По немирните соништа се разбуди рано наутро. Излезе во дворот, го зеде утринскиот весник оставен од момчето кое со велосипед ги разнесуваше весниците. Го провери и поштенското сандаче, неколку сметки и писмо. Чувствуваше дека е нешто неубаво, па несакаше ниту да го отвори. Но, го отвори. Писмо од само неколку реда, кратко и искрено, Едноставно му напиша дека тоа е крајот, дека несака, дека неможе понатаму, дека е крај на сето што помеѓу нив било ако воопшто и имало нешто. Ја замислуваше ноќе, доцна покрај трепетливата светлина на некоја слаба светилка како ги пишува овие неколку редови, наведната над масичката, со коса која и паѓа преку рамениците, покривајќи ја хартијата која ќе стане писмо, покривајќи ги зад себе редовите кои само пред малку биле напишани. Ја замислуваше, можеби вознемирена, можеби исплашена, можеби и среќна зашто конечно еве собра храброст да му каже, можеби во очекување на утрешната слобода и мир, можеби, можеби.....Тој збунето погледна наоколу а сеуште беше во дворот, се виде како го чита писмото по втор пат, по трет пат сеуште на тремот од куќата. Стана тажен длабоко во себе, и помисли каков неубав начин да се започне еден нов ден. Нов ден, сосема нов, а толку празен иако сеуште не ни започнал. Нов ден а тој еве повторно слободен и сам. Еве ми слобода која некогаш толку ја посакував размисливаше, еве ми и осама, еве сега имај се сам себе си, целиот без остаток....Посакуваше да испцуе некого или нешто но незнаеше што, но набргу сфати, да сега знаеше кого треба да пцуе, кого да удира, со кого да се бори.Не беше тоа прекрасната девојка, туку токму тој, самиот со себе. И на крај еве пак се докажа дека цел живот ко слепец и будала води битки против себе, против својата заслепеност.....или можеби не беше само неговата заслепеност? Можеби цел свет, сите останати беа слепи? Којзнае? ....Ја сакаше девојката, искрено, без намери да добие нешто од неа и да ја остави, без намери да ја злоупотреби било како, без намери да ја повреди, едноставно ја сакаше искрено, без измами, без обид да се прикаже пред неа во некое подобро светло освен вистинското, онаков каков што навистина беше.....Тоа светло, вистинското, како никому да не му беше потребно......Можеби само нему самиот. А оваа утро, овој ден и тој не го сакаше...Што ми преостанува сега, освен болната состојба на мојот дух? Ништо, проклетство....опцу тивко, и самиот незнаејќи што и кого пцуе, но опцу и по втор пат, некако му се чинеше така му стануваше полесно...Влезе во претсобјето, ги обу патиките, го зеде старото искинато палто и два долари и замина....Се упати кон врвот на планината која и оваа утро за среќа надвиснуваше над градот. Се воодушевуваше од нејзината постојаност, од спремноста секој ден да се биде планина, со истите сртови, со истите дрвја, со истите црти, со истата смиреност, со истите мисли, смирувачки и безгрижни, ете токму таа, една обична планина беше сведок како да се биде само едно, да се биде тоа што си а тоа да не ти создава проблеми.........Да се биде и да се опстојува и покрај мноштвото збудалени луѓе кои во нејзиното подножје дивееја a мислеа дека живеат. Луѓе кои ја раскопуваа и вадеа песок, луѓе кои ги корнеа дрвјата и сечеа шумите, луѓе кои фрлаа ѓубре и и оставаа лузни и ја огрдуваа. А таа, сепак, и со лузни и со ѓубре и без дрвја, остануваше истата, непоколеблива, можеби огрдена однадвор, но похрабра да опстои до крај...., или сепак и таа се менуваше? Нејзиниот раскош стануваше беден, а нејзините звуци побавни и тажни, речиси жалосни...Нејзините сртови остануваа непроменети но којзнае дали беше така и со нејзината душа? ....Тој се симна на последната станица на автобусот. Во едно село со народ од туѓа вера....Во село со џамии наместо цркви, а луѓето беа обични, селани, изнамачени, бедни и тивко го отпоздравуваа....Стигна до подножјето на планината и веќе почна да се заборава себе си, да ја заборава тагата....Се качуваше со недели и недели, бавно но сигурно чекореше кон висините...Од врвот на минарето на селската џамија се гледаше само како една мала црна точка која проклето упорно се искачува некаде....Се искачуваше со месеци, со години, времето повеќе незначеше ништо....Беше само мала точка во очите на останатите, а тие беа далеку, многу далеку, го напуштија оддамна.....се откажаа од него, еден по еден, никој не го очекуваше назад.....Црната точка продолжуваше, во очите на луѓето стануваше се помала, постарите и неможеа да ја видат повеќе. А точката растеше внатре во себе, нејзината љубов стануваше се поголема иако крвава и со лузни, но и таа како и планината незнаеше за прекинување на борбата, на животот....Имаше само една цел, да се љуби по секоја цена, да се љуби се додека животот Е, се додека ја искачува планината.....Неговата тага се претопуваше во уште поголемата тага на планината, неговите животни звуци стануваа дел од звукот на планината, неговиот живот -нејзин живот, трепетот на неговото срце- трепетот на планината одвнатре, неговата љубов- бескрај..... Секоја година во селото, кај последната постројка на автобусот доаѓаа се повеќе и повеќе луѓе од сите краеви на светот. Сите тие гледаа некаде под врвот на планината, некои имаа двогледи, други носеа и цели телескопи, сите втренчено гледаа некаде високо таму.....младите се шегуваа со постарите нарекувајќи ги будали, старите веруваа дека би можеле да ја здогледат точката за која селаните толку зборуваа, тивко и со достоинство....таа црна точка прерасна во мит, во копнеж на секој човек.....И постарите веќе губеа доверба и не веруваа дека таква точка воопшто некогаш постоела. ...Имамот на џамијата, речиси деведесет годишен старец кој оддамна ја очекуваше својата смрт, за последен пат се искачи до минарето и случајно го упати погледот кон планината.......подгрбавен и блед, задишан и вознемирен се симнуваше по стрмните скалила на џамијата...Облечен во црно, како дух, иако со месеци лежеше неподвижен во креветот иташе кон крајот од селото, помина покрај толпата неверници тивко шепотејќи: “кон врвот, кон врвот”.....се изгуби во подножјето на планината, и бавно се искачуваше нагоре со фанатичен сјај во старите очи, со детска радост во старото срце....Луѓето сега имаа забава, ја гледаа ново-појавената црна точка, гледаа во имамот и се шегуваа велејќи.... “побудале стариот”....
|
Saturday, August 22, 2015
ЦРНАТА ТОЧКА
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment