Фридрих Густав беше писател. Беше почесен член на друштвото на писателите во малиот град Фрулхонсен. Пред десетина години, кога беше помлад, беше еден од најнадежните таленти во земјата и сите од писателската фела предвидуваа дека несомнено му следи блескава иднина и дека за година две ќе застане на чело на друштвото на писателите на земјата. Но животот има чудни патишта кои многупати се спротивни на сите предвидувања. Од најнеочекувани споредни патеки се појавуват некои ликови кои претходно биле речиси невидливи, а од патиштата чиишто текови делуваат сосема предвидливи маркантните ликови честопати исчезнуваат во споредни патеки, потонувајќи во заборав… Фридрих Густав го зафати некоја внатрешна духовна беда, некоја човечка слабост и сите негови духовни вредности кои некогаш ги имаше изгубија од својот претходен блесок. Тој потона во една ниска, една невпечатлива состојба на душата во која мали и малограѓански навики станаа нешта кои бедно и краткотрајно, цинично и на моменти и злобно ја исполнуваа неговата човечка желба за уживање во туѓата беда. На таков начин тој одбегнуваше да погледне во бедата во која и самиот оддамна беше западнат. Се ожени и пред четири години доби мала и прекрасна ќеркичка која зачудуваше со својата енергичност, со својот ум, со својата интересна, детска интелигенција и љубопитност. Понекогаш, порано минуваа многу време заедно. Таткото и ќеркичката. Шетаа по парковите, одеа на прошетки. Знаеја да заседнат на некоја клупа во паркот и со часови Фрридрих Густав ја учеше за имињата на билките, на тревките, на птиците….ја воведуваше во еден прекрасен мистичен свет измислувајќи најразни интересни детски приказни кои уште повеќе ја зголемуваа нејзнината љубопитност и нејзиниот интерес што побргу да го изучи светот и се што во него постои. Сакаше да ги научи сите птици, и сите тревки и сите видови дрвја што ги имаше во паркот и по дрворедите од улицата. Го сакаше нејзиниот татко. А особено најмногу го сакаше поради приказните кои знаеше да и ги раскажува. За приказните кои секогаш беа поубави од претходниот пат и кои при секое повторено прикажување продолжуваа со нови ликови и со нови случки така што малото девојче понекогаш паѓаше во очај дека никогаш нема да ги запамети приказните бидејќи истата приказна никогаш и не беше кажана на истиот начин. Понекогаш имаше полемики дали таткото писател ја заборавил приказната или вториот пат кога ја прикажувал лажел и не сакал да и ја открие вистината на ќеркичката. Знаеше да каже Ама татооо ама татооо не така…Не е така приказната….Принцезата не заминала на пат туку отишла во замокот. Ама тато ти ништо не знаеш, си заборавил. Сакаш да ме излажеш за принцезата. Ти самиот ми кажа дека она заминала во замокот, а сега замокот не го ни спомена дека постои тато….Зошо тато не го кажа замокот? Па нели замокот беше веднаш пред гооолемиот парк што бил до реката? А сега тато ти ни реката не кажа дека постои, туку кажа дека било езеро, а минатиот пат кога те прашав ти тато кажа дека езеро никогаш и немало до замокот. Ти тато се си заборавил и ми кажуваш некоја неточна приказна…. Нејќам да учам неточни приказни тато…Сакам точната приказна да ја кажеш сега одма…..Одма тато да кажеш точна приказна….Со замокот и со река, а не со езеро што и не постои до замокот…Ете таа приказна да кажеш, а не друга некоја…
И така минуваа многу денови меѓу таткото писател и малата ќеркичка. Многу денови кои и не беа којзнае колку многу. За кратко време духовната беда толку го беше обземала Фридрих Густав што таа беда не ја ограничуваше на цинизам само кон луѓето вон неговото семејство туку и внатре во него. Сите луѓе станаа еден свет кој беше надвор од него, а тој самиот стана свет за себе. Некоја душевна болест можеби го беше обземала Густав Фридрих. Тој се однесуваше како голем простак и со жена му и со ќеркичката. Приказните оддамна прекинаа а ќеркичката залудно го молеше да и каже некоја нова или да повтори некоја стара, веќе кажана прикаска. Тој постојано ја одбиваше, се правдаше дека има работа, дека нема време за прикаски, ја прќаше да оди во другата соба кај мајка си и да ја праша неа за приказни. А малата ќеркичка плачеше и го молеше. Ама тато неееее, неее знаеш дека мама не знае кажува приказни, не знае кажува ко тебе татоооо. Мама само една знае приказна а и таа е неубава….Мама само знае да пишува математика татооо и да ми помага со домашното ама приказна не знаее…Сите молби остануваа неуслишени и покрај детските солзи кои се тркалаа по нејзинита мали обравчиња….Фридрих Густав навистина беше станал голем простак….Еднаш така му стана криво дека ќеркичката плаче за приказна што се нафати да и каже приказна, но тој веќе не беше истиот човек како некогаш. Тој како да беше друг Густав Фридрих кој никој не го познаваше. КАажи татко каква приказна сакаш? Не плачи тато, смири се…Дојди сега ќе ти кажам приказна…Сакам татко за кученцето приказната….зА онааа малото беличко кученце што било толкуууу мало што пет пати требало да исчекори за да се помести од место тато….Што било помало од глувче татооо …За тоа кученце тато…Може тато таа приказна ? Може тато.Сега ќе ти ја кажам целата приказна затоа што претходно никогаш не стигнав целосно да ти ја раскажам. Кажи до кај стигнавме со белото кученце тато? Епа тато до каде?….знаеш до кадее…..кога требало да почне да оди во училиште тато, кога му купиле буквар и кога требало да оди во училиште…Од таму веднаш почни зашто сакам да знам како поминало на училиште….. не мора да почнеш од почеток тато, зашто веќе знам како е почетокот, сЕ знам напамет, сЕ до училиштето,а после тоа не знам ништо што се случило….
Епа вака ќерко….Тоа беличко кученце тргнало да оди на училиште…Си го земало букварот и се симнало на улицата за да оди прв пат во училиште. А училиштето веќе знаеш дека било веднаш пред куќата кадешто си живеело кученцето. …И било така среќно внатре во душичката, така неизмерно среќно што за прв пат ќе оди на школо и што ќе научи да чита само, без некој да му помага….Лелеее татоооо… исто ко мене…И ја бев така среќна пред да одам на училиштето…И јас си научив самичка да си читам татоо… И тато и? И после кажи….ајде кажи што се случило?
Епа како што кажав, на кученцето тоа му било најсреќниот ден во животот и баш токму кога и самото кученце си ја мислело таа мисла, баш тогаш еден голем камион за собирање ѓубре поминувал на улицата и бидејќи кученцето било така мало,циганот што го возел камионот не го ни видел и го згазил со големите камионски гуми кои како и камионот смрделе на ѓубре и на гниеж од разни отпадоци. Лелееее татооооо…Лажеш татоооооо…Ама зошто….? Чекај ќерко да ти докажам….И камионот го прегазил кученцето и го сплескал на врелиот асфалт и си продолжил да вози до наредниот контењер за ѓубре. А од кученцето останало една локва крв на улицата, голема локва крв тато…Целото бело кученце останало сплескано на асфалтот и да се чуди човек како од така мало и никакво куче толку крв се разлеало по улицата….И умрело веднаш. Веднаш умрело кученцето и никогаш и не успеало да стигне до училиштето. Како и сите живи кучиња впрочем. Лелеее татооо лелеее татко ти лажешшшш…..Те мразам татоооо те мразам…….зошто го утепа кученцето што ти згрешило тоа кученце така мааалооо ,,,, ти го убиииии…..оооо …….те мразамммм….само сакаше да научи да си читаа…офф ллелелеелеее ооооооо ….Не го убив јас тато…Така е само вистината. Кученцето го згазиле и умрело веднаш. Останало залепено на улицата баш ко на цртаните филмови, само било мртво…..Ајде сега мрш кај мајка ти и никогаш повеќе да не си замолила да ти кажувам приказни…Имам јас и попаметни работи од тоа….
Ете каков простак беше станал Фридрих Густав…..
No comments:
Post a Comment