Saturday, August 22, 2015

si(L)ent footsteps…

Поминаа точно дваесет години откога последен пат се видоа. Таа замина. Замина и тој во сосема друг правец, во друга насока. Дваесетина години и неговите и нејзините денови минуваа со сеќавања на другиот, со спомени, развлечени ,забавени, замаглени, помалку горчливи и некако зачудувачки и пријатно болни. Беа тоа едни од оние спомени кои предизвикуваат некоја горчина во грлото, некоја мала, заглавена солза во окото. Спомени кои иако меланхолични сепак онакви за кои секој човек се радува ако било кога повторно ги осети во себе. Беа тоа спомени кои човек никогаш не сака да ги сподели со друг човек, ниту со најблиските. Тоа се едни од оние љубовни спомени, кои ни луѓето кои дваесетина години живеат заедно не се осмелуваатг да си ги признаат еден на друг. Како еден вид најважна духовна тајна која секој човек во себе ја чува себично, никогаш не осмелувајќи се некому да му ја одгатне. Како познавање некое духовно богатство кое на човек го прави да се осеќа повреден од друг човек, небаре познава таква вистина и таква тајна која другите не ја знаат ни оддалеку. Понекогаш, таквите спомени кај луѓето предизвикуваа некое мало чувство кое предизвикуваше да се осетат важни, да се осетат ко вистински човек, ко нешто што иако остарело, иако е бледа сенка на некогашната младост сепак ете некогаш искусило нешто вистинито, нешто прекрасно….. Го фати летот во три часот наутро. Во големиот град на другиот континент се качи и на вториот авион и по два часа слета во приморскиот град. Од еден дамнешен пријател разбра дека таа во овој период од годината е сама и летува во една прекрасна куќа покрај океанот. Нејзините деца во оваа доба од годината биле кај своите роднини на летување, а сопругот зафатен со други обврски. Се реши да отиде во тој град. Немаше никаков план. Незнаеше дали има смелост да ја види, да ја сретне. Незнаеше ни дали доколку таа го види би го препознала. Незнаеше дали сака да ги вознемирува духовите од минатото или сакаше се да остави закопано под длабоките слоеви прашина на времето кое одминало….Едноставно сакаше таму да отиде и да остави се само по себе да се одвива… Сакаше само да се осети близу, сосема близу до нејзиното дишење, до нејзиното постоење во овој свет, во оваа лето, во тој град покрај океанот. Сакаше можеби само да биде во состојба да го вдиши воздухот кој и таа го вдишува, да го помириса мирисот на океанот кој и таа го осеќа токму овде и токму сега…. Беше тоа некое необјасниво внатрешно лудило кое го водеше, необјаснив надчовечки инстинкт кој го тераше некаде напред, напред за кое ни самиот тој незнаеше кај ќе го одведе. Едноставно реши да го следи тоа лудило, тој тивок, нечуен глас…… Се распраша кај еден млад туристички водич за куќите покрај океанот и дозна дека се тоа големи куќи на некоја туристичка компанија кои богатите жители ги изнајмуваат преку лето… Младичот му даде мала карта на крајбрежјето и со рака му покажа кон каде да се упати, доколку сака да ги разгледа…. Беше сосема рано наутро. Можеби некаде околу шест часот. Бавно пешачејќи на работ од плажата, со чевлите во рака, а нозете во плитката вода се упати кон куќите кои се гледаа далеку на хоризонтот. Одеше бавно потонувајќи во меката песок. Гледаше отсутно во трагите кои остануваа зад неговите чекори, во формите што малите утрински бранови ги правеа по работ на плажата. Океанот беше тивок…..И тој беше тивок…. Неговата внатрешна тишина се вклопуваше во нерасонетоста на новото утро….. Чекореше така можеби цел час додека да стигне до првата куќа. Пред самата куќа имаше мал бар кој штотуку го отвараа. Ги подредуваа столиците и масите на плажата, а нерасонето младо момче ги преуредуваше пијалоците на шанкот….Беше првиот гостин оваа утро. Со гест на раката праша дали може да седне на една од столиците. Нарача шише џин и многу мраз… Погледот му беше некако сјаен и исполнет, полн со звуците на брановите, со одсјајот на сонцето кое штотуку изгреваше…. Пред да ја допие последната чаша конечно погледна кон куќите кои се протегаа на другата страна на плажата. Како цело време додека пиеше да немаше храброст да го упати погледот натаму. Како да отстапуваше простор на некоја негова внатрешна душевна битка која се одигруваше во него неколку дена по ред…..Расеани мисли, фрагменти од спомени, лудило, љубов….страв, страст….двоумење…..сето ова ко да правеше збунувачки вртлози во неговите мисли, во неговите намери….. Некако само знаеше дека е дојдено времето повторно да ја види. Само знаеше дека мора да ја види, да ја здогледа, да ја осети близу до него…..знаеше дека мора да ја почувствува за да се смири и да продолжи понатаму…..не знаеше дали сака и таа да го здогледа…..веќе и самиот се плашеше дека е премногу променет, дека е многу постар од некогаш, знаеше дека е друг човек од човекот која сигурно таа го памети поинаку, од човекот кој останал врежан во нејзините сеќавања од пред дваесетина години. Ја допи последната чаша џин и тргна кон куќите…..Некој внатрешен инстинкт го водеше кон третата куќа по ред. Некако и самиот незнаејќи како, знаеше дека токму третата е нејзината куќа. Со храброст на пијан човек се упати кон скалите. Знаеше дека ризикува да направи глупост, дека ризикува да заврши во полиција ….. сепак се качи по скалите кои водеа кон големата тераса со поглед кон океанот…. На една бела пластична лежалка во згрчена положба, со грбот свртена кон него, лежеше некоја жена. Покрај лежалката имаше метален сад за мраз кој беше оддамна стопен, неколку чаши со алкохол и коктели од доматен сос со водка. Со совршена сигурност знаеше дека заспаната девојка, дека тоа згрчено тело свртено со грб кон него е таа….Знаеше и по пијалокот, и по сјајното црнило на долгата коса чии прамени поигруваа на ветрот….Знаеше по тенот на кожата на девојката која спие, знаеше по минијатурните стапала кои од лежалката допираа на дрвениот под…. Ја обиколи лежалката и седна на подот покрај неа. Ги опкружи своите нозе со рацете и така седнат, на начин на кој седи дете, безшумно речиси и без да дише гледаше кон неа, па кон океанот, најизменично. Ветрот ја бушавеше и неговата и нејзината коса….. Сигурно беше опијанета и спиеше цврсто…..Доволно цврсто за да може спокојно да гледа во неа, да биде покрај неа десетина минути…..минути доволни да му го намалат внатрешниот немир кој го вознемируваше сиве овие години…. Знаеше дека нема храброст да ја пробуди, знаеше дека сево ова лудило кое го доведе до неа и немаше за цел да се видат расонети, разбудени….. Таа навистина беше потонета во сонување, а и тој иако буден, овие неколку дена немаше разум на пробуден човек. Беше во некое внатрешно лудило, во внатрешно длабоко сонување…..Дел од мислите му беа длабоко под океанот, дел во слабиот ветер, дел од нив беа споени со нејзините мисли и со нејзиното сонување…. Од внатрешниот џеб на сакото кое го држеше во рака извади исушена црна роза и нежно ја постави во нејзината полуотворена и згрчена дланка…. Безшумно како што и дојде се исправи, длабоко вдишувајќи од нејзиниот мирис ги бакна нејзините разиграни прамења коса и се упати кон скалите кои водеа кон океанот. Уште еднаш се сврте обидувајќи се тој поглед да го зачува засекогаш врежан во сеќавањата, обидувајќи се да го претвори во дел од себе, во дел од секое негово наредно вдишување….. Од далечините надоаѓаа темни, надвиснати дождовни облаци….Ветрот наеднаш се засили и маглинки од песок се креваа на работ од плажата. Застрашувачки силен екот од молња ја разбуди заспаната девојка….Наеднаш зачудено се исправи од лежалката и се присети дека случајно опијанета заспала надвор, на терасата. Направи неколку чекори кон оградата и во далечините здогледа човек во бело кој сосема бавно чекорејќи се губеше во маглинките од песок кои се правеа од силниот ветер….Погледот и нејзе и остана вкочанет неколку минути, токму кон тој човек во бело кој полека се оддалечуваше….Ветерот уште повеќе се засили, човекот во бело повеќе не се гледаше во далечините…
….. На нејзиниот образ од необјасниви причини се стркала солза која падна врз дланката во која дури сега , не знаејќи од каде, се појави прекрасна исушена црна роза….

No comments:

Post a Comment