Saturday, August 22, 2015

СЕКВЕНЦИ ОД ЖИВОТОТ НА В. (МАЈКА...)


В. седеше во канцеларијата без работа, играше “Solitaire” на компјутерот. Му заѕвони телефонот-неговата мајка прашуваше дали денес ќе помине да ја види?

Немам време мамо, денес имам премногу работа и повторно ќе останам прекувремено, рече, помалку притеснувајќи се да зборува слободно пред останатите колеги во канцеларијата. Добро, тогаш ќе те чекам утре- му одговори мајка му и на тоа се заврши се.....
Наредниот ден повторно ѕвонеше телефонот, повторно бројот на мајка му и повторно крена нервозно извикувајќи Да? Овој пат не беше гласот на мајка му. Беше тоа некој длабок машки глас, му се претстави дека е лекарот од брза помош и дека мајка му штотуку умрела. 

            Поворката бавно одеше напред, оддалечувајќи се од капелата навлегуваше сосема полека меѓу редови и редови од надгробни споменици. Некои беа бетонски, некои мермерни, ги имаше бели, сивкасти, црни, а некако сите му делуваа студено...Посакуваше оваа формалност што побрзо да заврши, му се брзаше некаде, несакаше да стои овде меѓу сите тие туѓи лица. А всушност имаше земено  неколку слободни денови од работа и ниту денес немаше никакви обврски. Беше нестрплив, рамнодушен. Можеби сосема малку некако се осеќаше виновен што не ја посетуваше почесто мајка си, но несакаше да размислува на тоа токму сега. Вечерта гледаше некој филм и му се навраќаа слики од неговото детство. Слики од неговата детска палавост, слики од годишни одмори поминати во прегратките на мајка си, слики, слики, слики, се виде себе си, татко му, а најчесто во сите тие испомешани сеќавања, некако најмногу време на таа магловита филмска лента ја имаше мајка му. Таа го учеше да чита, таа му помагаше со домашните во училиште, таа го облекуваше, таа му готвеше дури и кога порасна и кога почна да живее сам... Само таа се јавуваше да провери како е? Каде е? Со кого е? Дали е гладен? Дали посакува некое посебно јадење за ручек? Можеби и само таа го сакаше и само нејзе и недостигаше? Којзнае? Но тој веќе оддамна порасна, се вработи а на возрасен човек нормално мајка повеќе и не му е толку потребна нели?-размислуваше...
       Познати и непознати мажи и жени и понекое збунето дете минуваа крај него,еден по еден, го потчукнуваа по рамо изразувајќи му сочувство. Сите некако беа со наведнати глави, сериозни, но како да беше тоа само некоја формалност, како да се трудеа да делуваат сериозно и со достоинство да ја завршат ете и оваа работа.  Ги гледаше преку очилата за сонце и се трудеше да делува како нив, сериозно, натажено, достоинствено...И навистина така и делуваше. Туп......туп.......туууппп..... го слушаше звукот на грстот земја која луѓето еден по еден ја фрлаа врз мртовечкиот сандак на мајка му...Еднаш, уште еднаш...оддекнуваа тие грстови земја, тие последни дарови за тоа што веќе беше внатре во ковчегот....

И токму сега, по деветнаесет години од смртта на мајка му, тој тап звук од земјата фрлена врз мртовечкот сандак му се враќаше во сеќавањето додека спокојно и рамнодушно седеше на верандата на планинската куќичка. Веќе и самиот беше сосема остарен, проќелавен, подгрбавен...Тие грстови земја оддекнуваа проклето силно во неговите уши...
 Мислеше на мајка си додека го вдишуваше последниот здив во својот проклет живот, и му течеа солзи, а тој неможеше ништо против тоа...

....Насобраните луѓе околу отворениот гроб почнаа да фрлат по грст земја врз ковчегот на оној кој некогаш беше господин В....
           
На истото работно место на коешто пред десетина години работеше господин В. нововрабoтената М. седеше без работа тапо зјапајќи во мониторот од својот лаптоп и штотуку успешно ги потроши сите карти од уште една новозапочната партија“Solitaire”……



“Solitaire” -  (игра која се игра само од едно лице, целта на играта е да се оформат секвецни на карти употребувајќи ги сите карти од повеќе купчиња карти свртени со лицето наопаку...)          

No comments:

Post a Comment