Saturday, August 22, 2015

УРБАНА ПРИКАЗНА


Понекогаш си мислам дали сум луд? Веќе ете цел месец се бавам со моето необично хоби. Купувам огласник, барам  недвижнини и со мојот пријател одиме по станови низ Скопје. Се облекуваме убаво, ја земаме колата со странски табли и тргнуваме. Можностите се речиси безгранични. Избор до недоглед, Карпош, Ѓорче, Кисела Вода, Аеродром....Онака ги разгледуваме становите, разговараме со сопствениците или подстанарите, зборуваме за претсобјето, спалната, купатилото кое протекува, надградениот балкон и сл....Делуваме сосема уверливо. Има староградби пред и по земјотресот, новоградби, дивоградби.... Понекогаш гледаме само по еден стан дневно, а понекогаш кога имаме кондиција по три или четири. И ете така градиме пријателства. Луѓето по обичај се сосема љубезни, не покануваат на кафе, сок....цигара....Зборуваат за проблемите во бракот, за сенилните соседи, за разведените бракови, за злобните роднини,за студентите кои живеат над нив и кои прегласно водат љубов, едноставно сакат да зборуват за се. Ние луѓето не ги знаеме, ги гледаме по прв пат, но тие се сосема доверливи кон нас. Можеби и така делуваме, спокојни, смирени и добри дечки. Патем едниот од нас е навистина странец и сите го гледаат со други очи, незнам дали помислуваат дека подобро ќе го продадат станот па стануваат уште пољубезни ставајќи ни кафе или едноставно се природно такви. Една тетка, ни отвори, не пречека не избацува како да не знае со години, а само ни ги знаеше имињата откако разговаравме по телефон да договориме средба.  Се жалеше на ногата, и беше боса и обвиена со завои, операција на ноктот, а и навистина делуваше болно, палецот оголен, онака вцрвен, намачкан со некоја светликава маст или лековита трева......Зборувавме за палецот, за синот кој бил добар студент, за станот не проговоривме многу, всушност и не бил за продавање онака само тетката се интересирала колкава цена ќе постигне, а и ние не сакавме  да го купиме. Секој стан си има своја приказна, мртви сопственици, иселени претходници. Најблизок ни стана чичко Фјодор од Дебар Маало. Тој е и нај-уметник човек. Не сака како деца, секојдневно се јавува со страв да не сме се предомислиле,  не кани на кафе, пиво, фудбал.... вади имотни листови и брка адвокати, заглавен е до гуша. Судски спорови, наследства ....никој не сака да му го купи станот....А тој ти бил патник, го пропатувал светот и останал без пари, има само една печка и еден телевизор....Едно е сигурно, речиси нема стан кој нема своја мака...сите под хипотека, па на име на сопругата а бракот разведен, па мртов сопственик, дивоградби ......Но вчера бевме на најчудното место на светот. Во стан на починат научник. Професор на факултет, гениј.....Вратите беа скршени, собите преплавени во ѓубре, отпушоци од цигари насекаде по подот, измет од птици, купишта книги, исчкртани формули, равенки, отров за глувци, алгоритми, листови, мртов глушец, листови до недоглед, продолжни кабли, фазомери, трансформатори, бакарни кабли, електро мотори, оптички кабли, намотки, завртки, штрафови....  А тој, научникот едноставно, туку така заборавил на сопствената сопруга, заборавил на неговото дете, можеби и ненамерно-ни зборуваше вдовицата, можеби само изумил дека бил оженет..... мислел само на едно, само формули, само проекти,само идеи и чкртаници....Имал можеби и божествени провиденија, тотална страст и посветеност кон нешто несватливо на обичните смртници....Имаше во тој стан вистинско богатство од книги, Руски, Англиски, Француски, Бугарски, Српски понекоја македонска.....Имаше таму книги за материјата, книги за континуумот, за гравитација, за кваркови.....Ти заборавил човечецот и на храната, заборавил и на самиот живот, заборавил и на себе....И во еден обичен ден слушајќи ја така невротичната ритмика на отчукувањето на стрелката на часовникот добил излив на крв во мозокот и умрел.......КРАЈ......Некаде, далеку од овде. Некаде во некоја далечна галаксија двајца непознати престанаа  да одат по станови за да создаваат приказни....

No comments:

Post a Comment