Упорно трагаше по својот идентитет. Уште од адолесцентските денови се обидуваше да биде свој, да биде посебен, да биде препознатлив. Мислеше дека тоа не го прави намерно, туку навистина е само онаков каков што е по самата природа на нештата. Но дали алиштата беа по самата природа сами зададени? Дали обликот на фризурата беше токму таков вроден или тој имаше сепак некое потсвесно или сосема свесно влијание врз своите движења, својот од, врз оддекот на својот чекор по калдрмата во Охрид, Струга, Битола, Старата чаршија во Скопје...Дали имаше некоја замисла, дали имаше модел по кој потсвесно се водеше? Секогаш кога размислуваше на таа тема негираше било каква намера, било какви замисли, било какви имитации..Веруваше дека е уникат, единствен таков примерок на природата, не гледаше никаква сличност во својот физички изглед со изгледот на неговиот татко, иако сите останати кои некогаш, многу оддамна го познавале татко му велеа дека е негова реинкарнација, негова копија, негов одраз, оттисок...Тој се смееше со недоверба и си размислуваше, нека ги, будали стари луѓе, кај можат да ја видат таа сличност која никаде не постои?...И навистина на прв поглед не постоеше. Татко му веќе беше оддамна ќелав, со сосема побелена коса од тоа што му беше останато. Погледот во сините очи веќе малку матен како на старец, годините едноставно оставаа траги врз неговиот татко како и врз секој човек...
По многу години отсуство од дома, по многу години разделеност од родителите, кога наврати на кратко да се види со своите му се случи вистински духовен пораз....Татко му беше уште постар, мајка му можеби имаше некое проклетство Доријаново, но тоа што тој го виде во себе беше поразувачки....Сеуште беше млад, но повеќе не беше ниту дете, ниту адолесцент, сеуште беше млад, но повеќе не се препознаваше во старите слики. Ги гледаше промените, во ликот, во тежината, во одот, во формата на рацете, очите, лицето...Неговото тело беше променето, веќе го немаше онаа детско полуоформено лице, недоразвиено тело, туку напротив неговите црти, неговата лика веќе добиваа некоја постојана форма, некој многу потраен поизразит облик кој не се менува веќе секое наредно лето.... Случајно погледот му падна на неговите раце. Таму ги здогледа рацете на татка си, таму ја виде онаа мала точка над левиот прст токму на истото место каде што ја имаше и неговиот татко...Бојата на косата беше истата со онаа што некогаш ја имаше татко му....Веќе не ги бираше алиштата со некое внимание, туку онака, што му дојде подрака, веќе немаше посебна фризура, косата почна да му опаѓа.....иако толку млад тој се претвараше во својот татко...да, веќе немаше грешка. Спореди некои стари фотографии од татка си и таму се гледаше себе си....Почна да размислува, а неговиот живот или поточно -неговто сфаќање на животот веќе започна стрмоглаво да се урива. Сега, од овој агол работите делуваа сосема поинаку, ги губеа старите значења а добиваа уште постари значења, можеби оние што татко му некогаш ги имал.Тој сЕ до тој ден веруваше дека живее, дека секогаш слободно ги бирал правците по кои патуваше, ги бираше училиштата, девојките, пријателите, алиштата....и да, тоа никој не може да му го порекне. Но што стоеше зад тие избори? Неговата волја секако, но имаше нешто подалеку и од волјата, сега виде дека волјата не е тоа првобитното, дека зад неа има нешто прастатро, нешто непроменливо, можеби и предодредено....Колку губат од вредноста делата на еден човек кој не го познавате кога тој истиот проклето многу личи на некого што го знаете па си помислувате дека е токму тој?.......дали тој го губеше својот идентитет? Тоа незнаеше да си го одговори, но го изгуби тоа што претходно мислеше дека е идентитет, а по подолго размислување увиде и дека и не е потребно да го знае одговорот. Во само пет минути од овој ден тој се промени засекогаш, тој изгуби огромен дел од својата гордост, стана човек без лика, тој стана помудар можеби. Во миговите кога допре до пределите во кои увиде дека тој не владее, кога наиде на нештата кои беа дадени и замислени од некој невидлив а илјадапати помоќен извор од него сфати дека неговиот живот е само продолжување на една магична низа, тој е само мала алка која почнуваше столетија и столетија во минатото....тој и немаше некоја голема улога во таа низа. Единствената цел која некој многу помоќен му ја беше замислил беше само улога на обичен доставувач, еден вид поштар, колпортер на животна енергија која не беше негова, ниту на татко му, ниту на неговиот дедо....ниту ќе биде тоа енергија на неговите деца....Од таа небесна висина, гледано толку далеку одозгора тој виде дека неговиот живот, а и било чиј живот нема никакво значење- за секој кој од таа висина барем еднаш би погледнал.....Се насмеа тивко, уште потивко изговори –триесетина години во заблуда штотуку поминаа, триесетина години во заблуда дека владеев со мене изминаа исто така, тој започна да ги чувствува конците кои го водеа неговиот живот или само неговата улога во оваа постоење. Тој изгуби сЕ што веруваше дека досега поседувал, се изгуби себе си и оттогаш започна да го одбегнува прашањето кој сум ЈАС? Затоа што повеќе и самиот незнаеше што се содржи во тоа “ЈАС”, веќе тоа “ЈАС” му делуваше бесмислен збор, збор во кој тој никаква содржина неможеше да вметне, а можеби напротив, збор кој единствено треба да постои, збор кој би ги уништил сите останати зборови, збор кој би го проголтал универзумот во целина, а дури потоа, дури по тоа проголтување, во таа огромна космичка празнина би можел тивко да шепоти “ЈАС”, “ЈАС”, “ЈАС”............. |
Saturday, August 22, 2015
ИДЕНТИТЕТ ИЗГУБЕН ВО НЕБЕСИТЕ
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment