Saturday, August 22, 2015

Кругот на Густав Климт

Густав живееше во уличката веднаш над куќата на Климт. Беше последна година во гимназијата. Климт беше уметник, некаде во своите триесетти години. Оддаваше впечаток на многу постар човек, оддаваше впечаток на уморен лик, со видливи брчки по челото. Имаше запуштена, разбушавена и веќе посивена коса. Излгедаше како да има многу повеќе години од годините што навистина ги имаше. Густав во своите мисли му даваше најмалку четириесет и две или четириесет и три години. Климт беше чуден човек. Беше претерано повлечен, недруштвен, па слободно би можело да се каже и див. Немаше никакви контакти со соседите, немаше никакви контакти и со родителите кои живееле некаде во друга земја. Климт беше самотник. Беше осамен уметник, беше загонетниот лик за кој цел град можеше само да нагаѓа и претпоставува, но никако нешто да тврди со сигурност. Единствениот човек од градот кој некогаш влегол во запуштениот двор од куќата на Климт беше Густав. И тоа се случи сосема непредвидено. Еднаш, пред десетина години, Густав се искачи преку оградата од дворот на уметникот, се префрли од другата страна и влезе во дворот за да ја извади топката која му отскокна позади оградата. Таму, во близина на топката го затекна Климт кој беше сосема вкочанет, со брадата потпрена на раката. Густав исто се вкочани и очекуваше да добие или ќотек или некое невидено викање од дивиот човек што се затекна пред него. Но Климт не се ниту подмрдна. Беше вкочанет и неговиот поглед….. и тоа не во малото дете кое скокнало по топката туку некаде недефинирано, некаде далеку,неодредено…..Густав со мали чекори и сосема преплашено полека се движеше кон топката со цел да ја земе и што побргу да избега и да се врати од другата страна на оградата. Во мигот кога се наведна да ја дофати со врвот на прстите, а тоа беше моментот кога и најмногу се доближи до вкочанетиот уметник, во тој миг громогласен викот излета од устата на Климт, Густав преплашен пребледна и извика панично од страв, но не успеа да се помрдне од место. Веднаш потоа следуваше громогласната смеа на Климт, која траеше можеби десетина секунди, а потоа тивко кажа, земи си ја топката дете, или прави што сакаш, но нема потреба да се плашиш од мене. Ако сакаш, остани овде и играј во дворот….Јас ќе влезам внатре во галеријата. Ти биди овде….Патем, се викам Климт…..а ти? Густав…..Епа Густав, ти си првиот човек што влегол во оваа куќа….Ако некогаш имаш потреба да избегаш од дома или од било што што те мачи, ако некогаш ти е потребно твое скришно место, прескокнувај ја оградата и доаѓај овде….Јас и така веројатно нема да те приметам…. Така Густав доби слобода кога сака да ја прескокнува мистериозната ограда која целиот град го одвојуваше од еден посебен град-еден посебен предел на сивило и некој меланхоличен мир кој владееше отаде оградата. Во дворот од куќата на уметникот Климт. Сепак и покрај слободата да преоѓа од другата страна, некое особено пријателство меѓу детето и Климт не се разви никогаш. Впрочем, како што Климт му кажа првиот ден така и беше. Речиси никогаш не примеќаше дека Густав е овде, во дворот, во близина. Или само го игнорираше во потполност неговото присуство. Климт секогаш на кратко излегуваше од ателјето кое беше во приземјето и се спојуваше со дворот. Излегуваше целиот замачкан со бои или излегуваше со сад полн разредувач за да ги омекне заборавените сликарски четки кои станале тврди како камен и неупотребливи. Секогаш кога сликаше Климт носеше една маица на кратки ракави која некогаш сигурно била црна, а сега беше избледеана и светло сива…На неколку места на ракавите и на грбот беше искината. Под тие мали дупчиња во маицата назираше бледата кожа на уметникот… Климт секогаш мирисаше силно на бои, на некои чудни лепаци со јак мирис или на остриот мирис на разредувач….Многупати после чистењето на четките, или додека ги оставаше да се натопат во садот со разредувач Климт знаеше да седне на една платнена столица која постојано стоеше во дворот и чиешто платно беше исто така избледено од дожд, од сонце, од негрижа, платно кое исто така беше предвреме остарено како и човекот кој седеше на него. Еднаш, пред само неколку месеци, во еден таков ден кога Климт веројатно заврши некоја негова нова слика, излезе замислен во дворот и седна во столицата. Делуваше толку уморен, делуваше така истрошено што човек би помислил дека е старец на умирање. Со врвот на окото примети дека некаде во позадината на дворот седнат на земјата седи младиот Густав. Стана, влезе во ателјето и задишан со крајни напори довлечка едно огромно платно, свежо насликано, поставено на едни слаби полуискршени даски. Ја постави сликата пред вратата од ателјето и повторно седна на столицата зјапајќи во неа, а потоа за прв и последен пат му се обрати на Густав:
И кога би живеел на плоштадот во Ерусалим, човек секогаш сепак би живеел сам. Не е возможно било кој да соживува со тебе. Не постои човек што некогаш искрено би го поделил неговиот живот со твојот. Сите ние сме затворени кругови и никаков пресек помеѓу било кои два круга воопшто и не е возможен. Едни се кругови полни со лага, други со волја за пари, трети за минлива страст, за секс, за себични краткотрајни побуди, побуди кои не траат долго, кои не траат доволно долго за да прегрнат едно искрено закрвавено човечко срце. А мојот круг Густав е толку голем, а толку осамен, толку кревок, а целосно закрвавен…..Толку ранлив, а изрешетан од сите останати кругови….Запамети само едно нешто…..Ќе помине време и ќе влезеш во животот, ќе живееш, ќе оформиш семејство, ќе најдеш љубов…………….но сето тоа е заблуда Густав, едно по едно, сето тоа ќе се разоткрива и расоблекува.. и кога на крај се ќе остане голо, дури тогаш ќе видиш дека цел живот си живеел сам, во својот круг…..А и да не си……Сосема сигурно е дека ќе умреш во твојот круг, а никој друг во него не би можел ниту да стапне.
(Имињата Густав и Климт се случајно одбрани и на ниту еден начин не се поврзани со кругот на Густав Климт).

No comments:

Post a Comment