Saturday, August 22, 2015

ХИПОТЕТИЧКИОТ ЖИВОТ ВО ЕДНА ЗГРАДА


Живеам во зграда, една стара зграда, со некаде околу дваесетина станови. Мисловно се оддалечувам од зградата, хипотетички си клечам под едно дрво чешкајќи си ја брадата и набљудувам од далеку.... гледам дваесетина замоци, мали, безначајни, како мали осамени школки, како мали коцкички наредени една до друга, една врз друга, една покрај друга, и странично и вертикално а и дијагонално, некако плански, навидум уредно наредени коцкички...А во секој замок витези и принцези и млади и стари и деца но и пензионери, и штрби баби а и деца штрбави....И гледам и си молчам... има само еден празен стан, таму не живее никого и тоа е единствената празна коцка од нашата зграда....ноќе штрчи,и кога сите останати коцкички светат таму мрачно е и не свети...нема никого...
Некои велат тој стан бил проколнат и ноќе се слушале чудни звуци, имало духови а и живи мртовци правеле оргии и се смееле гласно, се кикотеле злобно а потоа весело...Наводно сите мртви по земјотресот таму се собирале и си правеле седенки, прикажувале приказни и правеле магии...Некои велат дека тоа биле духови на штрби баби од дамнина, од средниот век, тоа биле вештерки велат....Јас знам дека тоа се само бесмислици, можеби и има вештери но тие сепак се невидливи, јас знам дека тоа не е така бидејќи токму таму живеам јас, само невидливо, оти јас сум само дух ама не сум вештер, јас живеам само онака мисловно, оти сум се родил без тело, и кога сум се родил така, сите очекувале да видат тело, плот човечка ама ете никој не можел да ме види и оттогаш најпрво талкав по градот а потоа го пронајдов празниот стан во оваа зграда....и  оттогаш живеам во темно и не ја уклучувам струјата, си седам така и си молчам и постојано размислувам за озонските дупки и за глобалното покачување на температурата, за изумрените видови инсекти на Гренланд, за термитите, за бубашвабите, а понекогаш мислам и на Евроинтеграциите, ама ретко....А кога е ден јас ја уклучувам струјата но надвор е светло и никој не може да примети дека свети, оти светлоста светлината ја проголтува и невидлива ја прикажува ...Еднаш проголтаната светлост ја забележа еден дедо и им рече на другите дека светело кај мене, но никој не му поверува оти велат, стар бил и излапавеан.... А понекогаш онака хипотетички и излегувам од празниот стан и се дружам со други духови оти јас можам да ги видам, оти дух само од дух може да биде виден, и така бесетелесни шетаме навечер и молчиме заедно, ама се разбираме шо мислиме оти  на дух само дух може да го разбере па и кога молчи....и кога ќе се заситиме од молчење после се смееме и се поздравуваме па секој си оди во својот дом....но, еднаш така јас си замислив дека немам дом и незнаев кај да се вратам, поточно немаше кај да се вратам и оттогаш талкам постојано по светот и си молчам, оттогаш велат никој ме немало видено, иако останатите духови организирале потрага по мене и плачеле оти сум бил арен дух....Е оттогаш и јас изгубив секаква трага за мене и незнам што ми се случувало понатаму, незнам ниту кај сум бил ниту кај се наоѓам, ниту дали сум жив или мртов, некои велат ме имале видено на Хаити меѓу тамошните староседелци како сум постанал вуду-свештеник, некои велат сум се скрил во некоја од пирамидите во Египет, а други пак дека сум заминал со некоја комета која поминувала покрај земјата и сум рекол дека ќе се вратам после пеесетина години за да ја исклучам струјата во празниот стан која останала да свети како спомен на незнајните случувања во таа празна коцка од мојата некогашна зграда... 

No comments:

Post a Comment