Saturday, August 22, 2015

Френк...или било кој друг....

….Тој ден Френк цело попладне го помина во кревет. Завиткан со неколку ќебиња ги менуваше позициите на своето тело спиејќи трипати подолго од вообичаено. Беше Недела, ден  во кој слободно можеше безгрижно да го губи времето, без некоја особена грижа на совеста. Недела беше неработен ден, ден во кој немаше обврски кон работното место, или кон други луѓе, роднини, другари. Недела беше ден за заборав…ден за понирање во маглините на бесмисленото постоење.
Френк впрочем имаше страшна главоболка по немарно поминатата Саботна вечер во која се утопи во чашките алкохол, саботна вечер во која  леснотијата на залудното постоење и денгубење во неговиот живот го доведе до толкав гнев и омраза кон нечувствителноста што го имаше опфатено, кон безбојноста на деновите, на месеците, безбојноста на годините кои проаѓаа. И Френк и сите околу него-(барем според неговото видување на работите) живееја во една апатична идила, едно безосетно, глупаво, празно, испразнето од суштина денгубење.
Некако Животот ко да немаше право на тој назив, како називот живот веќе да не ја одразуваше суштината на зборот која некогаш била врзана за него.
Живот- суштината на тој збор оддамна како да беше извлечена од внатрешноста на животот на Френк, од животот на сите со кои доаѓаше во контакт. Тоа што некогаш било живеење сега беше дел од историските читанки. Сега беше нов век, ново доба…Време на виртуелен свет, време на wi-fi поврзаност, време на broadband интернет…на брзина, спид…екстази…
Во тој свет во кој сE се повлече внатре во маглината на домовите, свет во кој умствената способност сe зави во магла до невидливост, свет без емоции, без цели….свет без свет….Во тој свет Френк себеси неможеше да се препознае, неможеше да се идентификува….Беше обезбоен од сивилото на безличноста на сЕ околу него….
Френк повеќе не беше Френк. Френк беше толку Френк колку што можеше да биде и Џозеф и Гејбриел и Џим…Луѓето веќе немаа лични препознатливи особини, немаа различни карактери…Се што постоеше се престори во една голема, трома, безидејна човеколика маса од биолошки битија без идентитет…..Сеопфатното сивило го потопи сиот свет…..Но зошто воопшто би зборувале за Френк? Зошто би имало потреба да се даде опис за некој безличен лик, за некој човек на чии рамења може да се постави било чија глава? Било чие име и презиме…било чии сеќавања….Зар не е тоа залудно? Зар не е сето тоа празно зборење за некој безначаен лик кој во толпа од луѓе воопшто и не би го препознале? Затоа подобро и да не зборувам ништо повеќе….

No comments:

Post a Comment