Saturday, August 22, 2015

КАМЕЊА ВО ТОКИО...


Едно вторнично попладне за време на работната пауза Фридрих и Хајнц се сретнаа во еден бар во центарот на Токио...Нарачаа пиво и почнаа разговор...Хајнц-рече Фридрих дали некогаш си се замислил за потеклото на нештата, на обичните нешта, на предметите, на луѓето, но пред се на предметите?  Еве вчера чекорев по плажата покрај океанот и здогледав едно обично каменче, сосема нормално, ништо посебно, каменче како и сите останати до него. Го кренав и се замислив. Од каде ли само доаѓа? Дали од океанот или можеби некој посетител го донел од далеку? Можеби е од брегот на Кина, или некој Европски турист го носел со себе токму од неговиот крај и го потфрлил овде за да остави нема трага за неговата посета...Нем сведок далеку од неговиот дом, далеку од нашиот дом , од твојот и од сечиј дом Хајнц...Можеби сепак, е од дното на океанот па брановите го исфрлиле, или било на палубата на некој брод со морнари кои крстосуваат по светот, па го пронашле и го фрлиле повторно во вода за да исплива до овде..А од каде знам дали не сака да ми пренесе некоја порака? Можеби некоја сосема обична девојка замислила желба, да ја сретне особата на својот живот и мисловно ја скрила желбата во каменот и го фрлила еве овде...А јас го земав, го превртував во раката и мислев што ли само овој камен сокрива, пропуштајќи ја можноста да ја запознаам истата таа девојка... можеби сокрива заносна игра на јато делфини или пак само смртта на риба фатена на јадица која постојано доаѓа до дното па се крева нагоре кон едно ново дно, но овојпат дното од рибарски чамец, дното на нејзината последна воздишка,кон смртното дно, кон дното кадешто вдишува чист кислород полн со живот, но чистиот кислород е за луѓето а не за рибите, рибите го сакаат растворен во вода Хајнц-  ”Фридрих, престани те молам”- рече Хајнц. До каде со твоите глупости? Дали пак си пиел уште наутро будало германска, па  штотуку е пладне, на пауза сме и треба да се вратиме на работа а ти....?” Ако, Хајнц, ако.Нека сум и пијан. А не сум....Само размисли пријателу која е големината на ова каменче, еве го”- и го извади од џебот...”Сега е овде и не посматра немо...смирено слуша и собира информации, за тебе, за мене, за симпатичната девојка зад шанкот и така натаму Хајнц... еве,пиеме пиво а тој обичен проклет камен знае и која врста пиво пиеме и знае дека сме во Токио и знае за нашите имиња знае како е во внатрешноста од џебот на моите фармерки а само проклето молчи...Едноставно знае проклето многу Хајнц, но нека го, попусто се трудам да дознаам што ли се крие, во чии ли се раце бил...Решив што ќе направам со него- ќе го пратам по пошта во Германија кај моите, а писмото ќе биде анонимно, непотпишано....Еден ден, не сега, ниту утре, некогаш, после сто или сто и тринаесет години можеби човекот ќе разговара со камењата, можеби ќе има начин да се открие каде се биле, какви траги носат во себе и така некое мало германско копиле можеби и мој потомок ќе дознае за нас двајцата Хајнц...Така ќе влеземе во историјата....И не мисли дека сум полудел туку допивај го пивото и да одиме на работа”....Кон, шанкот се приближи еден парталав клошар, извади неколку испокинати хартии и едно каменче, ги остави пред себе на шанкот и порача кригла пиво...Хајнц и Фридрих се поздравија. Фридрих го врати своето камче во џеб. Погледна кон камчето на клошарот, му намигна на долгогодишниот познаник и забрзано тргна кон излезот од барот...Кога ја отвори вратата за да излезе заслепувачка светлина го исполни барот, милијарда сончеви зраци го осветлија просторот внатре, а само еден светлосен сноп ја пронижа криглата полна со пиво создавајќи мозаични светложолтеникави фигури на шанкот. Хајнц се почеша по темето, направи неколку чекори кон излезот, застана и извика- Проклето копиле-мислејќи на Фридрих. Се сврте назад гледајќи збунето и одлучи да не оди на работа, порача уште една кригла и седна на шанкот обидувајќи се да се ослободи од мислите за камењата....

No comments:

Post a Comment