Алексеј започна како помлад референт во општинското собрание во зад-Волговската област. Обична служба, бирократска, купишта акти, папки, досиеја, молби, поднесоци, хартии….зафрлени предмети, скриени пресуди….-тоа со неколку збора беше еден голем дел од неговиот работен ден. Тоа беше и поголем дел од неговиот живот, зашто една третина од денот беше на работа, другата третина беше во кревет, а третата третина ја трошеше на патување со автобус од и до работата, на десетминутното шетање помеѓу рафтовите во големиот колонијал, на патување од и до домот, на малата прошетка околу станбените блокови и малку вдишување чад од блиската фабрика за правење цемент, понекогаш гледање телевизија, следење политички новости, понекоја книга….Ете тоа беше неговиот живот. Но понекогаш, токму кога слободно ја трошеше таа третина живот, слободната третина која му преостануваше, третината во која слободно можеше да си се посвети себе си, увидуваше дека и во неа како да нема време, како да неможе ниту тогаш да си се посвети на себе, да застане за момент и да размилси, да види, да испланира што понатаму? Што со животот? Што со пријателите? Што со?..
И тука, токму во неговата третина во која не мораше да се посветува на општествените должности беше попречен со посети на роднините, барање пријатели и бегање од нив, барање друштво и бегање од него, барање љубов и бегство од љубов…..секогаш се појавуваа од некаде, ненајавени и непланирани нови проблеми, а и нови луѓе, одненадеж, од никаде….а тој претходно тоа неможеше ниту да го предвиди ниту да го планира….како да неможеше ниту да управува со својот живот помислуваше. Во работниот ден правилата беа поставени од раководителот, имаше работно време, имаше процедури имаше формалности кои мораше да ги почитува. Надвор од работата исто така, мораше да се движи по тротоарот, да купи билет, да го покаже ако му го побараат, да го чека семафорот, да плати сметки…..да плаќа данок…..мораше да биде послушен…..ако не беше, повторно ќе мораше да одговори за таа непослушност со седење во затворската келија во Сибир. Кај и да е, немаше да биде по негова волја. Размислуваше така Алексеј понекогаш, на кафе паузата за време на работата, или додека ги носеше актите до претпоставениот службеник од горниот кат. Размислуваше дека беше принуден да оди на школо и тоа на две, во основно, па и во средно, да учи и граматика и географија и да го знае напамет вкупниот број добиток во Кавказ, и болестите што ги напаѓаат јагнињата во Казахстан, и да знае да собира, множи и дели дропки, алгоритми, и секакви други идиотштини кои мислеше никогаш ниту сакал ниту барал да ги учи и знае.... ама ете и тоа му велеа дека мора да се направи....Па следуваше факултетот, па ете сега и работата, кога ли само ќе ме остават сам? Кога ли јас ќе започнам да живеам по мое, како што јас си сакам? Кога ќе ми дозволат да заборавам на дропките, добитокот, статистичките податоци? Никогаш најверојатно. Ете пензијата по законот му следуваше дури на шеесет и пет години ако има среќа да ги доживее некогаш...Тогаш можеби ќе го остават на мир, затоа што ќе биде безвредно суштество на кое секој радо би му дозволил да си умре спокојно......Но тогаш ќе биде престар за своеглаво живеење? Што тогаш? Стар, ќелав и бездушен старец, што би можел тој да направи со својот живот? Да оди своеволно до аптека и во ред да чека за лековите кои му ја оддолжуваат смртта, кои му ја затапуваат болката во коските, во грбот, болките во главата, болката на неговото срце?.....Ништо ниту од тој план.... од ден на ден тој номадски порив во Алексеј се повеќе му внесуваше некој немир, некое лудило, некоја состојба на бунт против секој и секого, и против себе и своето робување.... длабоко во себе, копнееше по слободниот живот на неговите предци, на паганите кои живееја од ден за ден, некаде по планините, по речните крајбрежја, и тоа не само на Кавказ или до Волга, не само овде туку и секаде, во било кои планини, на било кои реки, на било кое поднебје.... копнееше по предците кои патуваа неуморно, од исток кон запад и повторно назад, со векови, со поколенија.....по предците кои танцуваа до занес околу огнот, сосема голи, сосема избезумени, кои врискаа слободно, повикувајќи ги милионите божества, самовили, духови и сеништа....По предците кои ниту одеа по тротоари, ниту градеа куќи, ниту купуваа билети во автобус, ниту некогаш некому се покорија, ниту на великите витези, ханови, императори, лордови, барони, кнезови....Можеби огромните владетели за кои Алексеј учеше во училиште ги покоруваа земјите, но не и неговите предци.....Како можеше да се пороби таа нивна душа? Тој нивен дивјачки силен нагон за слобода и живот? Никако......Тие само уште по радо се бореа против сите владетели, денес за доброто на еден, а утре веднаш бунтуваа и против него за да го пополнат времето, заради забава можеби, заради некое генетско лудило или поради што? Поради желбата да му докажат и на најголемиот дека невозможно е човекот да се направи поданик.....Дека невозможно е да се зароби дивиот орел, дека птицата заробена во кафез своеволно ќе се самоубие.....Да се докаже дека тој исконски нагон за слобода е нешто неуништиво, непокорливо, вековен троскот, плевел во душата.....тоа е единствениот начин да се биде Жив додека бавно, година по година чекориме кон нашите амбиси. Животот за тие прастари номади беше само уште едно обично патување, патување кое тивко и ненаметливо ги следеше сите останати патувања, патување кое се трудеа да го направат што по весело, патување кое се одвиваше полека, веднаш покрај патувањето на животот кон својот залез.А животот течеше и тогаш како и сега, не стоеше, човекот умираше и не беше вечно млад, реките не мируваа, ниту ветрот, ниту облаците, ни тие не си дозволуваа да му противречат на вечното движење, само полека го наслушнуваа ритамот на природата, правецот на ветрот и одеа по него, од земја до земја, од едно поднебје кон ново, досега неоткриено ...Таков беше и Алексеј, само во едно современо време кое пријателите го викаа средина на 20-тиот век....Тој беше паган и дивјак, мечтател заробен во општествен кафез....и ги изневери корените, се покори, година по година неговите нагони изумираа, се задушваа во чадот од фабриките, во смогот од возилата, се губеа меѓу купиштата документи во канцелариите по кои слугуваше.....Стана уште еден обичен меланхолик, стана тмурен човек со темни дупки околу очите, со строг и непријатен поглед, страстен пушач на цигари, конзумент на водка, телевизија, вести, плаќач на данок, службеник.....Стана заробеник, роб, поданик...Со еден збор стана современ човек. А таквите како него и против очигледното движење на светот, и против очигледноста на сета таа динамика и немир на природата се укотвуваа во бетонски пристаништа сред пустелијата од асфалтни улици. Се укотви и тој во градот полн робови кои безумно го трошеа животот, кои се обидуваа да го урамат во некои бразди и правила од кои животот беше исцицан....се обидуваа животот да го замрзнат како слика закачена на ѕид, се обидуваа да му дадат вечно трајни контури, да се спротистават на секоја промена, на секое движење, да го умртват од тоа постоење.....
Години подоцна веднаш по смртта на Алексеј адвокатскиот службеник го читаше неговиот тестамент во кој единствено порачал со неколкуте цепаници дрва и шишето водка што ги оставил да го спалат неговиот труп на клада која безгрижно ќе се движи по водите на Светата река, разнесувајќи ја пепелта полека по просторот, се додека последните зраци од сонцето си поигруваат по водите, се до таму каде реката се претопува во бескрајот на Морето....
На службеникот од посмртното претпријатие идејата на Алексеј не му се допадна и по краткото советување со претпоставениот недвосмислено заклучија дека тоа е само една луда идеја на еден сенилен старец, и се разбира го закопаа според обичаите, на гробиштата, го укотвија неговиот труп во уште една бетонска рамка во која ете дури сега Алексеj сосема своеглаво можеше да се оддаде на единственото нешто што му преостануваше во овој свет-на гниењето...
|
Saturday, August 22, 2015
ЖИВОТОТ НА ЕДЕН ОБИЧЕН СЛУЖБЕНИК
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment