Saturday, August 22, 2015

When more is less...

Се слушна познатиот звук кој се повторуваше при секое вклучување на “windows”-от….потоа набризна човек можеше да забележи како поинтерот од маусот нервозно ита од едно до друго ќоше на позадината, исчекувајќи го бавното “LOAD”-ирање на програмчињата што стартуваат секогаш на почеток, на драјверите, на антивирусот….Потоа човек можеше да примети како маусот се упатува кон фолдерот преполн со под-фолдери од стари фотографии, со фотогорафии од детството, од матура, од родендени, годишни одмори…фотографии од различни успеси и среќни моменти, фотографии од пијанки, забави….и така натаму…
Потоа, поинтерот од маусот се упати кон најновиот фолдер, фолдер кој сеуште немаше свој назив, туку едноставно преку него имаше испишано датум   “video_ clip_01.09.2011”.
Потоа следуваше двоен клик, па познатиот мал песочен часовник, секунда-две чекање па се отвори клипот во media player( или ако сакате повеќе во bs player, vo winamp, dvx player….или едноставнo овде вметнете назив од player  кој вас најповеќе Ви одговара).
Следуваше повторното мало забавување и лоадирање на клипот, а потоа и самиот клип….Кога човек би гледал во тој монитор за кој овде зборувам би видел едноставно некој едноставен аматерски видео запис, видео клип направен од евтин третокласен дигитален фотоапарат, клип со слаб видео квалитет, клип на кој еден средновечен или можеби и млад непознат човек турка една сосема обична црвена по боја косилка за трева….би видел човек кој си го уредува својот двор, напросто кажано би видел двор со 3 поголеми оревови дрва, двор не премногу голем, со зелена трева и во позадина куќа во викторијански стил…. Можеби повеќето што овој клип би го виделе , на почеток би помислиле дека ова е некој клип ко многуте останати што ги има по youtube и по останатите слични сајтови, клип во кој сигурно би се случила некоја мала незгода, некој смешен момент….во кој можеби косилката би забрзала преминувајќи преку некое куче, преку човекот што коси или некоја слична смешна, а можеби и веќе видена глупа работа што би требало да биде смешна….
Но доколку сите вие се стрпите и доколку го догледате овој видео клип за кој овде Ви зборувам, ништо такво смешно или неочекувано не би виделе….едноставно и по третото или четвртото прегледување на клипов, се што се гледа е само еден обичен непознат човек кој упорно и со ред ја турка косилката за трева и ја коси тревата во некој непознат двор, на некое непознато место во Америка….Ако некој и попрецизно би погледнал, или ако би го зголемил клипот гледајќи го на fullscreen можеби би ја приметил и замаглената фигура на една девојка чиј лик недоволно чисто се гледа на оддалечениот прозор на соседната куќа…лик на една убава девојка, со поглед задлабочен, поглед  ко хипнотизиран од брзото вртење на роторот на косилката за трева….девојка со поглед расеан во времето….со мисли изгубени во овој мал простор во дворот на соседот...но предмет на ова бесцелно муабетење не е ниту дворот, ниту трите оревови дрвја ниту црвената косилка за трева…..туку едноставно промените во животот на тој непознат човек кој пред неполни две години пристигна во оваа куќа и овој двор во Америка, за овој средновечен човек кој ја турка косилката и кој дојде овде од земјата од која и сите Вие доаѓате…..
Кога човек би имал прилика да ги разгледа и останатите клипови или фотографии и пишани ворд документи во компјутерот на човекот, кога би се направила една споредба на фотографиите и сите останати фајлови пред и по доаѓањето на човекот овде, би следел еден сосема прост заклучок, обичен логичен заклучок за кој сега ќе Ви раскажам малку повеќе.
Значи, да си замислиме сите ние дека сме прегледале и разгледале едно 200 или 300 различни фотографии од овој човек, десетина клипови од неговата претходна земја и неговата нова земја….од неговата претходна кола и неговата нова кола, од неговатга претходна куќа и неговата нова куќа, од старите годишни одмори поминати во различни места на балканот и од новите одмори поминати во Мексико, Канада, Бахамите или Перу….од старите пијанки поминати во локални скопски клубови и новите пијанки поминати во некои поголеми и полуксузни клубови, од улиците во неговиот стар град, возилата во стариот град до улиците, булеварите, парковите и возилата во Големиот негов НОВ град…..тогаш заклучокот одприлика би бил следниов…..
-можеби сите ние кои сега и овде ги гледавме овие фотографии и клипови од овој непознат човек најпрво би биле воодушевени од прикажаните природниубавини на местата кои никогаш во животот не сме ги виделе, од њујоршките клубови кои никогаш не сме ги посетиле, од луксузот и грандиозноста, од големината на американските возила споредени со нашите, од уреденоста на тамошните исчистени и средени улици, булевари и паркови споредено со нашиве овде-со прашината, неисчистените паднати есенски лисја, со разурнатите улици во изградба, со надоградените хаотично изградени и искривени балкони во карпош, аеродром или тафталиџе…..на облакодерите споредени со руските згради овде кај нас….тогаш сигурно првиот впечаток би ни бил впечаток на издишки, на желба да бидеме таму, на тие места…во тие убави и магични градови….
Но, кога некој би посветил повеќе внимание на човекот, наместо на местата кадешто тој е сликан овде или таму, пред сЕ би го здогледал и препознал истиот човек…Човекот кој го има на фотографиите од овде и на фотографиите од ТАМУ….иситот човек, можеби малку променет, малку по-остарен , со неколку повеќе бели влакна во косата одошто претходно….истиот човек на сите тие различни слики….
Кога сите ние би имале малку поизострено око, око кое може да продре во позадината на сликите, во позадината на ликот сликан на сликите, во позадината на емоциите кои го градат неговиот лик, во позадината на неговиот поглед, во позадината не неговите мисли и неговото расположение, тогаш окото на ваквиот суптилен гледач би приметило нешто сосема поинакво….нешто што на обична слика обичен гледач неможе да го препознае, нешто што обичен човек кај обичен човек не би го препознал ниту кога би зборел со него во живо, а уште помалку од една фотографија, од еден момент замрзнат во времето и просторот-од еден фрагментиран момент прикажан на некоја стара слика…..фотографирана овде или таму….или каде и да сакате…
Кога некој од нас би имал така изострен вид, и така изострени сетила, кога некој од нас врз основа на една обична фотографија на еден обичен непознат и хипотетички човек би можел да продре така длабоко во него, во неговата суштина, во неговото расположение и во неговата душа, верувам дека сите тие разлики од сликите од ваму и сликите од таму веднаш би станале безначајни….би останале само две-три реченици ко резиме од две или три илјади слики од овој човек….па нека бидат и два или три милиони слики од истиот тој човек.….А тие две-три реченици би биле содржани во следново—–сите ние би ги забележале разликите во просторот, разликите во поголемите улици, во големината на новата во однос на старата кола, на новата во однос на старата куќа, на новиот во однос на стариот двор ….но верувам дека на така префинетото око коешто сите Вие го изградивте за овие три-четири минути додека го читавте расказов- не би му останала незабележана и огромната разлика во празнотијата…………………..празнотијата во душата на човекот од поновите и поголемите фотографии во однос на пранзотијата на душата на човекот што го гледавме на старите фотографии….
Расказот нема никаква врска со реалноста и е само еден очаен обид на една изгубена душа да провери дали по подолга пауза може повторно да напише поврзано- две–три сосема обични, простодушни реченици….
Останете ми во добро……
Sincerely Yours—- “ Ancient Kingdom”

No comments:

Post a Comment