Ништо невообичаено не се случуваше и овојпат. Рафаел си седеше тивко, молчаливо и размислуваше за неговото минато. Мислеше кои се тие потсвесни сили кои го влечат токму во некој одреден животен правец, токму во одредени избори кои до сега ги имаше направено. Кои беа тие несвесни водилки кои неможеше да ги одгатне и како би звучеле преточени во реченици и зошто некој умен, некој пророк или мудрец не се појави да му ги изрече, да му ги протолкува? Зошто секогаш сакаше и беше привлекуван кон таков тип на девојки, и никаков поинаков....Другарите не му беа такви, беа обични луѓе, наметнати од изминатите години, беа деца на обични работници, беа деца кои ги сретна во училишните клупи и засекогаш му останаа другари. Потоа станаа обични млади луѓе, кои играат спортска, кои пиеја по мали приградски кафеани, кои иако имаа крути ставови еве например за музиката, сепак за разлика од него знаеја понекогаш да се опуштат па и да прифатат и да се веселат и на музика за кои и самите знаеја дека е кич, но тоа не им пречеше. Да живееше во некое поинакво време сигурно тие луѓе ќе беа дел од ударната сила на пролетеријатот.......Но сега мислеше на девојките. Пред се едно беше сосема сигурно. Секогаш беа постари од него, не многу, по година, две, пет....меѓутоа секогаш постари...Еве да почнеме од самиот почеток од тогаш кога и самиот не беше толку свесен како човек ги прави изборите, еве кога Рафаел беше седум-осум години, кога започна да оди на часови по виолина се заљуби во својата учителка, во која навистина и да беше било кој повозрасен човек немаше да биде тешко да се вљуби во една таква, духовна, мудра, убава жена. Но и пред тоа, кога имаше 3 или 4 години сега се потсети, пак ја сакаше учителката од градинка, но сега сфаќаше дека тоа во градинката било сосема детска љубов, таа учителка беше убава но не беше слична на идните жени кои го привлекуваа. И сега кога мислеше на разликата во годините, на ум му доаѓаа и други моменти, онака небитни, моменти кои ги дофатил во последна секунда со работ од окото, во мигот пред да ги затвори клепките и пред да го насочи одот кон спротивната страна....Таму ги виде чудните милозливи погледи на службеничката во библиотеката, на касиерката во големиот маркет, на професорка од факултет, на жена што седеше во автобус спроти него..... ја виде онаа умерена, слатка насмевка на постари жени кои сепак не беа баш секојдневни насмевки, не беа насмевки кои не кријат ништо, напротив, и во нив имаше некоја симпатија која остануваше пригушена и недоизразена, убиена во својот лет од навиките кои општеството ги врежало во свеста на тие постари жени, создавајќи еден прифатлив модел на општествено однесување, пристојно однесување кое беше заробено од милијарда неприродни граници кои го ништеа духот и слободата на човека, особено ако човек во овој свет ја имал несреќата да биде жена..Овој свет- мислеше Рафаел, многу повеќе ги ограничува жените одошто мажите, многу по срамно е кога една жена ќе направи нешто исто со еден маж, на мажот секогаш општеството полесно му ги опростувало гревовите, само поради фактот дека е маж, а како таков дозволено е да се биде понекогаш и простак, и груб, и неморален, и неуреден и нечист и алкохоличар, и радикал и убиец, да се биде и Хитлер и Сталин и Буш и Кастро.....и што ли уште не. И тие жени осеќаа нешто во неговиот поглед, па со еден волшебено чуден поглед возвраќаа, можеби свесно, можеби несвесно, интуитивно. А девојките, помладите, да се навратиме сега на нив....Тоа беа девојки, кои навистина беа млади и сеуште не беа жени, не беа ниту мајки, но стрмоглаво одеа и кон таа цел. Какви беа тие? Што беше онаа заедничко кај сите нив што тој би можел да го издвои како искристализиран филтрат па да добие еден лик, една жена, да го добие тоа што го трагал од секогаш.....Сите беа црни, иако имаше сретнато и светли исто такви магични жени но веројатно животот, барем до сега, му ги немаше вкрстено патиштата со нив, можеби поради поднебјето во кое живееше....Значи,речиси сите беа со долга црна коса, понекогаш кадрава, понекогаш свиленкасто права и мазна. Беа со големи или мали очи, црни очи, очи кој сјаеја ноќе. Но сите очи сјаат, мислеше Рафаел, но, не беше тоа во тој обичен сјај предизвикан од рефлексијата на светлоста, не беше сјај предизвикан од насолзено око, беше тоа некој внатрешен, подлабок, исконски, прастар сјај, беше тоа духовен сјај....Сјај кој даваше одраз на блага меланхолија, на мала болка која тлее, на болка која можеби не е во душата на тие девојки од сега и од овој живот, туку речиси беше сигурен дека во тој нивни поглед всушност сјаеше времето, од искона, од дамнина, сјаеше историјата на човековиот стремеж кон живот заробен во минливи тела...сјаеше око на прастари божици, на старовековни блудници, на митски самовили, на нимфи, принцези, селанки, ....Сјаеше крикот на животот пред својот залез, зрачеше сигурноста на смртта која доаѓа секогаш, сигурно и непогрешливо. Духовен сјај? Размислуваше? Да, можеби. Но не беше сигурен каков тип духовен сјај е тоа. Затоа што девојките беа од различни општествени позадини, некои беа ќерки на шофер на сканија, други беа ќерки на академици, трети на работници, лекари, адвокати, стечајци, продавачи. Дел од девојките беа умни, начитани, паметни, другите не беа, немаа речиси никакво образование, некои беа религиозни фанатици други беа атеисти и пропалици. Е ако беше духовен сјај, стекнат од едукација, книги или образование тогаш Рафаел сфаќаше дека паѓа во логичка контроверза. Но Кирил Филозоф тивко го потсети-“ Не мора да ги прочита човек сите книги на светот, исто онака како што мене не ми е потребо да го испијам цело море за да увидам дека водата е солена...”
Да, беше тоа сепак некој необјаснив за него сјај кој и не беше секогаш нивна заслуга, беше можеби преостанат зрак живот од девојки изумрени столетија и столетија пред неговото раѓање, девојки кои повторно се претвориле во земјен прав, во ѕвездена прашина. Можеби ист таков впечаток и тој оставаше на луѓето чиишто духовни сетила, чијашто интуиција сепак сеуште не беше уништена од недуховниот механизам на современата машинерија на живеењето.
Љубовта во текот на животот кај Рафаел премина стотици трансформации во сфаќањето, суштината и дефинирањето, стана асоцијација на нешто сосема поинакво одошто останатите луѓе мислеа.....А Рафаел, сеуште е тивок и сеуште е таму, и продолжува и понатаму да чекори по стариот прашлив пат заборавен од цивилизациите, по прашливиот земјен пат каде попатно, сосема ретко, понекогаш среќава ЛУЃЕ, вистински, длабоки а обични, мудри а овчари, сиромаси а богати, различни, а во еден нивни дел за кои и самите не знаат исти ко него.....
|
Saturday, August 22, 2015
ПАТУВАЊЕТО ПО ПРАШЛИВИОТ ПАТ
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment