Saturday, August 22, 2015

Чехов и некои други работи…

Се враќаше кон дома пешки од работа. На брзина ги прескокна неколкуте скали кои водеа од приземјето до неговиот стан, раката рутински и прецизно директно го погоди клучот во отворот од бравата. Влезе, веднаш ги соблече чевлите, панталоните, кошулата кои ги носеше на работа и набрзина облече некоја стара износена маица која изгужвана беше фрлена на креветот…..Конечно Чехов се осети во своја кожа. И така секој ден…..Се будеше, облекуваше одеше на работа, се враќаше и набрзина се пресоблекуваше осеќајки се свој на своето, свој во износените фармерки и маици кои пленеа со својот комфор и со некоја чудна слобода која ја додаваа на душата…И веројатно не беше Чехов единствениот во овој град кој се осеќаше вака…Веројатно и многу негови соседи и пријатели исто така брзаа од работа кон дома и поминуваа низ истиов овој процес на пресоблекување, трансформација, на премин од формалното кон неформалното, од крутоста на работата кон опуштеноста во домот…
Ги стави алиштата на крајот од креветот, го отвори фрижидерот и зеде едно студено пиво. Го отвори и полека почна да го поткрева шишето отпивајќи по некоја студена, освежувачка голтка….Му се полнеше разумот со спокојство, со осет на краткотрајно бегство од рутината, од правилата наметнати од друг. Мислите забавуваа, стануваа по смирени, напнатоста бледееше заедно со празнењето на нивото на пивото во шишето…
Седеше така дозволувајќи им на минутите да течат спокојно, не правејќи ништо особено….уживаше во овие последни летни денови, а во текот на мислите повремено му се прелеваа звуци од паркчето пред зградата, од извиците и игрите на децата кои за прв пат денес заминале на училиште…
За прв пат и тие мали души денес онака официјално и службено ги дотерале и заеднички со радост и во придружба на родителите ги испратиле во погибијата на нивните души, во робството на нивните мисли, во одаите на поробувачот на нивната креативност, на нивното слободното време, на безгрижните игри…Сите во нови алишта, патики, кондури, ранчиња, сите во строј, сите напред кон бездушниот општествен механизам кој безмилосно ги поробува своите чеда.
Родителите исполнети и среќни со дигиталните апарати во рацете го фотографираат секој чекор на нивните мали деца, ко да сакат да го заробат во фотографија секој миг од овој свечен настан, да го исполнат секој пиксел со фрагменти од чекорењето на нивните деца НАПРЕД!!!
Децата повеќето збунети, се вртат де кон среќните родители де кон среќните учителки кои ги рашириле рацете и со насмевски ги придружуваат дечињата додека ги прават првите чекори по коридорите и ходниците од училиштата. По коридорите по кои ќе чекорат наредните осум, девет или деветнаесет години, по коридорите по кои во неповрат ќе расфрлаат мигови и сеќавања, успеси и падови, симпатии и непријатели.
Сепак, некако ко да се гледа некоја несигурност во нивните очи, во изразот на нивните лица, во чудно склопените детски насмевки со кои и самите за прв пат се соочуваат…. насмевки повеќе од збунетост и несигурност одошто од среќа, насмевки резултат на кажувањата на родителите и роднините дека ова е ГОЛЕМ ден во нивниот живот одошто спонтани, искрени насмевки настанати во нивните детски срца. Детската душа сигурно зборува едно, сигурно ги тера во друг правец но веќе е предоцна, нивната слободна мисла и нивните детски, креативни идеи за животот се веќе оставени таму надвор, пред училиштето….
Од денес, со ова свечено чувство, во овие нови алишта малите деца постануваат нови, млади политичари, правници, лекари, војници, економисти, инжењери…Се вклопуваат во низа нови идеи и мисли, не нивни туку наметнати. Успехот повеќе не се мери на улицата туку на часовите по математика, хемија, физика, ЗПО…
Денес е страшен ден си помисли Чехов…..Повторно ги предадовме нашите најмили на непријателот….Исто како и некогаш…..тоа е вградено во нашиот генетски код….Предавство…
Гордо ја предаваме нашата иднина во нечии туѓи раце, туѓи замисли….Размислувајќи така, полека го подигна пивото и отпи една поголема голтка….
Надвор денот беше на заминување, дечјиот џагор веќе го немаше, како да настапи некоја состојба на чуден мир, апсолутна тишина….Како буката на овој свет за миг да се измеша со бескрајниот мир од некој друг свет, од некои други времиња и простори….
Чехов го допи пивото, а овој ден полека чекореше кон својот КРАЈ…

No comments:

Post a Comment