Saturday, August 22, 2015

"Фантазмагорија"

Беше Недела, во текот на летото. Температурата тој ден достигна до 37 целзиусови степени. Неподнослива жештина….. Бертолд беше во автомобилот. Стана рано во 6, некаде околу 6.30 веќе беше на пат….Застана до бензинската станица на крајот на градот, ја отвори вратата, му пристапи момчето кое полнеше бензин на пумпата…Дизел, наполни ја до крај му рече….Се плаќа на каса? Да- на каса, одговори момчето, пумпа број 1.
Влезе внатре, чекаше да се појави некој вработен на касата….Почека, купи мало шишенце вода и плати за бензинот…
Влезе во автомобилот, ја затвори вратата и го слушна нејзиниот тресок…Тргна повторно….
Асфалтот беше изрешетан со дупки и нерамнини….Просто немаше каде да се вози….Но белата линија беше видлива, некаде полна, некаде испрекината…Го исклучи мозокот и целосно се внесе во возењето, во вртењето лево, па десно, во избегнувањето на дупките на асфалтот….Немаше возено подолго време на отворен пат….немаше патувано со автомобил на подолга релација веќе некое време…Ги снема мислите во главата, остана некоја чудна спарнина, жешкоста на времето….вибрирањето на асфалтот од испарувањето на воздухот… Неговиот видокруг го дофаќаше само горниот полукруг од воланот, и далечината на патот преку шофершајбната…..гледаше во тоа вибрирање на воздухот над асфалтот, испарувањето на воздухот, како во моментите кога се појавува фатаморгана си помисли…..жештината правеше воздухот да трепери над врелиот асфалт, да се искривува и исправува белата линија….да ги снемува дупките….Во таа тишина имаше чувство на спокој, но и незнаење каде се наоѓа…Дали ова возење во автомобилот е дел од неговиот живот? Или е дел од сон….извадок од некој расказ, роман од Џек Керуак можеби…..а автомобилот ја газеше белата линија која се одмотуваше до бескрај….до бескрај…..
По некое време квалитетот на патот се подобри….Следуваа тунели, па прекин….повторно тунели….Блесок од светлина, па мрак….и така неколку пати….испреплетеност на светлина и недостаток на светлина….Гледаше во брзинометарот….100….120…..140…Доволно брзо е си помисли? не? 160…. Доволно е? Осеќаше дека при таа брзина повеќе нема целосна контрола над ситуацијата, над автомобилот….не би можел да закочи пред некоја голема дупка на асфалтот….не би можел да избегне куче кое би претрчало ненадејно…..Но брзината некако не се осеќаше….ко да не беше доволно брзо…Дрвјата покрај патот сеуште можеше да ги види целосно, не заматено…сакаше да ја развлече сликата која ја гледа…онака како што кога човек се вози во брз воз, па сликата од прозорот е развлечена поради големата брзина….погледна во брзинометарот, беше 170…..наредната минута 190….веќе брзината беше така опасна што просто не можеше да го одвои погледот од патот пред себе и да погледне во брзинометарот, би било преопасно….би изгубил контрола над случувањата на патот пред него…на останатите автомобили ……успеа да украде миг и да погледне…беше 240….Внатрешно не осети никакво задоволство кое тркачите го имаат…немаше адреналин…немаше ништо…повторно празнина, повторно само екот….Наредниот миг помисли дека сево ова е голема глупост….малку флертување со ризикот….мирисање на близината на смртта… и ништо повеќе…До крајот на патувањето не покачи повеќе од 100…
30 км пред да пристигне  се промени времето…Спарнината се покачи, од никаде се појавија темни облаци….се истури дожд во толкава количина што бришачите ни на најголемата брзина не можеа ништо да постигнат…Врнеше десетина минути па престана….Се гледаше пареа како испарува од врелиот асфалт….Скршна од асфалтниот пат и се приклучи на земјениот кој водеше до викендицата кадешто тој ден беше неговиот татко…
Го затекна како ја коси тревата во дворот…Дрвцата пораснале….се станало позелено….се чувствуваше енергијата која татко му ја вложувал година по година во таа оаза надвор од градот…во таа викендица кадешто ги лечеше нервите и екотот во главата причинет од буката и лудилото на животот во градот…Наоколу беа зимзелени дрвја…Борови….смреки….дрвја кои и нему лично му беа омилени….блиски до карактерот….некако мислеше дека зимзелените дрвја поседуваат некој силен свој карактер….особини на осаменост, меланхолија, но и истрајност…без помош од некој друг, без интерферирање со останатата природа….
Се поздравија со татко му…Го прегрна и се воздржа да ги сокрие емоциите….Зад очите му навираа солзи од некоја непозната причина….Го немаше видено татка си неколку години…Сега уочи дека остарел, дека косата целосно му побелела, брадата која пред неколку години беше сивкаста сега беше целосно побелена….Го прегрна студено и почнаа неврзан, обичен муабет…како си….што си….(знаете за што зборувам). И покрај површните муабети кои ги разменуваа сепак на некој невидлив начин беа поврзани меѓу себе. Само никој во овој нивни живот не најде време и начин тоа јавно и јасно да го искаже. Секогаш делуваа како да се некои скарани соседи, разговараа со некоја дистанца, за некои муабети кои никогаш не беа премногу лични, за муабети кои не можеа да навлезат во ништо суштинско со цел да се зачува таа статус кво ситуација на скарани соседи, кои навидум се помириле но никогаш не го заборавиле минатото.  Таа слика на остарениот татко силно му се врежа во мислите….некако го засече длабоко….почувствува потреба за нешто жестоко за да заборави…голтна наеднаш чаша ракија и се врати во дворот….Веќе и Бертолд не беше дете….не беше ликот кој го има во фотографиите од гимназија, ниту од факултет….и тој беше променет и подостарен. Но некако, нашето лично стареење секогаш ни се чини непостоечко, не видливо…Секогаш кога ќе погледнеме некој постар од нас имаме чувство дека тој остарел, а ние навидум не сме толку променети…Исто и внатрешното чувство….Чудно е како ликот старее, се менува фигурата, се јавувуваат брчките, а внатре, душата, некако постојано има чувство дека е заглавена во еден единствен миг во времето…некаде таму на преминот меѓу гимназија и факултет….Се сепнуваме кога ќе се појави прослава за десет или дваесет години матура….кога? каде? Кој? Зар десет години поминале? Зар десет?
Можеби и повеќе од десет….
Дождот се стиши, се намали…Полека се стемнуваше….Се осеќаше убаво, пријатно на ова осамено планинско место. Не сакаше да се помрдне од таму…. Тако му полека почна да го средува дворот, да ја прибира косилката за трева, а кога заврши само уморно го погледна и праша, ќе одиме? Време е, треба да се спремам, утре сум на работа….Имаше само уште неколку години до пензија….Иако не сакаше да го напушти ова место и да оди кон градот, само кимна со главата и кажа, да, ајде да одиме…..Време е….
Прв влезе во својот нов автомобил, го запали моторот и полека го придвижи по кривулестиот, нерамен земјен пат…Две три минути по него и татко му влезе во својот стар автомобил….Го запали моторот и тргна….Времето беше пред стемнување, полумрак, но доволно светло да се забележат контурите на објектите покрај патот, контурите на автомобилите…Се приклучија на асфалтот….Повторно заврна, но не толку силно како претходно….Бертолд неможеше да ги оттргне очите од ретровизорот на својот автомобил…Воопшто не гледаше напред кон патот. Погледот му остана замрзнат во оквирот на ретровизорот, каде се гледаа два замаглени фарови од еден стар автомобил кој возеше 50-етина метри зад негoвиот…Се гледаа светлата од фаровите и дождот кој паѓаше на асфалтот….Иако беше сам во својот автомобил имаше силно чувство на некое присуство….некое така силно, заштитничко присуство….Двата замаглени фарови и контурите на стариот автомобил во ретровизорот само како да го потврдуваа тоа чувство….Како некој нечуен тивок глас да му шепотеше во ушите на неговиот живот….Не грижи се, овде сум…..зад тебе…..Не грижи се…..одсекогаш сум бил овде…..во твоја близина……не грижи се…..Кога некој би погледнал од висина, во мракот кој беше паднал над асфалтот би приметил само како два автомобила еден зад друг се движат по кривулестиот пат кон градот…..топла жолетеникаво бела боја од светлината од фаровите на стариот автомобил повремено, на кривините го осветлуваше поновиот автомобил пред него…Пред предното стакло на автомобилот прелета голема црна врана и испушти иритирачки силен крик….А внатре од подотворениот прозор на автомобилот од никаде се појави и прелета мала прекрасна виолетова пеперуга…
Наредниот ден татко му почина…..
Во мислите остана оној нечуен и тивок шепот….Не грижи се…..одсекогаш сум бил овде….во твоја близина….не грижи се…..

No comments:

Post a Comment