Saturday, August 22, 2015

ДЕЛ ОД РАСКАЗ...

Детето се врати во своето родно место, во местото во кое првпат ја здогледа светлоста, па потоа ја засака, каде прв пат  ги научи зборовите, а потоа почна да ги поистоветува со предметите наоколу. Таму за првпат дозна што е тоа автобуска станица, волшебно место,  еден вид тунел поврзан со секое друго место во светот. За првпат на истата таа станица посака сетилно да го почувствува одделувањето од колевката, одделувањето од својот првичен свет....за првпат таму влезе во автобус и на секогаш испразнетото последно седиште ги остави заборавените свои детски желби, копнежи и мечтаења, а потоа го препознаваше истиот тој автобус во секое друго превозно средство што наликуваше на машина која може да те телепортира во непознатите места расфрлани насекаде по универзумот. А тогаш  универзумот беше сосема мал. Неколку градови видени преку одблесокот на автобускиот прозор и уште повеќе имиња на градови и селца кои сеуште не ги беше забележало во прозорот на автобусот-неговиот визир кон светот на надворешноста- која прекршена еднаш преку прозорот уште еднаш се прекршуваше од сјајот на неговите очи разлевајќи се во прекрасен акварел кој како капки дожд ја размаглуваше илузорноста на таквите сетилни впечатоци, ја сокриваше големата болка на постоењето во свет во кое времето беше скаменето како зрнце песок во кое конвергираа сеќавањата, сегашноста и времињата кои надоаѓаа незапирливо......

No comments:

Post a Comment