Saturday, August 22, 2015

ЖИВОТОТ НА АРОНИН


Кога наполни триесет и три години точно во девет наутро Аронин замина на село во петроградската област. Реши да прошета по околните ридови и одеднаш здогледа стадо коњи кои мирољубиво си ги извршуваа секојдневните обврски. Беше некаде околу единаесет и триесет кога тој погледна в лево па се сврте назад и виде дека нема никој кој би посведочил за неговите намери... Отиде до црниот коњ ја зеде секирата и му ја пресече ногата. Се фати со прст за левата носница и се исекна. Сонцето печеше силно па Аронин ја зеде отсечената нога на коњот и седна под дрвото на сенка. Го извади малото џебно ноже и ја извади потковицата. Сега ќе ме следи среќа насекаде помисли. Стана од  под сенката,  ја зеде ногата и уште еден селотејп и отиде до троножниот коњ кој зачудено гледаше во човекот. Ладнокрвно се наведна, му ја намести ногата онаму кај што беше и пред да ја отсече и неколкупати ја залепи со селотејпот. Плукна пред себе, го потчукна сега повторно четвороногиот коњ по грбот и си замина.Коњот поживеа долго после настанот, а Аронин падна од дрво додека крадеше цреши од соседите и умре неколку недели откако ја украде потковицата од коњот. Ете таков беше животот на Аронин-обичен чиновник од предградието на Москва.
во чест на Д.Хармс -бр.3

No comments:

Post a Comment