Господинот Витман Валтер седеше во фотелјата пред телевизорот. Бездушно и со празен поглед ги менуваше каналите еден по еден без воопшто да се задржи и да погледа било кој од стотиците канали што еден по друг во бескрајна низа се редеа на телевизорскиот екран. И самиот незнаеше што прави, погледот му беше некако матно и нејасно насочен кон телевизорот но воопшто не беше тоа поглед со кој човек сака нешто да види или погледне, напротив како да беше поглед кој не гледа ништо, поглед едноставно насочен некаде недефинирано, поглед кој ја празни тагата во душата, поглед кој некако психички го одмараше или во најмала рака не го замараше дополнително.
Тоа вртење на каналите и притискање на копчето од далечинскиот управувач му беше прераснало во некој телесен тик, како навика нешто постојано да се притиска и да се менува сликата на телевизорот. Речиси половина година го правеше истото. Ќе се вратеше од некаде во својот стан, седнуваше некако стуткано во фотелјата и почнуваше со тоа притискање на копчето од управувачот. Можеби половина година немаше изгледано ниту еден канал, ниту една емисија, ниту една програма на телевизорот, а секојдневно седеше со часови пред него. Попушташе малку глас и се осеќаше како да е во некое место во кое има некоја поголема динамика од луѓе, место полно со врева, место исполнето со живот….-живот кој самиот Витман Валтер повеќе речиси и да го немаше, живот кој полека и секојдневно му истекуваше од неговиот песочен часовник, од неговата животна водена клепсидра.
Витман Валтер така седејќи во фотелјата – ко и години претходно, на денот кога наврши точно триесет и три години живот, едноставно сфати дека неговиот живот како и животот на многу други пред него повеќе нема никаква смисла. Стана револтирано, го крена телевизорот и го фрли низ прозор. Од тогаш натаму не знаеме ништо повеќе за господинот Витман Валтер.
Доколку нешто случајно дознаете Ве молам да ме известите!
No comments:
Post a Comment