Saturday, August 22, 2015

Винсент…”La tristesse durera toujours” (”The sadness will last forever”)

Винсент чекореше по тесната мала улица во близина на момнартар…Одненадеж повторно се затекна себе си во оние чести мигови на губење на памтењето. Чекореше, подзастана и одеднаш сфати дека беше заборавил каде оди. Стоеше така десетина секунди, се сврте наназад и ја виде само пустата кривулеста уличка исполнета со вирчиња од скорешниот дожд…Не само што беше заборавил кај беше тргнал, туку беше заборавил и од каде тргнал….Очигледно го беше затекнало уште едно од оние чудни утра по долгите ноќни бдеења над платната и лакомо голтање од шишето со абсинт….Понекогаш, по препивањето, обично наредните утра му се случуваа ваквите мемориски црни дупки.
Продолжи да чекори и застана во бифето кај Густав Горлитц. Седна, нарача бокалче студена вода и кафе.
Празно гледаше во карираните шари на мушамата од малата дрвена масичка…Со двете раце ја држеше чашата со вода и ја испи наеднаш. Испи уште две чаши така лакомо ко да не пиел вода со денови и додека пиеше слушаше како секоја голтка паѓа и удира некако директно во желудникот, а не во грлото. Така ја беше кренал главата што водата паѓаше директно ко во некој празен бунар правејќи чудни и длабоки звуци глок ….глок…..глок…….Подигајќи ја чашата примети дека прстите на рацете и рабовите од кошулата му се цели натопени во жолта и портокалова боја. Очигледно синоќа, доцна во ноќта додека ги сликал платната се имаше допрено до тубите со боја или ги имаше допрено свежите платна. Се загледа така во тие траги од боја, жолта и портокалова и му се замати погледот….
Зјапаше така со заматен поглед и некако во истиот тој миг примети како погледот му се спојува со некоја мисла која наеднаш извирна од дното на сеќавањата. Се најде себе си во така чуден и интересн момент. Заматениот и нефокусиран поглед кој завршуваше во дамките боја некако се спои и испреплети со неговите мисли и наеднаш примети дека дамките со боја почнуваат да се движат, да треперат…..Наместо да го избистри, го замати погледот уште повеќе и примети дека жолто-портокаловите дамки треперат под ударот на ветрот, полека наведнувајќи се на едната, па на другата страна…..Оваа испреплетеност на слика и мисла одеднаш доби и звучна позадина…..Гледајќи така во јарко жолтите дамки или сончогледи почна да слуша и тивок шум на ветер кој дуваше умерено, но доволно силно да предизвика шум кој влегува во ушите…..
Одеднаш се сепна од некој тап и друг звук кој доаѓаше надвор од свеста, надвор од полињата со сончогледи. Нагло ја сврте главата и го виде Горлитц кој му го остави кафето на масата. Горлитц го погледна и примети дека Ван Гог повторно делуваше изгубено и збунето. Без да му проговори се сврте и си влезе повторно внатре оставајќи го чудниот уметник да самува во својот свет.
Ван Гог се напи голтка од кафето и повторно погледна кон дамките боја на ракавот од кошулата, меѓутоа сега веќе гледаше само траги од боја и ништо повеќе од тоа. Се врати од другата страна на свесноста во светот обоен во сивило и очај, во светот со темно-сивкасти облаци и дожд, беда, злоба и пропаднати животи….Го опфати момент на луцидна свесност, милиметарски прецизно знаење за себе и светот, за бескрајната провалија која зјаеше каде и да погледне и вон себе и во себе. Ја подигна чашата со студена вода и го виде одблесокот на своите небесно плави очи, се загледа во тие небесно сини дамки во чашата и виде една огромна провалија без крај….Не нарушувајќи ја страшната тишина која го обзеде, без да проговори ни збор низ свеста бавно му поминуваше една мисла…….”тагата ќе трае до бескрај….”


No comments:

Post a Comment