Од тогаш натаму не знаеме ништо повеќе за господинот Витман Валтер.
Доколку нешто случајно дознаете Ве молам да ме известите!

Самсара … (wheel of life)

Неколку расеани одблесоци светлина се прекршуваа преку прозорот во собата во која штотуку влезе Валтер Витман…Светликави точки кои влегуваа преку дупчињата од ролетната си поигруваа на стаклото од малата маса на која имаше оставено неколку фотоалбуми. Валтер седна на подот, веднаш до масата и така стуткан ги зема албумите и почна да ги разгледува фотографиите…
Стотици фотографии развлечени низ неколку децении….фотографии направени пред педесет години, пред триесет, пред дваесет, пред пет години….фотографии направени пред само неколку месеци….Валтер Витман ко дете, Валтер Витман во градинка, Валтер Витман на групната фотографија од училиште во трето одделение, па во четврто, па петто и така натаму. Валтер Витман –фотографија од Матура….Валтер Витман во болница со нога во гипс… В.Витман со група студенти на некоја екскурзија….Витман со првата девојка…Витман на море со друга девојка….Витман на свадбена прослава со госпоѓата Витман и стотици други гости…Витман со мало бебче во рацете, Витман турка бебе во количка во некој голем парк, Витман со мало девојче кое штотуку го направило првиот чекор, Витман сликан со девојче со штрбава уста и голема среќна насмевка со два заби, Витман со истото девојче со штрбава насмевка со четири заби….Витман со ќеркичката со сите забички и со ѓа Витман….Витман со пријатели, Витман со…. Витман……Фамилија Витман на годишни одмори, на море, …Витманови во борба со снежни топки, Витманови на планина….. Витманови на десетиот роденден на малата г-ѓица Витман сликани во моментот на дување свеќи….Витманови на триесетиот роденден на Валтер, на четириестиот…. Валтер Витман во црно на погребот на г-ѓа Витман- фотографија направена пред десет години… Валтер Витман во црно бела фотографија- осамен и замислен при некоја прошетка –фотографија направена пред пет години..Валтер Витман во колор фотографија, осамен, замислен-на непознато место-фотографија од пред неколку месеци…
Валтер ги отфрли албумите прокнижени со сите тие сеќавања, со сите тие украдени мигови од минатото, мигови на среќа, на љубов, мигови на исполнетост, младост, мигови на живот во боја…. мигови на постепено стареење, мигови на тага, на несреќа, на родендени и смрт….на деца и старци, на љубов и самотија….на безгрижни погледи но и мигови на замислени отсутни празни и болни погледи….мигови негови и мигови туѓи….некогашни, дамнешни и сегашни….
Витман се обиде да се исправи од стутканата детска положба во која беше седнат покрај ниската масичка во собата во која ги разгледуваше албумите, но некако при првиот обид не употреби доволно сила во веќе старите раце кои при товарот на неговото тело потклекнаа надолу и тој пак се најде во истата седечка положба, се обиде по втор пат со поголема цврстина во рацете и се исправи, се потпре со едната рака до столицата која беше во близина и упати поглед кон сончевите зраци кои поминуваа низ ролетната….во тој миг ко да здогледа некоја експлозија од заслепувачки силна блескава светлина која како да ја опфати целата просторија……некако му се замати погледот, осети силна остра болка во срцето кон кое неговите раце рефлексивно се насочија….се држеше за градите, се наведна надолу и се струполи на подот, се згрчи така и остана во таа стуткана положба додека неговото тело целосно не се олади и стврдна ко тело на вистински мртовец….
Кога човек така одозгора би имал можност да упати поглед кон просторијата во која почина Валтер Витман прво би го здогледал неговото стуткано тело, тело на човек свиткано во положба на фетус…. кога така гледајќи некој би вложил поголемо внимание и би го изострил погледот, исто така би го здогледал и малиот фотоалбум, веднаш до згрчената дланка на Валтер Витман….-малиот албум кој случајно се беше отворил на првата страница, на која во положба на фетус имаше фотографија од мало бебенце во пријатен и безгрижен сон, во мало, бело, метално болничко креветче,- црно бела фотогрфаија на која на задната страница со веќе избледеано мастило можеше да се прочита— Валтер Витман 1952, фотографија направена првиот ден, на денот на неговото раѓање….

Алфа и Омега и мирисот на туѓо…

Надзорникот на затворскиот оддел број 3 влезе во собата за набљудување. Таму веќе беше седнат и чуварот Франц чијашто смена беше пред завршување. Седнаа еден до друг и по навика внимателно и помалку тапо гледаа во десетиците монитори наредени по цела должина на ѕидот. Имаа камери од сите затворски простории, од ходниците, од надворешниот простор за рекреација, од терените за кошарка и од затворската теретана. Почнаа разговор за новиот затвореник којшто пристигна денес. Тоа беше првиот нетипичен затвореник оваа година. Затвореник кој во ниту една своја карактеристика неможеше да се вклопи во толпата затворени убијци, макроа, силувачи, крупни и помалку крупни криминалци, трговци со оружје, трговци со малолетни девојки и сличните десетици нијанси од овие профили.
Новиот затвореник дојде денес по неколкудневното испрашување пред истражниот судија во кривичниот суд во Јоханесбург. Му беше определен притвор се до почетокот на судењето.
Бешет тоа доктор ван Хофман. Ван Хофман беше одговрниот истражувач на здружениот Африкански институт за загорзени видови животни, или поточно одговорен за сите национални паркови на територијата на ЈАР, како од научен аспект, така и од административен. Беше еден од најеминентните светски стручњаци од оваа област. Неговото име беше предмет на почит на сите меѓународни собири. До пред само некој ден беше пример за реализиран човечки потенцијал, беше пример за врвен стручњак, за исполнета индивидуа и на професионален и на приватен план. Беше среќно оженет со прекрасна млада жена од Холандија со која имаше две прекрасни, мали ќеркички.
Но да скратиме. Ќе прминеме директно на дел од последниот говор што ван Хофман го одржа пред само десетина дена на собирот во еден резерват во Конго. Темата на разговор на дебатата беше психологијата на водачите на крдата лавови и други карактеристични примери.
Една од најинтересните работи во психологијата кај ЛАВОТ беше следново….Лавот водач, машкиот лав водач со години води цело крдо од лавови со десетици женки. Тој е водач на кланот, тој е првиот и последниот авторитет, алфа и омега во стадото. Сите останати се апсолутно подредени на оваа едноставна хиерархија. Често пати младите машки лавови од други околни стада во налетот на своето созревање прават обиди за превземање на водството на некое друго стадо лавови. Со денови го следат водачот, го проучуваат неговото однесување, од далеку ја проценуваат неговата сила, неговото искуство и во некој погоден момент крволочно го напаѓаат во глутница со цел да го убијат, да го отстранат од својот пат….да го расчистат теренот за своите намери….
Лавот водач и другите машки лавови кои се под негова заповед се и единствените овластени оплодувачи на групата лавици во стадото. Кој и да се замеша во оваа деликатна работа завршува со смрт…Убиството е сурово, ладнокрвно и без објаснување. Пресудата ја носи лавот водач, егзекуцијата ја врши самиот исто така. Со еден збор, не е дозволено било кој друг да спие со лавиците под власт на лавот водач. Првата работа што лавот водач ја прави кога ќе стави под своја власт ново стадо со женски лавици е убивањето на малите лавчиња, кои до тој момент биле одгледувани во сенката на авторитетот на поразениот лав. Понекогаш ги убива и лавиците кои спиеле со претходниот лав. Мирисот на стариот лав, сексуланиот мирис кај било која лавица е несомнен билет во еден правец….билет за брза, сурова, крволочна смрт…ван Хофман во налетот на својот говор даде десетици примери во кои во животинскиот свет во случај на неверство изневерениот мажјак Веднаш ја убива женката, многу често и нејзините деца…Кај некои видови орли, -уште додека мајката орел ги гледа и топли јајцата од неиспилените птици, и ако додека е отсутна во потрага по храна било какво друго животно ги допре тие јајца или истите бидат допрени од рака на човек, кога мајката орел се врати го осеќа мирисот оставен на јајцата од нејзините чеда, го осеќа мирисот на туѓо, мирисот на непознато, мирисот на нешто не-нејзино…. По таквиот мирис следува уништување на неиспилените јајца и убиство на својот пород.  Мајката орел ги дупчи јајцата на своите птици, на птиците излезени од нејзината утроба и ги убива….Сето тоа поради мирисот на туѓо, поради допирот со кои нејзините мали птици биле загадени од нешто нечисто, нешто далечно нешто што мајката не го одобрила….Животинскиот свет несомнено цврсто работи по некои свои правила кои не се од сега и не се измислени од луѓето….Секое правило во дивата природа си има длабока суштина, длабока проткаеност во непознатите космички сфери….ван Хофман беше експерт за вакви случаи во дивиот свет…. и самиот имаше нешто диво во себе…Беше еден вид Лав водач во светот на луѓето. Беше грижлив родител, страствен љубовник, уште по темелен научник. Беше Алфа и омега во круговите во кои самиот се движеше…. Се до оној момент кога во својот дом не ја пронајде неговата млада прекрасна сопруга со друг маж….Нема потреба во детали да навлегуваме за сосема природната дива и исконска реакција на овој човек кој целиот свој живот повеќе учеше од животните отколку од лицемерието и бледата карактерност на луѓето наоколу. Ван Хофман не беше човек кој би убил друг човек….ван Хофман не беше човек без разум, без способност за самоконтрола….одсекогаш беше тивок и смирен, секогаш со забележителна контрола над своите емоции… но ван Хофман сиве овие години сплотување со дивината подсвесно беше попримил голем дел од карактерните особини кои природата им ги дарила на лавовите…на дивината….на орлите….на птиците ловци…на земните пустински предатори….
-со кујнски нож со сечиво од челик долго дваесетина сантиметри ја убил својата сопруга соголувајќи ја од нејзината сопствена кожа…..Кожата ја извадил внимателно ко да станува збор за некое одело кое сосема лесно со потегот на раката може да се извади од човечкото тело….Поради мирисот на неверство, поради мирисот на блуд на таа прекрасна бледа женска кожа доктор Хофман мораше да ги превземе сите мерки што би го одстраниле тој мирис од неговите сетила, од неговото погодено срце, од неговите изневерени идеали, од неговата гордост, од неговата внатрешна дивина, беснило и лудост која го беше обземала. Кожата извадена со неколку вешти потези на раката сосема цела ја фрлил во запалениот камин покрај кој неговата жена сексуално, со денови уживала со друг маж….мирисот на блуд беше едноставно на секаде….
…од допирот на таа кожа за која до пред неколку мига мислеше дека е само негова, некако и на неговата кожа се нафати тој проклет и неизбришлив мирис кој на необјаснив начин се пренесе кон него самиот…се пренесе кон неговите деца….кон неговите мисли, кон неговото ЈАС….кон неговиот живот….неговиот ЖИВОТ за дел од секундата се исполни со блудниот мирис на некој непознат и друг маж…на маж од друго крдо…од друго лавовско стадо….тоа туѓо семе….тој блуд не беше негов…..тој мирис се ширеше брзо и неконтролирано во сите правци,насекаде….и навнатре во понорите на неговото битие и нанадвор во просторот...ван Хофман неможеше да посегне по ќерките, ван Хофман можеше да посегне само по себе…ја фрли кожата од жена му-замирисана на блуд- во каминот….гледаше како гори, ко да станува збор за некоја фотографија, некое старо компромитирачко љубовно писмо….Согорувањето на кожата полна со блуд воопшто неможеше да помогне во овој случај. Секое наредно вдишување мирисаше на туѓ маж….срцето отчукуваше со нечиј туѓ ненормално брз ритам…..сетилата чувствуваа некоја туѓа непозната обземеност…неможност да дојдат сами до себе, неможност др.Хофман да се осети како доктор Хофман….за среќа или за несреќа обезбедувањето на зградата реагирало на мирисот на изгорена кожа која се ширела вон станот, реагирала на алармот за чад и во последен миг успеале да го совладат разбеснетиот Хофман кој несомнено имал намера да посегне по својот живот, да посегне со ножот кон своето срце кое проклето и непоправливо почнуваше да мириса на туѓо…..на непознато…..на неверство….на изгубени надежи, изгубени идеали….почнуваше да мириса на живот без цел….да мириса на срце отруено, на срце неспособно да продолжи нормално да отчукува….срце неспособно да отчукува на начинот на кој отчукуваше срцето кое некогаш имаше мирис на доктор Хофман….кое имаше мирис кој ги опфаќаше неговиот живот, неговите ќеркички, мирис кој некогаш, до пред неколку часа ја опфаќаше неговата алфа и омега, неговата проклета и блудна жена….
AO