Беше претерано студена ноќ во средината на Јануари. Фредерик се враќаше дома по својот престој во Виена. Беше пијанист, не работеше ништо затоа што несакаше да живее во бучниот град. Несакаше да живее меѓу заглушувачката врева на здивеените луѓе, па само понекогаш даваше часови по пијано и одвреме навреме одржуваше концерти во свечените хали во домовите на благороднички фамилии. Живееше далку од градот, надвор во планинско запуштено место до кое и оваа снежна ноќ возачот на кочијата неможеше да продолжи со патувањето и покрај искрените напори и желба да го однесе до дома младиот Фредерик. Се разделија, кочијашот со двата црни коњи се врати назад, Фредерик остана во снежната пустелија и сега сам требаше да го пронаоѓа и пробива затрупаниот пат до својот дом. По речиси половина ноќ талкање, некаде околу полноќ како што велеа проценките на Фредерик оддалеку го здогледа мижуркавото жолтеникаво треперење на светлоста од огништето во неговиот дом. Потоа го слушна и лаежот на неговиот прекрасен црн волчјак кој патетично среќно трчаше во пресрет на својот господар... Беше смрзнат, рацете закрвавени, студени и рапави, а тој стуткан што повнатре во црниот долг капут криејќи ја главата во внатрешноста на шеширот. Го истресе снегот од себе пред тремот на куќата, го разбушави среќното куче, ја отвори вратата и двајцата влегоа внатре.Со уморен испрекинат глас му заповеда на волчјакот да седне некаде. Беше речиси темно, само блага светлина доаѓаше од купиштата согорени дрвја во каминот. Црвеникаво синкасти пламени повремено се издигаа над преостанатата жар. Дебелата влакнеста мачка мрзеливо дремеше покрај огнот и мрзоволно го подигна капакот од едното око колку да види што се случува па со резигнираност воздивна и пак ги затвори очите-барем така му се причини на Фредерик. И кучето откога го виде стопанот стана поспокојно, седна пред каминот и мирно го набљудуваше Фредерик како го остава капутот на закачалката покрај вратата, единствено играењето на неговата опашка даваше знак за неговата среќа. А младиот пијанист ги триеше рацете над пламенот во каминот обидувајќи се да ги загрее, да го поврати осетот и животот во неговите смрзнати прсти, потоа тргна бавно кон другата соба слушајќи го крцкањето на дрвениот под под него. Ја отвори вратата, се слушеше празниот звук, шумот на изгребаната грамафонска плоча која дошла до својот крај...И кога посака да легне во празнината на креветот, виде дека не е празен. Ја виде црнокосата гола девојка која спокојно и со блага насмевка спиеше во неговиот кревет. Прамените од нејзината долга коса паѓаа над нежните истакнати ремења прикривајќи и ги малите опуштени гради. Се вкочани над таа убавина, стоеше неколку мига гледајќи во кадриците, во градите кои срамежливо наѕираа под брановитите прамења од пуштена коса... Се повлече назад, мислеше дека би било штета да ја наруши оваа прекрасна глетка. Ако ја разбуди би се осеќал виновен. Би ја уништил убавината на овој миг замрзнат во времето. Би било тоа исто како да направи дупка и да го скрши мразот на замрзнатото езерце веднаш до куќата....А девојката само се подмрдна во сонот, уште помилно се насмевна и продолжи да спие несвесна за присуството на човекот до неа.. Фредерик сеуште со вкочанети прсти на рацете се наведна над неа, ја бакна нечујно и тивко ја напушти собата. Седна на каучот до каминот и неколку минути прашално и расеано гледаше, наоѓајки го својот мир во смирувачкиот сјај од очите на волчјакот кој мрдајќи со опашката умно и смирено гледаше во Фредерик. Се гледаа кучето и стопанот незнајно разменувајќи фрагментирани и расеани а сепак оспокојувачки мисли сЕ додека сонот не го совлада уморниот пијанист... *Надвор снегот сеуште паѓаше. Се распрснуваше хаотично во виор од снежна магла сплотувајќи се со прегратките на заканувачкиот звук од студениот ветер. Куќичката на Фредерик постепено се губеше во белината на смрзнатиот бескрај наоколу....
|
Saturday, August 22, 2015
WINTER HEARTED
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment