Saturday, August 22, 2015

БРОД...


Морнарот на проколнатиот брод разговараше со еден прастар македонски мудрец кој му рече-Ова што го гледам не е вистина, колку е студено...Во твојот свет без љубов се ќе се претвори во СМРТ и се почесто тоа те радува.....Беше во право, немаше аргументи за одбрана и молчеливо слушаше....веќе подолго живееше во својот свет без љубов, а некогаш веруваше  дека токму љубовта е погонот  кој му дава смисла на неговиот беден живот.Овде нема ништо што му е потребно, бедно е и сиромашно во црно белиот свет на егоизам, световност....алкохол, секс.....зар не е веќе се залудно? Беше очаен, како брод чијшто компас е оддамна уништен, брод што плови а никаде не пристигнува.... 
А бродот пловеше тивко и бавно.... неговата цел -незнајна.... можеби и непостоечко пристаниште на брегот на некоја земја. Посадата за чудо сеуште му беше верна и послушна и веруваа во неговата непостоечка мапа која ја криеше во сопствената кабина, веруваа дека еден ден, некогаш, било кој ден ќе пристигнат на брегот, на копното по кое еве со години трагаа, по копното кое го гледаа во сон но не и на јаве.....а тој беше само обичен и беден страшливец, бедник....кога тие одеа да заспијат во своите мали кабини и сонуваа за копното тој остануваше буден, одеше надвор, на палубата и ги бришеше сите можни средби со истото тоа копно- гледаше напред, а штом ја здогледуваше светлоста од далечниот светилник го менуваше правецот, го вртеше бродот назад кон отворено море, далеку од светот, далеку од животот, што подалеку од копното, го избегнуваше допирот со надежта и одбираше да не живее. 
Наредниот ден уверливо ги лажеше останатите морнари дека цела ноќ повторно ништо, ниту трага од копното, повторно неуспех, а на пладне држеше предавања за да го подигне нивниот дух и гордост, смелост, верба.....зар не тоа самиот шејтан проповеда религија? Тој беше Исус за еден ден....свештеник без вера за вера зборува.....Потоа ги проколнуваше боговите велејќи- Посејдон, Аполон, Алах, Вишну, Озирис подарете ми љубов зашто темнината сокрива нечие присуство а јас ја изгубив способноста да препознавам  во темнина, ја изгубив светлоста која ми беше дарена....зар тоа сеуште беше истиот тој човек? зар тој беше детето што некогаш зрачеше со вера, љубов, смисла, храброст, живот...детето на кое зборовите омраза, љубомора, освета, тепачка, му беа сосема непознати и туѓи. Токму тој кој за љубов и од љубов живееше, ја даруваше, ширеше, проповедаше...зар истиот тој кој зборуваше за сеприсутноста, ѕвездите, космосот, на балконите од станови во приморските градови.........зар тој е истиот кого книгите сами го пронаоѓаа и му зборуваа со шепот? Не, не сум истиот-размислуваше во себе...сега тој ги пронаоѓаше книгите и повеќе не му зборуваа, зар има живот или љубов -во човек кој се радува на книгите од Буковски? Беше слеп, ослепен , затапен, оглупен, бесчуствителен, јас и неможев да го преопзнам, зар и јас до таа мера бев изгубен?
 Залутани, сите ние, трагаме по суштината.....трагаме по смислата, по љубовта и ќе пловиме, (барем си ветуваме очајнички и неверувајќи во своите зборови)...Ах, колку е само студено?  Да, ќе пловиме се до денот кога ќе собереме храброст да го видиме светилникот а да не го сокриваме тој поглед, кога ќе имаме храброст да го допреме копното, да го почувствуваме тлото под нашите нозе, ќе пловам и јас до денот кога ќе престанам да бидам морнар и храбро ќе му го свртам грбот на бродот кој беше мојот живот.........или мислев на животот кој беше мојот брод?

No comments:

Post a Comment