Saturday, August 22, 2015

ОД ДНЕВНИКОТ НА ЖЕЛЕЗНИЧАРОТ


Солун (31.12.1896):
Честопати чекорев покрај шините на железничката станица. Рано наутро, кога сE беше како смрзнато од утринската магла, кога ги немаше луѓето, кога ја немаше раздвиженоста, кога локомотивите стоеја смрзнато и неподвижно...А потоа, потоа кога се појавуваа луѓето таа магија исчезнуваше меѓу викотот на нејасни зборови, џагорот на патниците, чкрипењето на возовите што доаѓаа и заминуваа....Чекорев со часови одејќи по шините, по нивниот раб, и гледав како возовоите заминуваа неповратно, без свртување назад, без тага за напуштените... истото тоа се случуваше во животот....Додека возовите на железничката станица само попатно подзастануваа, на минутка две, истото се случуваше со луѓето кои ги среќавав. Се појавуваа од никаде во некои магливи и студени ноќи, подзастануваа на месец-два, на година дена, а потоа, потоа заминуваа без збор, без свртување. Како да не се случило ништо, како тоа попатно подзастанување и чекорење со мене да било само мала игра, сосема неважна, сосема подложна на заборавот-ништо вредно за споменување, ништо особено, ништо што би принудило еден воз да застане засекогаш, еден брод да се укотви постојано во задскриениот залив, далеку од отвореното море, далеку од секое патување...                Се пробудив уште еднаш во утринската магла, солзите се тркалаа незапирливо, неможев ништо против нив, исто како што бев немоќен и со возовите...Мислев на личноста која беше постојан подстанар во моите мисли, додека таа веројатно сеуште спиеше...Се пробудив соочен со уште едно напуштање. Најпрво се трудев да делувам сталожено, сигурно, разумно можеби. Си мислев тоа е само едно сосема обично патување. А потоа, бура oд бес, бура од емоции, лавини од омраза кон себе, кон животот, кон патувањата, кон шините кои проклето спокојно уште еднаш ми го одземаа најмилото, овозможувајќи уште едно бегство во далечен правец од кој нема враќање, уште едно испловување на привремено укотвениот брод за кој по незнам кој пат сфаќам дека невозможно е да го принудам да остане...  
Честопати чекорев покрај шините на железничката станица со погледот вперен кон возовите кои заминуваа, слушајќи го заглушувачкиот тропот кој пред мене исчезнуваше во маглата. Денес повторно чекорам, денес не помислувам да застанам, да се вратам на пероните....овојпат ќе чекорам до крај.....овојпат заминувам јас, до таму кај што завршуваат шините, ако постои такво место.....овојпат чекорам сосема бавно и спокојно, сосема тромо, а на пероните......................на пероните на железничката станица засекогаш ќе се слуша заглушувачката метална врева на моето заминување... 

No comments:

Post a Comment