Saturday, August 22, 2015

ОПСЕСИЈАТА НА ЕДЕН МИТСКИ ЛИК


Еднаш, многу оддамна додека спокојно чекореше по брегот на прастарата река, големиот Буда  сосема со тивок глас му рече:Кога ќе умрат сите желби, дури и оние најмалите, дури тогаш твоето страдање ќе исчезне...Тој меѓутоа беше само дете, а оваа попатно изречена изрека никогаш не ја сфати сериозно, како што впрочем се случуваше и со многу останати учења низ кои минуваше во текот на животот. Можеби едноставно не беше спремен да ја открие вистината зад тие зборови. И имаше желби. Имаше желби како што имаат и сите останати луѓе, и големи и мали и копнежи и посакувања и неостварени сништа. Дел од нив се остваруваа но многу поголем дел остануваа во замаглената сонувачка димензија и како сиви и натежнати облаци го правеа тмурен, го помрачуваа неговиот живот. Имаше желби сосема обични секојдневни, но и љубовни исконски, желби кои ја распарчуваа неговата душа, љубовни желби кои го крвавеа неговото тело, неговото битие кое како заинает се повеќе и повеќе посакуваше, сЕ повеќе и повеќе несвесно се стрмеше кон бол, кон илузии, кон очекувања. И додека очекуваше некоја желба да се оствари, и кога почнуваше да го гледа раѓањето и остварувањето на некоја таква желба со поглед полн верба во иднината, чувствувајќи благодарност кон музите кои му навестуваа радост, во тие мигови на исчекување исчезнуваа сите надежи, сосема брзо, изненадно, неповратно, сЕ одеше стрмоглаво кон пропаста. Желбите никогаш не се остваруваа, напротив, единственото кое како видлив траг, како сведоштво по нив остануваше беа лузните длабоко врежани во неговата душа. Тој, сепак никогаш не учеше на грешките, никогаш не го почитуваше искуството. Раскрвавен во срцето посакуваше уште повеќе љубов и уште повеќе желби. Несвесно и пркосеше на судбината….По секоја пропаст, по секоја пропадната можност да  дари дел од себе, стануваше телесно послаб, изнемоштен но како заинает неговата душа растеше исполнувајќи го целото негово битие, стануваше почиста, жедна да дари повеќе, стануваше претежок товар за него. Тие телесни граници ја кочеа,  тоа тело не беше предвидено за таков товар, тоа тело беше обично човечко, за просечен човек….Го чувстуваше болот се повеќе од ден на ден, сфаќаше дека човечкото тело е несовршено орудие за краткотрајно вдишување на врховната љубов, дека е орудие со кое само можеше да се обидува да лета. Неговата опсесија и тврдогласвост беше проклетство. Тој и понатаму бавно чекореше кон својата голгота, не се предаваше, ниту помислуваше некогаш да се предаде. Илјадници, остануваа назад, со насолзени очи гледајќи го духот, привидението во кое се претвараше. И го љубеа многумина, и го сакаа но никој со таа совршеност кој тој ја замислуваше, и која ја нудеше за возврат. Уште поголем број луѓе го сожалуваа,  некои едноставно и немаа љубов за подарување, па му го вртеа грбот нерадо, со тага и солзи.....а тој сепак чекореше и гледаше некаде напред. Во тој бавен од кон пропаста негова, почнуваше да се сомнева во постоењето на љубовта, почнуваше да се сомнева во своето духовно здравје? Повеќе и не беше сигурен дали е човек или лудак кој ја загубил свеста. Многумина сакаа да му се приближат но повеќето само од љубопитност, на некој необјаснив начин се плашеа и во него гледаа  оган кој може да ги уништи, се чуваа себе си за своите постоечки животи, за своите постоечки љубови, за своите измачувања и илузии. Тој чекореше и понатаму но веќе во ништо не беше сосема сигурен, остаре, беше уште послаб, само очите му сјаеа со некоја невидена лудачка светлина. Се потсети како како мал чекореше покрај големиот Буда, и се сети на зборовите кои тој му ги беше оставил како еден вид патоказ, поука, сочувство: ”… И кога ќе умрат сите желби, дури и оние најмалите, дури тогаш твоето страдање ќе исчезне…”  Тој ги повтараше овие зборови кои лутаа по неговите сеќавања, ги повторуваше како да одмеруваше дали има вистина во нив, па дури и ако има дали вредат повеќе од желбата да се има желби? Ги повторуваше тивко, па гласно, ги извикуваше од врвот на брдото неколку дена а потоа нерадо прекина да зборува............. Се исправи, гледаше напред со истиот или со можеби уште позастрашувачки сјај во очите, и тргна напред кон бездната која зјаеше од врвот на планината, започна да шепоти Љубов, љубов, љубов, љубов, љубов, љубов, љубов, љубов-бавно чекорејќи кон амбисот....
Can you say over and over again "Love", till its incantation makes us
forget how much we are alone? (Norman McCaig )
Just one being is lacking, and the whole world is empty of people.
Alphonse de Lamartine
 (1790 - 1869)On stage I have to make love to 25,000 different people, then I go home alone.
Janis Joplin
 (1943 - 1970)

No comments:

Post a Comment