Со цигара в рака седев на клупата до споменикот на мојот починат пријател. Изгугубив осет за времето. Се сепнав осеќајки го бавното симнување на ноќта околу мене. Станав да си одам по патеките меѓу илјадниците споменици. Запалив нова цигара и слушнав нечиј разговор. Помислив дека и некои други ко мене изгубиле осет за времето тагувајќи по блиските, заборавајќи се на гробиштата до доцна во ноќта. Но не можев да ги видам, а ги слушав сосема јасно сите нивни зборови....Ме лазеа морници по целото тело, се укочив ко сидро на танкер и во таква вџашеност го слушав целиот нивни разговор. Гласот на едниот од нив беше сосема нечуен, ко тивок шепот, тоа беше новодојденецот на гробиштата. Беа тоа всушност двајца мртовци. Беа души кои прв пат се среќаваа во животот после смртта, души кои зборуваа за себе, седејќи на сопствените надгробни споменици. Гласот на другиот беше сосема разбирлив, а сепак тивок, беше некако како прекриен со сивило, како глас на човек со изгубена надеж, како глас на зачмаена вечност, глас обоен во тага.....Не успеав да дочујам сE, затоа тоа што следува можеби ќе ви изгледа неповрзано, чудно можеби, ќе ви изгледа и како монолог затоа што гласот на новодојденецот беше претивок за моите уши, ќе изгледа како прастар папирус во кој зборовите на едниот се сосема уништени од времето, од влагата, од земјата, а и нивните зборови се губеа по минутка-две и секаде на гробиштата владееше непријатна штама, потоа повторно успевав да дослушнам по некој збор од нивниот разговор, или само почетокот или крајот на некој збор, некоја нивна реченица.....А можеби тоа и беше само еден мртовец, а мене ми се причинило дека се двајца. Можеби беше само еден проклето осамен мртовец кој го минуваше времето зборувајќи сам со себе, со своите мисли, со својата вечност...А можеби беа и илјадници мртовци, можеби беа сите мртви од гробиштата и можеби секоја реченица доаѓаше од некој друг, а мене ми се причинило дека е истиот. Којзнае, не знам повеќе што е вистината, навистина не знам ниту дали сето тоа и навистина се имаше некогаш случено или како халуцинација ми останало во главата по една од безбројните ноќи заспиени покрај шишињата црвено вино....Навистина не знам..... Како и да било, Еве што слушнав -Добредојде во паркот на мртвите пријателу! Погребното место до мене еве, веќе цели две години стоеше празно, те очекував! Не знаев кој ќе го заземе, не ми беше ниту битно. Те очекував и покрај тоа. Епа, добредојде, повели седни спроти мене, седни за прв пат на твојот надгробен споменик, седни....Мермерот е проклето студен за седење, особено ноќе....Ќе се навикнеш....................ќе се на...кнеш на тоа студенило пријате......Ме прашуваш кој сум? Не знам и јас точно. Последните сеќавања за мене останаа таму некаде, далеку назад, во детст.....о....Останаа во виорот на планинските ветрови, во утринските магли, во пешачењ.......по плажите со татко ми, во школскиот тим по кошарка...на палубата на еден рибарски брод, на пристаниш....... во еден град...Ме прашуваш кој сум СЕГА? Сакаш да дознаеш повеќе за мене? Не знам како да ти одговорам, не знам ниту сам како да си одговорам. Не дека сакам да сокријам нешто од тебе едноставно и самиот не знам. Секој обид да се опишам, да ти кажам нешто за мене започнува и завршува во минатото. Започнува со тоа кој сум бил, и завршува таму исто така....Секоја меморија за мене е врежана во тоа што било некогаш, пред десети........ години или пред пет, или пред три, а и три години се проклето оддамна !!! Значи и не можам да ти тврдам со сигурност дека се било токму така како што велам, дека се се случувало онака како што сега се сеќавам. Со текот на времето сигурно мемориите ми избледнеале, настаните се деформирале во поубави настани можеби, а вакви, поубави ете сега и јас ти ги прераскажувам. Oстанаа само трагови од мене, или поточно трагови од тоа што јас некогаш сум бил. Останав во сликите од албумите, на таблоата во школите, во ходниците од факултетот, во некои туѓи градови, во прегратките на една мајка и еден татко, во срцето на една девојка. Таму останав јас, или поточно тоа што некогаш можеби сум бил јас....Ме прашуваш кој сум? Кој сум? Кој су....уууум? Не знам да ти одговорам. Немам осет дека сум некој, ме нема повеќе ниту на фотограф......... со моите пријатели кои останаа таму меѓу живите, ме нема ниту на работа, ниту во првиот утрински автобус кој ги носи луѓето на работа. Ме нема меѓу намќорестите случајно вкрстени погледи на нерасонетите работници,ме нема меѓу заспаните деца кои одат на школо, ме нема и таму кај што ме гледаш, ме нема во телото во кое сите живи некогаш ме препознаваа. Јас повеќе едноставно не сум. Ме праш........... кој сум ........јасссссс?Не знам да ти одговорам!!!.......Ете можеш да ја погледнеш сликата која ми ја ставија на мермерниот споменик. Но тоа не сум повеќе јас.....Можам да ти кажам за работите кои се сеќавам дека сум ги работел, за училиштата во чиишто клупи сум седел гледајќи низ прозорите, да ти кажам во кои земји сум бил, каде сум живеел, во кои локали сум наминувал, каде би можел да го сретнеш моето тело...Каде си можел да ме сретнеш и да поуабетиш со мене? Но тоа сепак не сум јас. Ме прашуваш што работам деновиве, овде на гробиштава? Дали има некој друг во мојот живот? Кој сум на фотографиите што ги пронајде кај моите пријатели? Да, и таму можеби ме има, како блед дух вештачки додаден на самата фото-хартија, како полупрозирен привид зад рамениците на толпата....Ме праш...... кој .....м јас и што мислам?Не знам да ти одговорам. Понекогаш се фаќам себе си како размислувам, и секогаш само за една девојка. Овде во паркот намртвите, имаме сите ние една нова способност во која ќе те упатам и тебе. Можеме да се враќаме назад во минатото и сосема неприметно да се појавуваме во животот, т.е во тоа што некогаш било наш живот. И онака неприметно се набљудуваме сами себе си, може дури ко мало човече да си седнеш на твоите рамења и по цели денови да се набљудуваш што и како си правел, со кого си бил, што сте разговарале и сето тоа го гледаш во сегашно време....само ти повеќе не си во тоа време, не можеш ништо да промениш, речиси ништо, поради тоа што вистинскиот ТИ е премногу глув да те слушне, прмногу слеп да те види, премногу зафатен да осети дека му седиш на рамењата....А всушност и ти си само дух, ти си само нем набљудувач и не ти е важно дали вистинскиот ТИ, дали живиот ТИ е среќен или несреќен, болен или здрав, дали ќе преживее или ќе умре. Твојата единствена задача е да му седиш некаде на рамењата и да процениш дали ја заслужуваме сопствената човечност.
И јас самиот честопати си седнувам спроти него, спроти тој труп што некогаш бев јас. Седам и го гледам како спие, потоа се буди. Се буди, а сепак месечари по цел ден. Доцна во ноќта повторно спие. Се буди и спие, спие и се буди, никогаш не е потполно расонет, постојано мисли на истото. Тоа е опседнат човек, неспособен за ништо друго освен разорувачко мислење на едно и исто нешто.....На едно и исто нешто, на исто и едно нешто. .............................шуваш кој сум јас? .....................ам да ти одго...рам. Можам да ти кажам какви мисли се појавуваат и потонуваат во длабочината на мојата глава.......................................................................Да, токму така. Живеев во тој град некогаш, токму во таа зграда која си ја препознал, на истиот тој трети кат во стан број единаесет, со истите тие родители кои си ги пронашол таму. Во истото маало. Ги имав и истите соседи. Да, да, Ете и тоа бев јас................сакав стари, многу стари автомобили...............Да, стари, иако не можам да се сетам дали некогаш поседував некој.................Доста е,.........Ете, седиме на нашите гробови и зборуваме цела ноќ, почна да студи пријателу, ти кажав многу работи, а и покрај тоа ти немам кажано ништо особено, ништо што може да ме опише мене. Ништо по кое би можел вистински да ме препознаеш, ништо по кое јас самиот би се препознал и би рекол воодушевено еееееј ете тоа бев јас....Ме прашуваш кој сум јас? Не знам да ти одговорам, останаа само бледи и несигурни сеќавања кои можеби се и настани кои им се случиле на некои од моите пријатели кои ми ги прераскажале мене, а јас ете сум заборавил и сега си мислам дека биле мои.....затоа те молам повеќе не прашувај ме за мене!!!!Во право си, С т у д е н о е...Живите спијат, дел од нив се будни и глумат мртовци во ноќта, светот спие, срцата на сите им се студени, празни, шупливи, метални.......а и ние мртвите сме само СТУД кој предизвикува морници во шупливите тела на живите.....Ајде да си легнеме до наредната ноќ! Студено е и месечината е полна. Утре доколку не е толку студено ти ќе ми зборуваш за тебе, а ако не ти е до зборување тогаш ќе зборувам јас, можеби ќе се сетам на сосема поинакво минато, можеби којзнае?....Добра ти ноќ! |
Saturday, August 22, 2015
РАЗГОВОР ПОМЕЃУ ПОЧИНАТИ ДУШИ
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment