Беше тоа само обичен ден. Ден налик на останатите во низата. А и низата не беше толку кратка повеќе. Спиеше неколку саати, се разбуди со околу литар кафе во својата утроба, отиде на испит, полагаше, се врати дома со околу литар вино во утробата. Празен фрижидер, неколку продукти кои мораа да се преработат за да станат јадливи, наплив на мрзева и многу разбирливо одлуката пак падна на единствениот инстант избор- кафе, многу кафе.....Инстант кафе, инстант живот...инстант секс....инстант пријателства...се беше инстант во неговиот живот.....Понекогаш и не прифаќаше пријателства ако не беа инстант....краткотрајни, за еден ден, за една ноќ.....Понекогаш и навистина не беа инстант и против неговата волја траеа и по недела и две, сосема ретко по еден-два месеци.....а потоа се изморуваше од квантитетот на податоци за истите тие личности, од квантитетот на податоци за себе што им го даруваше на останатите, и на сила се правеше досаден, сосема плиток, смотан, неискусен, будала од човек.....а токму таков и ним повеќе не ги интересираше па самите забораваа на него... Беше среќен во миговите кога од нивните очи успеваше да го одгатне зачетокот на зборовите “хм, како ли сум само погрешила во врска со него?Ми делуваше толку исполнето, длабоко, каде ли само исчезна длабочината која извираше од него”. Беше среќен кога на така безболен начин ги прекратуваше другарувањата, беше среќен кога секогаш создаваше ситуации во кои им дозволуваше на останатите да веруваат дека настанале спонтано, дека другите биле во право, дека другите ги влечат конците, дека другите го режираат филмот. Секојдневно создавеше идеи во себе, а потоа ги сликаше по платното на реалноста....А реалноста беше само несовршен одраз на зародишот во длабоката мисловност која никаде не оставаше ниту трага за своето постоење….Секогаш бегаше од трајното, од постојаното, веројатно имаше некој пра-исконски страв во себе, страв од развлекување на миговите, од зачмаеност во една позиција, дали тоа беше всушност само обичен страв од соочување со себе самиот, обичен страв од фаталната шах-мат позиција? Колку подолго си со исти личности, толку подолго си со самиот себе, размислуваше во себе! А што ќар од дружење со сeбе самиот?...Можеби беше тоа страв од потполното себе-осознавање....па затоа пиеше кафе, па вино или ракија-со нивна помош свеста за самиот него многукратно се рефлектираше низ просторот, се прекршуваше, оплодуваше, се подаруваше на множеството, губејќи се сам за себе се даруваше на останатите ...едното стануваше две, три, четири. Неговиот лик добиваше нови ликови, неговата свест нови хоризонти. Тоа беа истите хоризонти само фрагментирани, хоризонти со изгубена свест и сеќавање за својот идентитет.....Тој знаеше за своите стравови, тој знаеше за своите кошмари, тој беше свесен за сите нив.....но, но што дека....Посветувањето внимание токму на нив, едноставно не се вклопуваше во неговиот инстант живот, во неговата инстант реалност, реалност токму сега, токму овде. Секое нешто само за себе, секое едно-свет во себе....ништо со ништо во поврзаност, никаква мозаичност, никаква испреплетеност...Тој можеби понекогаш, на миг или два, кога погледот му минуваше крај работ од филџанот кафе беше свесен дека бегството од себе е едноставно без никаков разултат, дека како заинает токму себе се гледаше насекаде, во ликот со кој заедно пиеше кафе, во ликот на детето што плачеше пред големиот излог, во ликот на девојката која гледаше преку прозорот на автомобилот, во ликот на ликовите кои гледаа од големите платна во метрополитен музејот, во ликот на ....... А сега извинете ме....... Ете, тоа е се.
|
Saturday, August 22, 2015
INSTANT LIFE...
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment