Saturday, August 22, 2015

ЛИАНГ ЧИУ


Некои го викаа Лианг Чиу, а некои го викаа со други имиња. Впрочем никој не го знаеше под истото име, сите го викаа некако поинаку, сите имаа поинакво мислење за него а никој вистински не го ни познаваше. Приказните за него одат до таму што некои од поновите генерации тврдат дека тој никогаш и не постоел, барем не на тоа место ниту во тоа време како што кажува приказната. А приказната кажува многу нешта а ниту една од нив толку значајна. Едни тврдат дека бил висок и со долга запуштена црна коса, со долга брада и парталав, тврдат дека и нивните пра-пра дедовци лично го познавале, дека живееле во првите куќи од едно зафрлено планинско село а тој живеел ете малку потаму на почетокот на шумата....Велат живеел во еден многу стар столетен костен чиешто дебело стебло било изгниено и шупливо, но доволно широко за да собере еден човек, или барем човек толку слаб колку што бил Лианг Чиу. А тој верувајте бил многу слаб...Но тоа што зачудува во приказната е што никогаш нема совпаѓање ниту за точниот назив на селото ниту за планината каде што многуимениот Ланг Чиу живеел. Едни тврдат дека го знаат не само името на селцето туку и точното место на самото дрво во кое живеел, и дека тоа дрво со вдлабнатиот дел било свртено кон исток, но никогаш тоа место не го покажале никому зашто тоа село оддамна било избришaно од мапите поради некоја многу чувана државна тајна, а и пра-пра дедовците оддамна биле починати па никогаш не се дознало по кој пат и преку кои козји патеки се стигнува до тоа село. Уште почудно е тврдењето кое вели дека стеблото навистина со вдлабнатата страна гледало кон исток но тоа не било наполно точно затоа што еден ден во неделата а тоа секогаш било во Недела дрвото се вртело за половина од круг и со истата таа страна гледало кон запад. А и самата планина не се дознало која е. Некои веруваат дека биле Хималаите во близина на Непал, а други ете велат дека било на планината Пинд и дека Лианг Чиу воопшто не се викал така и дека не бил Kинез туку бил Арап но кога бил многу мал одеднаш почнала страотна песочна бура во пустината и неговата Камила залутала и ете сега Лианг Чиу си живеел под Пинд. Оваа е можеби и најверодостојниот податок за Лианг Чиау, бидејќи тврдењата одат уште понатаму велејќи дека тој бил во вечна војна со боговите на Олимп. Приказната оди и уште понатаму тврдејќи дека многуимениот од Пинд секој ден освен во Недела скришум се качувал на Олимп и од таму боговите ги гаѓал со камења....А во Недела стеблото навистина се вртело кон Запад а Ланг Чиау кој секако не се викал така, тоа вртење никогаш не успеал да го забележи и тргнувал кон Олимп но во Недела никогаш не стигнувал до таму туку постојано се губел и се враќал назад. Велат дека и затоа од Понеделник до Сабота ги гаѓал боговите со камења оти мислел дека тие му прават магии и верувал дека во Недела Олимп никогаш неможе да се види ниту да се дојде до него поради простиот факт општопознат на тесен круг луѓе,- во Недела боговите се оддавале на оргии и пијанчења толку страотни што ниеден човек не смеел да ги види во толку распуштена ситуација. Но тоа секако не е точно, логиката ни вели дека цела работа е во вртењето на стеблото. Научниците тоа и го докажаа верувајте ми и тоа на сосема прост начин што секој просечен простак би можело да го сфати. Близу до дрвото имало река, таа река во еден дел понирала длабоко и тој подземен дел од реката бил веднаш под длабоките корења на шупливиот костен или орев или какво и да било дрвото. Меѓутоа  секоја недела селаните правеле насип и го менувале текот на реката кон запад за да ги наводенат посевите по полињата и да ги напојат кравите а дрвото наоѓајки се во таква ситуација во Недела се вртело кон реката за да може да дојде до потребната вода....Но Лианг Чиау тоа никогаш не го сфатил и затоа после некое време во Недела веќе не го барал Олимп туку собирал камења за да има во текот на цела Недела, а вишокот го трупал зад  дрвото за недајбоже боговите да дојдат да го нападнат. Но боговите никогаш не го нападнале ниту некогаш дознале кој е тој Лианг Чиау, ниту знаеле за дрвото ниту дека некој ги гаѓал од Понеделник до Сабота....Но, Лианг Чиау кој веќе знаете речиси е сигурно дека не се викал така, толку насобрал камења зад дрвото што се верува дека Кеопсовата пирамида не ништо друго освен камењата грижливо трупани и редени од Лианг Чиау. Единствено загатка останало од каде и како настанале другите пирамиди и како Лианг Чиау успеал да ја премести пирамидата од Пинд во Египет....Но и тоа сметаме дека не е голем проблем, има доволно докази дека реката покрај дрвото била реката Нил, така што и тоа верувајте ќе се покаже. А и да не се покаже сметаме дека тоа и не е некоја голема работа над која треба да се беспокоиме затоа што бројни се доказите и преданијата за многуимениот и многупознатиот Лианг Чиау и никаква ситница неможе да наштети на неговата големина....И ете вие читатели сведоци сте на Вистината за големиот и многуимениот за кој верувам и вие од некаде веќе имате чуено, а и да немате прашајте ги своите баби и дедовци ако не за повеќето сигурно ќе паметат некој непознат мал детал за многуимениот Лианг Чиау, а и да не паметат не беспокојте се многу зашто вечна е неговата грандиозност...Јас веќе се распрашував за него и веќе има знаци за неговото дело и на овие простори, го паметат голем број сенилни старци и бабички кои едвај зборуваат и затоа само фрагментирано дознаваме за него, а впрочем сите тие се толку сенилни што сите знаат но не ги паметат деталите и го именуваат различно, зборуваат за различни места и за други непознати податоци..... но да не се тревожиме, ве молам, и тоа гледате оди во наша полза...Но како што гледате ние впрочем и ништо со сигурност неможе да тврдиме за грандиозниот и многуимениот Лианг Чиау и затоа подобро да не зборуваме повеќе за него....Ќе биде подобро сите ние да зборуваме за нештата за кои со сигурност знаеме, но бидејќи ние за ништо незнаеме со сигурност  длабоко Ве молиме да не извинете и ете во овој расказ повеќе за ништо нема да зборуваме.....

No comments:

Post a Comment