Saturday, August 22, 2015

Ode to the Essenes… (in memory of Petar Deunov)

15 Јануари 68 година од нашата ера, локација – Помпеа, Италија.
Papirius Ahenobarbus седеше на малата маса покрај прозорот и само што го врати перото за пишување во своето лежиште на приборот за пишување.
Пред само неколку минути го заврши писмото кое го испрати до центурионот на една од далечните источни Римски провинции. Вообичаени известувања, службени информации исчкртани со неговиот препознатлив и тешко читлив ракопис. На папирусот хартија на неколку места се гледаше сеуште неисушено размачкано мастило -последица на неговото пишување со лева рака. Последната реченица зборуваше за последните воени подготовки за некој претстоен голем воен напад во една од источните римски провинции.

Се мачеше со пишувањето во полумракот на собата во овие рани утрински часови.
Само што го заврши пишувањето неколку заслепувачки сончеви зраци блеснаа низ прозорецот.
Убав начин да се започне овој ден си помисли….Си дозволи да гледа во оваа сончева магија речиси половина минута, иако знаеше дека потоа ќе му треба неколку минути за да му  се врати бистрината на погледот и да исчезнат сончевите светлосни дамки останати од гледањето во сонцето.
Се напи вода од металниот сад покрај прозорот и излезе надвор.
15 Јануари 68 година од нашата ера, локација - пештерите близу Кумран, 10 милји јужно од Јерихо, Палестина.
Бледолик и ковчест монах облечен во целосно бела наметка го довршува пишувањето на последните редови од едно ново, а во суштина исконски прастаро учење…илјадници испишани редови замотани во папируси, подврзани со кожна врвка се наредени во десетина керамички ќупови. Монахот ги селектира и подредува папирусите по некој свој замислен редослед. Ги запечатува керамичките садови со посебен восочен жиг со ознаки на тајното братство, притоа безгласно во своите мисли повторувајќи илјадници молитви упатени кон Бога.
Ова братство е  толку старо што неговиот почеток во времето никој не може ниту приближно да го одреди. По игра на случајот ова тајно братство, вековен носител на знаењето на цивилизациите, пренесувач на Светлиот пламен и знаењата за дишењето на Вселената сега егзистира по рабовите на општеството со само неколку преостанати монаси скриени во километарски длабоки пештери распослани по бреговите на Мртвото Море. Римјаните ги нарекуваат Есени, секта со десетици бледолики монаси, кои повеќе постат одошто живеат, а кои според нив го загрозуваат бескрајно моќното Римско Царство.
Месец Март  68 година од нашата ера.
Две илјадна римска војска го разорува Јерихо и се упатува кон Кумран. Papirius Ahenobarbus на блескаво црн коњ самоуверено ја води напред моќната легија…
Доаѓаат до Кумран, ги проетеруваат жените и ги спалуваат куќите. Нема никаков отпор, нема вооружени селани, нема возвратна борба. За неколку часа Кумран е целосно напуштен, населението разбегано на сите страни. Легијата се упатува кон блиските планини. Минуваат десетина дена проверувајќи го секој чекор од планините, влегуваат од една во друга пештера, плански и безмилосно ги ликвидираат еден по еден затекнатите монаси облечено во Бело. Во пештерите нема ништо, само неколку садови полни со вода, неколку килограми обично исушено овошје…..ниту трага од некое учење, книги или забранети ракописи.
Во последната пештера прв влегува  Papirius Ahenobarbus…со бескрајно смирен поглед го дочекува монахот облечен во Бело, стои простодушно исправен пред моќниот легионер и сосема мирно гледа во него.
Papirius од за него непозната причина остана вкочанет во место и само осети како наеднаш студен бран го обзема неговото тело, се вкочани целосно и остана загледан во длабочината на погледот на монахот. Сето ова траеше не повеќе од десетина секунди, а во ова кратко време низ мислите на римскиот војник како на филмска лента се пронижија сите поважни случувања во неговиот живот….за миг го здогледа своето раѓање како бебе, ги виде својата жена и моментот на раѓањето на неговите две мали ќерки….се виде себе си како напредува низ институциите на моќниот Рим, ги виде илјадниците загинати жртви и невини луѓе убиени од неговите верни легионери и од него самиот.
Некако тој смирен поглед на монахот во Бело со особено изразен духовен сјај како да продре низ телото и разумот на Легионерот….Како да ја растресе неговата совест, неговата душа…..или отсуството на истата во него. Во тие десет секунди Papirius осети непријатност од себе самиот, од своето постоење, некако соочен со погледот на монахот во Бело осети голем наплив на прекор и срам од самиот себе. Само што помисли да го прекине походот и да го поштеди овој изгладнет бедник пред себе, од зад грб во трчање во пештерата влезе еден млад, можеби петнаесет годишен легионер и со еден молскавичен потег со мечот го прободе монахот во Бело во градите, верувајќи дека го спасил животот на својот воен лидер.
Papirius Ahenobarbus свика на цел глас и со сета сила го удри младичот со раката обвиткана во метален оклоп, по што младото момче падна неколку метри наназад зашеметен од силниот удар.
Уште половина минута монахот во Бело и Papirius Ahenobarbus облечен во изразито црвена воена наметка стоеја еден пред друг со вкочанети погледи.
Како да беше застанало времето…
За тие триесетина секунди од местото каде што остана забоден римскиот меч, белата наметка на монахот педа по педа се обојуваше во црвено, а неговиот лик стануваше се по блед, речиси бел.
Во еден момент и двајцата имаа подеднакво црвени наметки.
На ликот на Papirius Ahenobarbus се појави некој болен израз, се примети надчовечко стегање на вилиците во некој гневен и нервозен грч но при сето тоа остана да стои исправено и мирно, со лик кој оддаваше живот полн со искуство, воени успеси, храброст и немилосрдност.
Потоа, монахот со веќе целосно во крв натопена наметка се струполи на земјата пред нозете на легионерот.
И покрај темнината во пештерата, на лицето на Papirius Ahenobarbus можеше убаво да се примети блесокот од слизнувањето на една мала солза.
На подот се направи голема локва со крв…..Последниот член на Есените замина во смирена бела смрт….
Во истиот миг пред влезот на пештерата се слушнаа крици на галеби кои го надлетуваа Мртвото Море во близина….
Посветено на Учителот – Петар Д'нов (11.07.2013)
Deunov-01Petar_Danov_1Petar-Danov-11

No comments:

Post a Comment