Saturday, August 22, 2015

Самсара … (wheel of life)

Неколку расеани одблесоци светлина се прекршуваа преку прозорот во собата во која штотуку влезе Валтер Витман…Светликави точки кои влегуваа преку дупчињата од ролетната си поигруваа на стаклото од малата маса на која имаше оставено неколку фотоалбуми. Валтер седна на подот, веднаш до масата и така стуткан ги зема албумите и почна да ги разгледува фотографиите…
Стотици фотографии развлечени низ неколку децении….фотографии направени пред педесет години, пред триесет, пред дваесет, пред пет години….фотографии направени пред само неколку месеци….Валтер Витман ко дете, Валтер Витман во градинка, Валтер Витман на групната фотографија од училиште во трето одделение, па во четврто, па петто и така натаму. Валтер Витман –фотографија од Матура….Валтер Витман во болница со нога во гипс… В.Витман со група студенти на некоја екскурзија….Витман со првата девојка…Витман на море со друга девојка….Витман на свадбена прослава со госпоѓата Витман и стотици други гости…Витман со мало бебче во рацете, Витман турка бебе во количка во некој голем парк, Витман со мало девојче кое штотуку го направило првиот чекор, Витман сликан со девојче со штрбава уста и голема среќна насмевка со два заби, Витман со истото девојче со штрбава насмевка со четири заби….Витман со ќеркичката со сите забички и со ѓа Витман….Витман со пријатели, Витман со…. Витман……Фамилија Витман на годишни одмори, на море, …Витманови во борба со снежни топки, Витманови на планина….. Витманови на десетиот роденден на малата г-ѓица Витман сликани во моментот на дување свеќи….Витманови на триесетиот роденден на Валтер, на четириестиот…. Валтер Витман во црно на погребот на г-ѓа Витман- фотографија направена пред десет години… Валтер Витман во црно бела фотографија- осамен и замислен при некоја прошетка –фотографија направена пред пет години..Валтер Витман во колор фотографија, осамен, замислен-на непознато место-фотографија од пред неколку месеци…
Валтер ги отфрли албумите прокнижени со сите тие сеќавања, со сите тие украдени мигови од минатото, мигови на среќа, на љубов, мигови на исполнетост, младост, мигови на живот во боја…. мигови на постепено стареење, мигови на тага, на несреќа, на родендени и смрт….на деца и старци, на љубов и самотија….на безгрижни погледи но и мигови на замислени отсутни празни и болни погледи….мигови негови и мигови туѓи….некогашни, дамнешни и сегашни….
Витман се обиде да се исправи од стутканата детска положба во која беше седнат покрај ниската масичка во собата во која ги разгледуваше албумите, но некако при првиот обид не употреби доволно сила во веќе старите раце кои при товарот на неговото тело потклекнаа надолу и тој пак се најде во истата седечка положба, се обиде по втор пат со поголема цврстина во рацете и се исправи, се потпре со едната рака до столицата која беше во близина и упати поглед кон сончевите зраци кои поминуваа низ ролетната….во тој миг ко да здогледа некоја експлозија од заслепувачки силна блескава светлина која како да ја опфати целата просторија……некако му се замати погледот, осети силна остра болка во срцето кон кое неговите раце рефлексивно се насочија….се држеше за градите, се наведна надолу и се струполи на подот, се згрчи така и остана во таа стуткана положба додека неговото тело целосно не се олади и стврдна ко тело на вистински мртовец….
Кога човек така одозгора би имал можност да упати поглед кон просторијата во која почина Валтер Витман прво би го здогледал неговото стуткано тело, тело на човек свиткано во положба на фетус…. кога така гледајќи некој би вложил поголемо внимание и би го изострил погледот, исто така би го здогледал и малиот фотоалбум, веднаш до згрчената дланка на Валтер Витман….-малиот албум кој случајно се беше отворил на првата страница, на која во положба на фетус имаше фотографија од мало бебенце во пријатен и безгрижен сон, во мало, бело, метално болничко креветче,- црно бела фотогрфаија на која на задната страница со веќе избледеано мастило можеше да се прочита— Валтер Витман 1952, фотографија направена првиот ден, на денот на неговото раѓање….

No comments:

Post a Comment