Saturday, August 22, 2015

Винсент…”La tristesse durera toujours” (”The sadness will last forever”)

Винсент чекореше по тесната мала улица во близина на момнартар…Одненадеж повторно се затекна себе си во оние чести мигови на губење на памтењето. Чекореше, подзастана и одеднаш сфати дека беше заборавил каде оди. Стоеше така десетина секунди, се сврте наназад и ја виде само пустата кривулеста уличка исполнета со вирчиња од скорешниот дожд…Не само што беше заборавил кај беше тргнал, туку беше заборавил и од каде тргнал….Очигледно го беше затекнало уште едно од оние чудни утра по долгите ноќни бдеења над платната и лакомо голтање од шишето со абсинт….Понекогаш, по препивањето, обично наредните утра му се случуваа ваквите мемориски црни дупки.
Продолжи да чекори и застана во бифето кај Густав Горлитц. Седна, нарача бокалче студена вода и кафе.
Празно гледаше во карираните шари на мушамата од малата дрвена масичка…Со двете раце ја држеше чашата со вода и ја испи наеднаш. Испи уште две чаши така лакомо ко да не пиел вода со денови и додека пиеше слушаше како секоја голтка паѓа и удира некако директно во желудникот, а не во грлото. Така ја беше кренал главата што водата паѓаше директно ко во некој празен бунар правејќи чудни и длабоки звуци глок ….глок…..глок…….Подигајќи ја чашата примети дека прстите на рацете и рабовите од кошулата му се цели натопени во жолта и портокалова боја. Очигледно синоќа, доцна во ноќта додека ги сликал платната се имаше допрено до тубите со боја или ги имаше допрено свежите платна. Се загледа така во тие траги од боја, жолта и портокалова и му се замати погледот….
Зјапаше така со заматен поглед и некако во истиот тој миг примети како погледот му се спојува со некоја мисла која наеднаш извирна од дното на сеќавањата. Се најде себе си во така чуден и интересн момент. Заматениот и нефокусиран поглед кој завршуваше во дамките боја некако се спои и испреплети со неговите мисли и наеднаш примети дека дамките со боја почнуваат да се движат, да треперат…..Наместо да го избистри, го замати погледот уште повеќе и примети дека жолто-портокаловите дамки треперат под ударот на ветрот, полека наведнувајќи се на едната, па на другата страна…..Оваа испреплетеност на слика и мисла одеднаш доби и звучна позадина…..Гледајќи така во јарко жолтите дамки или сончогледи почна да слуша и тивок шум на ветер кој дуваше умерено, но доволно силно да предизвика шум кој влегува во ушите…..
Одеднаш се сепна од некој тап и друг звук кој доаѓаше надвор од свеста, надвор од полињата со сончогледи. Нагло ја сврте главата и го виде Горлитц кој му го остави кафето на масата. Горлитц го погледна и примети дека Ван Гог повторно делуваше изгубено и збунето. Без да му проговори се сврте и си влезе повторно внатре оставајќи го чудниот уметник да самува во својот свет.
Ван Гог се напи голтка од кафето и повторно погледна кон дамките боја на ракавот од кошулата, меѓутоа сега веќе гледаше само траги од боја и ништо повеќе од тоа. Се врати од другата страна на свесноста во светот обоен во сивило и очај, во светот со темно-сивкасти облаци и дожд, беда, злоба и пропаднати животи….Го опфати момент на луцидна свесност, милиметарски прецизно знаење за себе и светот, за бескрајната провалија која зјаеше каде и да погледне и вон себе и во себе. Ја подигна чашата со студена вода и го виде одблесокот на своите небесно плави очи, се загледа во тие небесно сини дамки во чашата и виде една огромна провалија без крај….Не нарушувајќи ја страшната тишина која го обзеде, без да проговори ни збор низ свеста бавно му поминуваше една мисла…….”тагата ќе трае до бескрај….”


Чехов и некои други работи…

Се враќаше кон дома пешки од работа. На брзина ги прескокна неколкуте скали кои водеа од приземјето до неговиот стан, раката рутински и прецизно директно го погоди клучот во отворот од бравата. Влезе, веднаш ги соблече чевлите, панталоните, кошулата кои ги носеше на работа и набрзина облече некоја стара износена маица која изгужвана беше фрлена на креветот…..Конечно Чехов се осети во своја кожа. И така секој ден…..Се будеше, облекуваше одеше на работа, се враќаше и набрзина се пресоблекуваше осеќајки се свој на своето, свој во износените фармерки и маици кои пленеа со својот комфор и со некоја чудна слобода која ја додаваа на душата…И веројатно не беше Чехов единствениот во овој град кој се осеќаше вака…Веројатно и многу негови соседи и пријатели исто така брзаа од работа кон дома и поминуваа низ истиов овој процес на пресоблекување, трансформација, на премин од формалното кон неформалното, од крутоста на работата кон опуштеноста во домот…
Ги стави алиштата на крајот од креветот, го отвори фрижидерот и зеде едно студено пиво. Го отвори и полека почна да го поткрева шишето отпивајќи по некоја студена, освежувачка голтка….Му се полнеше разумот со спокојство, со осет на краткотрајно бегство од рутината, од правилата наметнати од друг. Мислите забавуваа, стануваа по смирени, напнатоста бледееше заедно со празнењето на нивото на пивото во шишето…
Седеше така дозволувајќи им на минутите да течат спокојно, не правејќи ништо особено….уживаше во овие последни летни денови, а во текот на мислите повремено му се прелеваа звуци од паркчето пред зградата, од извиците и игрите на децата кои за прв пат денес заминале на училиште…
За прв пат и тие мали души денес онака официјално и службено ги дотерале и заеднички со радост и во придружба на родителите ги испратиле во погибијата на нивните души, во робството на нивните мисли, во одаите на поробувачот на нивната креативност, на нивното слободното време, на безгрижните игри…Сите во нови алишта, патики, кондури, ранчиња, сите во строј, сите напред кон бездушниот општествен механизам кој безмилосно ги поробува своите чеда.
Родителите исполнети и среќни со дигиталните апарати во рацете го фотографираат секој чекор на нивните мали деца, ко да сакат да го заробат во фотографија секој миг од овој свечен настан, да го исполнат секој пиксел со фрагменти од чекорењето на нивните деца НАПРЕД!!!
Децата повеќето збунети, се вртат де кон среќните родители де кон среќните учителки кои ги рашириле рацете и со насмевски ги придружуваат дечињата додека ги прават првите чекори по коридорите и ходниците од училиштата. По коридорите по кои ќе чекорат наредните осум, девет или деветнаесет години, по коридорите по кои во неповрат ќе расфрлаат мигови и сеќавања, успеси и падови, симпатии и непријатели.
Сепак, некако ко да се гледа некоја несигурност во нивните очи, во изразот на нивните лица, во чудно склопените детски насмевки со кои и самите за прв пат се соочуваат…. насмевки повеќе од збунетост и несигурност одошто од среќа, насмевки резултат на кажувањата на родителите и роднините дека ова е ГОЛЕМ ден во нивниот живот одошто спонтани, искрени насмевки настанати во нивните детски срца. Детската душа сигурно зборува едно, сигурно ги тера во друг правец но веќе е предоцна, нивната слободна мисла и нивните детски, креативни идеи за животот се веќе оставени таму надвор, пред училиштето….
Од денес, со ова свечено чувство, во овие нови алишта малите деца постануваат нови, млади политичари, правници, лекари, војници, економисти, инжењери…Се вклопуваат во низа нови идеи и мисли, не нивни туку наметнати. Успехот повеќе не се мери на улицата туку на часовите по математика, хемија, физика, ЗПО…
Денес е страшен ден си помисли Чехов…..Повторно ги предадовме нашите најмили на непријателот….Исто како и некогаш…..тоа е вградено во нашиот генетски код….Предавство…
Гордо ја предаваме нашата иднина во нечии туѓи раце, туѓи замисли….Размислувајќи така, полека го подигна пивото и отпи една поголема голтка….
Надвор денот беше на заминување, дечјиот џагор веќе го немаше, како да настапи некоја состојба на чуден мир, апсолутна тишина….Како буката на овој свет за миг да се измеша со бескрајниот мир од некој друг свет, од некои други времиња и простори….
Чехов го допи пивото, а овој ден полека чекореше кон својот КРАЈ…

Fragile...

Day no different than the days before,
 people no different than the crowd around…
 people i haven’t seen for ages, i saw them tonight
… people…people…people….
everybody was around,
 and again
 and again something was not complete
 and again something was missing
 and again the picture was fragmented
 the pieces of glass shrowded around..
 the mist was coming………
 the air poluted …
the people were fake..
and i was fake.. i was fake…
i was incomplete…
incomplete…
again……… again… once again…..

Празниот поглед на Витман Валтер

Господинот Витман Валтер седеше во фотелјата пред телевизорот. Бездушно и со празен поглед ги менуваше каналите еден по еден без воопшто да се задржи и да погледа било кој од стотиците канали што еден по друг во бескрајна низа се редеа на телевизорскиот екран. И самиот незнаеше што прави, погледот му беше некако матно и нејасно насочен кон телевизорот но воопшто не беше тоа поглед со кој човек сака нешто да види или погледне, напротив како да беше поглед кој не гледа ништо, поглед едноставно насочен некаде недефинирано, поглед кој ја празни тагата во душата, поглед кој  некако психички го одмараше или во најмала рака не го замараше дополнително.
Тоа вртење на каналите и притискање на копчето од далечинскиот управувач му беше прераснало во некој телесен тик, како навика нешто постојано да се притиска и да се менува сликата на телевизорот. Речиси половина година го правеше истото. Ќе се вратеше од некаде во својот стан, седнуваше некако стуткано во фотелјата и почнуваше со тоа притискање на копчето од управувачот. Можеби половина година немаше изгледано ниту еден канал, ниту една емисија, ниту една програма на телевизорот, а секојдневно седеше со часови пред него. Попушташе малку глас и се осеќаше како да е во некое место во кое има некоја поголема динамика од луѓе, место полно со врева, место исполнето со живот….-живот кој самиот Витман Валтер повеќе речиси и да го немаше, живот кој полека и секојдневно му истекуваше од неговиот песочен часовник, од неговата животна водена клепсидра.
Витман Валтер така седејќи во фотелјата – ко и години претходно, на денот кога наврши точно триесет и три години живот, едноставно сфати дека неговиот живот како и животот на многу други пред него повеќе нема никаква смисла. Стана револтирано, го крена телевизорот и го фрли низ прозор. Од тогаш натаму не знаеме ништо повеќе за господинот Витман Валтер.
Доколку нешто случајно дознаете Ве молам да ме известите!

Самсара … (wheel of life)

Неколку расеани одблесоци светлина се прекршуваа преку прозорот во собата во која штотуку влезе Валтер Витман…Светликави точки кои влегуваа преку дупчињата од ролетната си поигруваа на стаклото од малата маса на која имаше оставено неколку фотоалбуми. Валтер седна на подот, веднаш до масата и така стуткан ги зема албумите и почна да ги разгледува фотографиите…
Стотици фотографии развлечени низ неколку децении….фотографии направени пред педесет години, пред триесет, пред дваесет, пред пет години….фотографии направени пред само неколку месеци….Валтер Витман ко дете, Валтер Витман во градинка, Валтер Витман на групната фотографија од училиште во трето одделение, па во четврто, па петто и така натаму. Валтер Витман –фотографија од Матура….Валтер Витман во болница со нога во гипс… В.Витман со група студенти на некоја екскурзија….Витман со првата девојка…Витман на море со друга девојка….Витман на свадбена прослава со госпоѓата Витман и стотици други гости…Витман со мало бебче во рацете, Витман турка бебе во количка во некој голем парк, Витман со мало девојче кое штотуку го направило првиот чекор, Витман сликан со девојче со штрбава уста и голема среќна насмевка со два заби, Витман со истото девојче со штрбава насмевка со четири заби….Витман со ќеркичката со сите забички и со ѓа Витман….Витман со пријатели, Витман со…. Витман……Фамилија Витман на годишни одмори, на море, …Витманови во борба со снежни топки, Витманови на планина….. Витманови на десетиот роденден на малата г-ѓица Витман сликани во моментот на дување свеќи….Витманови на триесетиот роденден на Валтер, на четириестиот…. Валтер Витман во црно на погребот на г-ѓа Витман- фотографија направена пред десет години… Валтер Витман во црно бела фотографија- осамен и замислен при некоја прошетка –фотографија направена пред пет години..Валтер Витман во колор фотографија, осамен, замислен-на непознато место-фотографија од пред неколку месеци…
Валтер ги отфрли албумите прокнижени со сите тие сеќавања, со сите тие украдени мигови од минатото, мигови на среќа, на љубов, мигови на исполнетост, младост, мигови на живот во боја…. мигови на постепено стареење, мигови на тага, на несреќа, на родендени и смрт….на деца и старци, на љубов и самотија….на безгрижни погледи но и мигови на замислени отсутни празни и болни погледи….мигови негови и мигови туѓи….некогашни, дамнешни и сегашни….
Витман се обиде да се исправи од стутканата детска положба во која беше седнат покрај ниската масичка во собата во која ги разгледуваше албумите, но некако при првиот обид не употреби доволно сила во веќе старите раце кои при товарот на неговото тело потклекнаа надолу и тој пак се најде во истата седечка положба, се обиде по втор пат со поголема цврстина во рацете и се исправи, се потпре со едната рака до столицата која беше во близина и упати поглед кон сончевите зраци кои поминуваа низ ролетната….во тој миг ко да здогледа некоја експлозија од заслепувачки силна блескава светлина која како да ја опфати целата просторија……некако му се замати погледот, осети силна остра болка во срцето кон кое неговите раце рефлексивно се насочија….се држеше за градите, се наведна надолу и се струполи на подот, се згрчи така и остана во таа стуткана положба додека неговото тело целосно не се олади и стврдна ко тело на вистински мртовец….
Кога човек така одозгора би имал можност да упати поглед кон просторијата во која почина Валтер Витман прво би го здогледал неговото стуткано тело, тело на човек свиткано во положба на фетус…. кога така гледајќи некој би вложил поголемо внимание и би го изострил погледот, исто така би го здогледал и малиот фотоалбум, веднаш до згрчената дланка на Валтер Витман….-малиот албум кој случајно се беше отворил на првата страница, на која во положба на фетус имаше фотографија од мало бебенце во пријатен и безгрижен сон, во мало, бело, метално болничко креветче,- црно бела фотогрфаија на која на задната страница со веќе избледеано мастило можеше да се прочита— Валтер Витман 1952, фотографија направена првиот ден, на денот на неговото раѓање….

Алфа и Омега и мирисот на туѓо…

Надзорникот на затворскиот оддел број 3 влезе во собата за набљудување. Таму веќе беше седнат и чуварот Франц чијашто смена беше пред завршување. Седнаа еден до друг и по навика внимателно и помалку тапо гледаа во десетиците монитори наредени по цела должина на ѕидот. Имаа камери од сите затворски простории, од ходниците, од надворешниот простор за рекреација, од терените за кошарка и од затворската теретана. Почнаа разговор за новиот затвореник којшто пристигна денес. Тоа беше првиот нетипичен затвореник оваа година. Затвореник кој во ниту една своја карактеристика неможеше да се вклопи во толпата затворени убијци, макроа, силувачи, крупни и помалку крупни криминалци, трговци со оружје, трговци со малолетни девојки и сличните десетици нијанси од овие профили.
Новиот затвореник дојде денес по неколкудневното испрашување пред истражниот судија во кривичниот суд во Јоханесбург. Му беше определен притвор се до почетокот на судењето.
Бешет тоа доктор ван Хофман. Ван Хофман беше одговрниот истражувач на здружениот Африкански институт за загорзени видови животни, или поточно одговорен за сите национални паркови на територијата на ЈАР, како од научен аспект, така и од административен. Беше еден од најеминентните светски стручњаци од оваа област. Неговото име беше предмет на почит на сите меѓународни собири. До пред само некој ден беше пример за реализиран човечки потенцијал, беше пример за врвен стручњак, за исполнета индивидуа и на професионален и на приватен план. Беше среќно оженет со прекрасна млада жена од Холандија со која имаше две прекрасни, мали ќеркички.
Но да скратиме. Ќе прминеме директно на дел од последниот говор што ван Хофман го одржа пред само десетина дена на собирот во еден резерват во Конго. Темата на разговор на дебатата беше психологијата на водачите на крдата лавови и други карактеристични примери.
Една од најинтересните работи во психологијата кај ЛАВОТ беше следново….Лавот водач, машкиот лав водач со години води цело крдо од лавови со десетици женки. Тој е водач на кланот, тој е првиот и последниот авторитет, алфа и омега во стадото. Сите останати се апсолутно подредени на оваа едноставна хиерархија. Често пати младите машки лавови од други околни стада во налетот на своето созревање прават обиди за превземање на водството на некое друго стадо лавови. Со денови го следат водачот, го проучуваат неговото однесување, од далеку ја проценуваат неговата сила, неговото искуство и во некој погоден момент крволочно го напаѓаат во глутница со цел да го убијат, да го отстранат од својот пат….да го расчистат теренот за своите намери….
Лавот водач и другите машки лавови кои се под негова заповед се и единствените овластени оплодувачи на групата лавици во стадото. Кој и да се замеша во оваа деликатна работа завршува со смрт…Убиството е сурово, ладнокрвно и без објаснување. Пресудата ја носи лавот водач, егзекуцијата ја врши самиот исто така. Со еден збор, не е дозволено било кој друг да спие со лавиците под власт на лавот водач. Првата работа што лавот водач ја прави кога ќе стави под своја власт ново стадо со женски лавици е убивањето на малите лавчиња, кои до тој момент биле одгледувани во сенката на авторитетот на поразениот лав. Понекогаш ги убива и лавиците кои спиеле со претходниот лав. Мирисот на стариот лав, сексуланиот мирис кај било која лавица е несомнен билет во еден правец….билет за брза, сурова, крволочна смрт…ван Хофман во налетот на својот говор даде десетици примери во кои во животинскиот свет во случај на неверство изневерениот мажјак Веднаш ја убива женката, многу често и нејзините деца…Кај некои видови орли, -уште додека мајката орел ги гледа и топли јајцата од неиспилените птици, и ако додека е отсутна во потрага по храна било какво друго животно ги допре тие јајца или истите бидат допрени од рака на човек, кога мајката орел се врати го осеќа мирисот оставен на јајцата од нејзините чеда, го осеќа мирисот на туѓо, мирисот на непознато, мирисот на нешто не-нејзино…. По таквиот мирис следува уништување на неиспилените јајца и убиство на својот пород.  Мајката орел ги дупчи јајцата на своите птици, на птиците излезени од нејзината утроба и ги убива….Сето тоа поради мирисот на туѓо, поради допирот со кои нејзините мали птици биле загадени од нешто нечисто, нешто далечно нешто што мајката не го одобрила….Животинскиот свет несомнено цврсто работи по некои свои правила кои не се од сега и не се измислени од луѓето….Секое правило во дивата природа си има длабока суштина, длабока проткаеност во непознатите космички сфери….ван Хофман беше експерт за вакви случаи во дивиот свет…. и самиот имаше нешто диво во себе…Беше еден вид Лав водач во светот на луѓето. Беше грижлив родител, страствен љубовник, уште по темелен научник. Беше Алфа и омега во круговите во кои самиот се движеше…. Се до оној момент кога во својот дом не ја пронајде неговата млада прекрасна сопруга со друг маж….Нема потреба во детали да навлегуваме за сосема природната дива и исконска реакција на овој човек кој целиот свој живот повеќе учеше од животните отколку од лицемерието и бледата карактерност на луѓето наоколу. Ван Хофман не беше човек кој би убил друг човек….ван Хофман не беше човек без разум, без способност за самоконтрола….одсекогаш беше тивок и смирен, секогаш со забележителна контрола над своите емоции… но ван Хофман сиве овие години сплотување со дивината подсвесно беше попримил голем дел од карактерните особини кои природата им ги дарила на лавовите…на дивината….на орлите….на птиците ловци…на земните пустински предатори….
-со кујнски нож со сечиво од челик долго дваесетина сантиметри ја убил својата сопруга соголувајќи ја од нејзината сопствена кожа…..Кожата ја извадил внимателно ко да станува збор за некое одело кое сосема лесно со потегот на раката може да се извади од човечкото тело….Поради мирисот на неверство, поради мирисот на блуд на таа прекрасна бледа женска кожа доктор Хофман мораше да ги превземе сите мерки што би го одстраниле тој мирис од неговите сетила, од неговото погодено срце, од неговите изневерени идеали, од неговата гордост, од неговата внатрешна дивина, беснило и лудост која го беше обземала. Кожата извадена со неколку вешти потези на раката сосема цела ја фрлил во запалениот камин покрај кој неговата жена сексуално, со денови уживала со друг маж….мирисот на блуд беше едноставно на секаде….
…од допирот на таа кожа за која до пред неколку мига мислеше дека е само негова, некако и на неговата кожа се нафати тој проклет и неизбришлив мирис кој на необјаснив начин се пренесе кон него самиот…се пренесе кон неговите деца….кон неговите мисли, кон неговото ЈАС….кон неговиот живот….неговиот ЖИВОТ за дел од секундата се исполни со блудниот мирис на некој непознат и друг маж…на маж од друго крдо…од друго лавовско стадо….тоа туѓо семе….тој блуд не беше негов…..тој мирис се ширеше брзо и неконтролирано во сите правци,насекаде….и навнатре во понорите на неговото битие и нанадвор во просторот...ван Хофман неможеше да посегне по ќерките, ван Хофман можеше да посегне само по себе…ја фрли кожата од жена му-замирисана на блуд- во каминот….гледаше како гори, ко да станува збор за некоја фотографија, некое старо компромитирачко љубовно писмо….Согорувањето на кожата полна со блуд воопшто неможеше да помогне во овој случај. Секое наредно вдишување мирисаше на туѓ маж….срцето отчукуваше со нечиј туѓ ненормално брз ритам…..сетилата чувствуваа некоја туѓа непозната обземеност…неможност да дојдат сами до себе, неможност др.Хофман да се осети како доктор Хофман….за среќа или за несреќа обезбедувањето на зградата реагирало на мирисот на изгорена кожа која се ширела вон станот, реагирала на алармот за чад и во последен миг успеале да го совладат разбеснетиот Хофман кој несомнено имал намера да посегне по својот живот, да посегне со ножот кон своето срце кое проклето и непоправливо почнуваше да мириса на туѓо…..на непознато…..на неверство….на изгубени надежи, изгубени идеали….почнуваше да мириса на живот без цел….да мириса на срце отруено, на срце неспособно да продолжи нормално да отчукува….срце неспособно да отчукува на начинот на кој отчукуваше срцето кое некогаш имаше мирис на доктор Хофман….кое имаше мирис кој ги опфаќаше неговиот живот, неговите ќеркички, мирис кој некогаш, до пред неколку часа ја опфаќаше неговата алфа и омега, неговата проклета и блудна жена….
AO

(Л)еонардо…

Силен немир го разбуди од длабокиот  сон. Погледна во часовникот. Беше точно 3.33 по полноќ. Беше испотен од сонувањето, а откога се разбуди некој чуден студ го прекри цело негово тело. Се наежи. Ко да имаше чудноневидливо присуство во собата. Легна повторно, ги намести рацете позади главата и го упати погледот тапо кон темниот таван. Гледаше така нагоре обидувајќи се да се сети на сонот. И се сети. Но се беше фрагментирано, нејасно….несигурно. Не знаеше дали тоа што се сеќава е само од овој сон, од кој предмалку се разбуди, или и од некои други, поранешни соништа, од пред неколку  недели, денови….или којзнае од кога…
Како и да е, мислеше дека се сети на следново. Во сонот чекореше со еден старец, по едни замјени и прашливи патишта, во некое мало, запуштено, италијанско село. И некако во самиот сон тој беше дух невидлив за останатите ликови кои ги гледаше во сонот. А иако беше дух, еден од тие ликови во сонот сепак можеше да го види и да зборува со него. Тоа беше некој сосема непознат постар  човек со маркантен и впечатлив лик. Енормно висок, многу слаб, ковчест со долга, со многу долга и сосема побелена коса и брада. Косата му паѓаше под рамениците, а брадата под градите виткајќи се во прекрасно бели и чисти кадрици…
Е тој човек чекореше по тие патишта заедно со него. И збореа, збореа, збореа….Се обиде и да се сети на точните зборови и на точните муабети но не успеа. Се сети само дека старецот му зборуваше за неговиот живот и за неговите успеси што ги постигнал низ цела империја. Бил некој уметник, бил и вајар и сликар, бил и научник, и се занимавал со илјадници битни и небитни нешта. Со наука, со математика, со проучувања…Но старецот најмногу се задржа на некој навидум муабет што немаше никакво значење. Збореше за некоја негова слика која му го пробила целиот пат кон успехот. За некоја слика што ја насликал уште во младоста. За таа слика дознале во Ватикан и така сликарот станал еден од најбараните низ целата империја. И не бил сликарот толку битен колку што луѓето од Ватикан биле воодушевени од реалниот приказ на ликот кој бил насликан на сликата. Сликата била приказ на Исус распнат на крст…..Насликаниот лик на Исус за луѓето од Ватикан бил толку магичен, толку волшебно моќен, толку прекрасно претставен што верувале дека е навистина вистинскиот лик и вистинскиот одраз на самиот Исус. Мислеле дека сликата и тоа платно е благословено со божји благослов и дека светиот дух му вдахнал провидение на сликарот при сликањето на Исус….Впрочем и донеле декрет со кој сликата била прогласена за света реликвија….Во сонот старецот- кој всушност беше самиот сликар, премногу остарен, уморен….потиштен….зборуваше долго и долго, сосема бавно, уморно….безшумно….Објаснуваше дека таа слика станала најсветата реликвија во споственост на Ватикан, но проблемот се појавил подоцна.Проблемот се појавил во душата на сликарот….
Сеќавањата на сонот на Фредерик беа сосема фрагментирани и несигурни, но сепак се сети на следново…
Проблемот се појавил во една друга слика која била насликана десет години откога била насликана сликата со Исус распнат на крстот….Талкал сликарот по цела Италија со цел да најде погоден лик, погоден човек кој за малку пари би можел да му позира за една нова слика која му била нарачана од Ватикан. Требало да се наслика моментот кога Јуда го предал Исус за грст пари….Значи неопходен бил лик кој во себе ги содржи сите можни пороци на човештвото, лик кој е одраз на сите злокобни особини, на сите падови, на сите гревовиЛик кој во најмала мера наликува на самиот Сатана, лик од кој се гледа цела пропаст човечка….
Во тоа време, објаснуваше во сонот сликарот, таков модел можело да се бара само по запуштените темни улици во Рим или Неапол или Фиренца, во близина на борделите, во близина на пристаништата кадешто препиените пропаднати скитници во состојба на изгубена свест од алкохол преспивале покрај ѓубриштата…..
И така сликарот тргнал да го бара моделот што му е потребен да позира за новото дело….моделот што би наликувал делумно на Сатаната, делумно на Јуда….Пред еден од многуте бордели во Рим пронашол еден човек некаде во своите триесети или четириесетти години. Пропаднат, испиен, со збрчкана кожа, со ковчесто тело, неухранет, неизбањат….Со разбушавена коса, со запуштена брада, со очи закрвавени од пиење- црвени ко очите на Сатаната. Тоа бил моделот што бил како создаден за сеуште ненасликаната слика. Тоа речиси како да бил Јуда лично. За сосема малку пари и шише алкохол скитникот се согласил да позира. Седел цела недела во ателјето на уметникот и позирал. Сликата на крај била готова. Била совршена. Одразот на Јуда бил вчудоневидувачки реален. Пропаднат, бездушен, неверен, нечовечен, проклет…..Одраз на духовниот пад на човека. Таа слика била вистинска спротивност на сликата од Исус распнат на крст…..Ватикан ја откупил со воодушевување. Уметникот уште повеќе се прочул, а црковниот клер верувал дека сликарот има божјо вдахновение и дека светиот дух го инспирирал да ги наслика тие две слики.
Пред да си го допие шишето алкохол кое си го одработил со позирањето, пропаднатиот скитник му кажал на уметникот….Хммм, пред многу години, можеби има повеќе од дваесет , имаше еден млад неискусен сликар кој ме најде како продавав храна на пазарот во Фиренца. Мислам дека сликарот се викаше Леонардо. Тогаш бев сеуште многу млад, бев речиси дете. Не паметам…. но незнам ниту дали имав дваесетина години тогаш….Е тогаш за прв пат во животот бев насликан на слика Се сеќавам дека сликарот тогаш направи едно постолје од две масивни големи дрвени греди. Ги постави како крст и ме обеси да висам на крстот на јажиња. Висев на тие јажиња можеби цела недела додека не беше готова сликата. Ееее, паметам, убава беше таа слика….беше тоа Исус распнат на крст…..
Judas-Iscariot_waleonardo-da-vinci-study-human-proportionjanus9

When more is less...

Се слушна познатиот звук кој се повторуваше при секое вклучување на “windows”-от….потоа набризна човек можеше да забележи како поинтерот од маусот нервозно ита од едно до друго ќоше на позадината, исчекувајќи го бавното “LOAD”-ирање на програмчињата што стартуваат секогаш на почеток, на драјверите, на антивирусот….Потоа човек можеше да примети како маусот се упатува кон фолдерот преполн со под-фолдери од стари фотографии, со фотогорафии од детството, од матура, од родендени, годишни одмори…фотографии од различни успеси и среќни моменти, фотографии од пијанки, забави….и така натаму…
Потоа, поинтерот од маусот се упати кон најновиот фолдер, фолдер кој сеуште немаше свој назив, туку едноставно преку него имаше испишано датум   “video_ clip_01.09.2011”.
Потоа следуваше двоен клик, па познатиот мал песочен часовник, секунда-две чекање па се отвори клипот во media player( или ако сакате повеќе во bs player, vo winamp, dvx player….или едноставнo овде вметнете назив од player  кој вас најповеќе Ви одговара).
Следуваше повторното мало забавување и лоадирање на клипот, а потоа и самиот клип….Кога човек би гледал во тој монитор за кој овде зборувам би видел едноставно некој едноставен аматерски видео запис, видео клип направен од евтин третокласен дигитален фотоапарат, клип со слаб видео квалитет, клип на кој еден средновечен или можеби и млад непознат човек турка една сосема обична црвена по боја косилка за трева….би видел човек кој си го уредува својот двор, напросто кажано би видел двор со 3 поголеми оревови дрва, двор не премногу голем, со зелена трева и во позадина куќа во викторијански стил…. Можеби повеќето што овој клип би го виделе , на почеток би помислиле дека ова е некој клип ко многуте останати што ги има по youtube и по останатите слични сајтови, клип во кој сигурно би се случила некоја мала незгода, некој смешен момент….во кој можеби косилката би забрзала преминувајќи преку некое куче, преку човекот што коси или некоја слична смешна, а можеби и веќе видена глупа работа што би требало да биде смешна….
Но доколку сите вие се стрпите и доколку го догледате овој видео клип за кој овде Ви зборувам, ништо такво смешно или неочекувано не би виделе….едноставно и по третото или четвртото прегледување на клипов, се што се гледа е само еден обичен непознат човек кој упорно и со ред ја турка косилката за трева и ја коси тревата во некој непознат двор, на некое непознато место во Америка….Ако некој и попрецизно би погледнал, или ако би го зголемил клипот гледајќи го на fullscreen можеби би ја приметил и замаглената фигура на една девојка чиј лик недоволно чисто се гледа на оддалечениот прозор на соседната куќа…лик на една убава девојка, со поглед задлабочен, поглед  ко хипнотизиран од брзото вртење на роторот на косилката за трева….девојка со поглед расеан во времето….со мисли изгубени во овој мал простор во дворот на соседот...но предмет на ова бесцелно муабетење не е ниту дворот, ниту трите оревови дрвја ниту црвената косилка за трева…..туку едноставно промените во животот на тој непознат човек кој пред неполни две години пристигна во оваа куќа и овој двор во Америка, за овој средновечен човек кој ја турка косилката и кој дојде овде од земјата од која и сите Вие доаѓате…..
Кога човек би имал прилика да ги разгледа и останатите клипови или фотографии и пишани ворд документи во компјутерот на човекот, кога би се направила една споредба на фотографиите и сите останати фајлови пред и по доаѓањето на човекот овде, би следел еден сосема прост заклучок, обичен логичен заклучок за кој сега ќе Ви раскажам малку повеќе.
Значи, да си замислиме сите ние дека сме прегледале и разгледале едно 200 или 300 различни фотографии од овој човек, десетина клипови од неговата претходна земја и неговата нова земја….од неговата претходна кола и неговата нова кола, од неговатга претходна куќа и неговата нова куќа, од старите годишни одмори поминати во различни места на балканот и од новите одмори поминати во Мексико, Канада, Бахамите или Перу….од старите пијанки поминати во локални скопски клубови и новите пијанки поминати во некои поголеми и полуксузни клубови, од улиците во неговиот стар град, возилата во стариот град до улиците, булеварите, парковите и возилата во Големиот негов НОВ град…..тогаш заклучокот одприлика би бил следниов…..
-можеби сите ние кои сега и овде ги гледавме овие фотографии и клипови од овој непознат човек најпрво би биле воодушевени од прикажаните природниубавини на местата кои никогаш во животот не сме ги виделе, од њујоршките клубови кои никогаш не сме ги посетиле, од луксузот и грандиозноста, од големината на американските возила споредени со нашите, од уреденоста на тамошните исчистени и средени улици, булевари и паркови споредено со нашиве овде-со прашината, неисчистените паднати есенски лисја, со разурнатите улици во изградба, со надоградените хаотично изградени и искривени балкони во карпош, аеродром или тафталиџе…..на облакодерите споредени со руските згради овде кај нас….тогаш сигурно првиот впечаток би ни бил впечаток на издишки, на желба да бидеме таму, на тие места…во тие убави и магични градови….
Но, кога некој би посветил повеќе внимание на човекот, наместо на местата кадешто тој е сликан овде или таму, пред сЕ би го здогледал и препознал истиот човек…Човекот кој го има на фотографиите од овде и на фотографиите од ТАМУ….иситот човек, можеби малку променет, малку по-остарен , со неколку повеќе бели влакна во косата одошто претходно….истиот човек на сите тие различни слики….
Кога сите ние би имале малку поизострено око, око кое може да продре во позадината на сликите, во позадината на ликот сликан на сликите, во позадината на емоциите кои го градат неговиот лик, во позадината на неговиот поглед, во позадината не неговите мисли и неговото расположение, тогаш окото на ваквиот суптилен гледач би приметило нешто сосема поинакво….нешто што на обична слика обичен гледач неможе да го препознае, нешто што обичен човек кај обичен човек не би го препознал ниту кога би зборел со него во живо, а уште помалку од една фотографија, од еден момент замрзнат во времето и просторот-од еден фрагментиран момент прикажан на некоја стара слика…..фотографирана овде или таму….или каде и да сакате…
Кога некој од нас би имал така изострен вид, и така изострени сетила, кога некој од нас врз основа на една обична фотографија на еден обичен непознат и хипотетички човек би можел да продре така длабоко во него, во неговата суштина, во неговото расположение и во неговата душа, верувам дека сите тие разлики од сликите од ваму и сликите од таму веднаш би станале безначајни….би останале само две-три реченици ко резиме од две или три илјади слики од овој човек….па нека бидат и два или три милиони слики од истиот тој човек.….А тие две-три реченици би биле содржани во следново—–сите ние би ги забележале разликите во просторот, разликите во поголемите улици, во големината на новата во однос на старата кола, на новата во однос на старата куќа, на новиот во однос на стариот двор ….но верувам дека на така префинетото око коешто сите Вие го изградивте за овие три-четири минути додека го читавте расказов- не би му останала незабележана и огромната разлика во празнотијата…………………..празнотијата во душата на човекот од поновите и поголемите фотографии во однос на пранзотијата на душата на човекот што го гледавме на старите фотографии….
Расказот нема никаква врска со реалноста и е само еден очаен обид на една изгубена душа да провери дали по подолга пауза може повторно да напише поврзано- две–три сосема обични, простодушни реченици….
Останете ми во добро……
Sincerely Yours—- “ Ancient Kingdom”

Френк...или било кој друг....

….Тој ден Френк цело попладне го помина во кревет. Завиткан со неколку ќебиња ги менуваше позициите на своето тело спиејќи трипати подолго од вообичаено. Беше Недела, ден  во кој слободно можеше безгрижно да го губи времето, без некоја особена грижа на совеста. Недела беше неработен ден, ден во кој немаше обврски кон работното место, или кон други луѓе, роднини, другари. Недела беше ден за заборав…ден за понирање во маглините на бесмисленото постоење.
Френк впрочем имаше страшна главоболка по немарно поминатата Саботна вечер во која се утопи во чашките алкохол, саботна вечер во која  леснотијата на залудното постоење и денгубење во неговиот живот го доведе до толкав гнев и омраза кон нечувствителноста што го имаше опфатено, кон безбојноста на деновите, на месеците, безбојноста на годините кои проаѓаа. И Френк и сите околу него-(барем според неговото видување на работите) живееја во една апатична идила, едно безосетно, глупаво, празно, испразнето од суштина денгубење.
Некако Животот ко да немаше право на тој назив, како називот живот веќе да не ја одразуваше суштината на зборот која некогаш била врзана за него.
Живот- суштината на тој збор оддамна како да беше извлечена од внатрешноста на животот на Френк, од животот на сите со кои доаѓаше во контакт. Тоа што некогаш било живеење сега беше дел од историските читанки. Сега беше нов век, ново доба…Време на виртуелен свет, време на wi-fi поврзаност, време на broadband интернет…на брзина, спид…екстази…
Во тој свет во кој сE се повлече внатре во маглината на домовите, свет во кој умствената способност сe зави во магла до невидливост, свет без емоции, без цели….свет без свет….Во тој свет Френк себеси неможеше да се препознае, неможеше да се идентификува….Беше обезбоен од сивилото на безличноста на сЕ околу него….
Френк повеќе не беше Френк. Френк беше толку Френк колку што можеше да биде и Џозеф и Гејбриел и Џим…Луѓето веќе немаа лични препознатливи особини, немаа различни карактери…Се што постоеше се престори во една голема, трома, безидејна човеколика маса од биолошки битија без идентитет…..Сеопфатното сивило го потопи сиот свет…..Но зошто воопшто би зборувале за Френк? Зошто би имало потреба да се даде опис за некој безличен лик, за некој човек на чии рамења може да се постави било чија глава? Било чие име и презиме…било чии сеќавања….Зар не е тоа залудно? Зар не е сето тоа празно зборење за некој безначаен лик кој во толпа од луѓе воопшто и не би го препознале? Затоа подобро и да не зборувам ништо повеќе….

"Фантазмагорија"

Беше Недела, во текот на летото. Температурата тој ден достигна до 37 целзиусови степени. Неподнослива жештина….. Бертолд беше во автомобилот. Стана рано во 6, некаде околу 6.30 веќе беше на пат….Застана до бензинската станица на крајот на градот, ја отвори вратата, му пристапи момчето кое полнеше бензин на пумпата…Дизел, наполни ја до крај му рече….Се плаќа на каса? Да- на каса, одговори момчето, пумпа број 1.
Влезе внатре, чекаше да се појави некој вработен на касата….Почека, купи мало шишенце вода и плати за бензинот…
Влезе во автомобилот, ја затвори вратата и го слушна нејзиниот тресок…Тргна повторно….
Асфалтот беше изрешетан со дупки и нерамнини….Просто немаше каде да се вози….Но белата линија беше видлива, некаде полна, некаде испрекината…Го исклучи мозокот и целосно се внесе во возењето, во вртењето лево, па десно, во избегнувањето на дупките на асфалтот….Немаше возено подолго време на отворен пат….немаше патувано со автомобил на подолга релација веќе некое време…Ги снема мислите во главата, остана некоја чудна спарнина, жешкоста на времето….вибрирањето на асфалтот од испарувањето на воздухот… Неговиот видокруг го дофаќаше само горниот полукруг од воланот, и далечината на патот преку шофершајбната…..гледаше во тоа вибрирање на воздухот над асфалтот, испарувањето на воздухот, како во моментите кога се појавува фатаморгана си помисли…..жештината правеше воздухот да трепери над врелиот асфалт, да се искривува и исправува белата линија….да ги снемува дупките….Во таа тишина имаше чувство на спокој, но и незнаење каде се наоѓа…Дали ова возење во автомобилот е дел од неговиот живот? Или е дел од сон….извадок од некој расказ, роман од Џек Керуак можеби…..а автомобилот ја газеше белата линија која се одмотуваше до бескрај….до бескрај…..
По некое време квалитетот на патот се подобри….Следуваа тунели, па прекин….повторно тунели….Блесок од светлина, па мрак….и така неколку пати….испреплетеност на светлина и недостаток на светлина….Гледаше во брзинометарот….100….120…..140…Доволно брзо е си помисли? не? 160…. Доволно е? Осеќаше дека при таа брзина повеќе нема целосна контрола над ситуацијата, над автомобилот….не би можел да закочи пред некоја голема дупка на асфалтот….не би можел да избегне куче кое би претрчало ненадејно…..Но брзината некако не се осеќаше….ко да не беше доволно брзо…Дрвјата покрај патот сеуште можеше да ги види целосно, не заматено…сакаше да ја развлече сликата која ја гледа…онака како што кога човек се вози во брз воз, па сликата од прозорот е развлечена поради големата брзина….погледна во брзинометарот, беше 170…..наредната минута 190….веќе брзината беше така опасна што просто не можеше да го одвои погледот од патот пред себе и да погледне во брзинометарот, би било преопасно….би изгубил контрола над случувањата на патот пред него…на останатите автомобили ……успеа да украде миг и да погледне…беше 240….Внатрешно не осети никакво задоволство кое тркачите го имаат…немаше адреналин…немаше ништо…повторно празнина, повторно само екот….Наредниот миг помисли дека сево ова е голема глупост….малку флертување со ризикот….мирисање на близината на смртта… и ништо повеќе…До крајот на патувањето не покачи повеќе од 100…
30 км пред да пристигне  се промени времето…Спарнината се покачи, од никаде се појавија темни облаци….се истури дожд во толкава количина што бришачите ни на најголемата брзина не можеа ништо да постигнат…Врнеше десетина минути па престана….Се гледаше пареа како испарува од врелиот асфалт….Скршна од асфалтниот пат и се приклучи на земјениот кој водеше до викендицата кадешто тој ден беше неговиот татко…
Го затекна како ја коси тревата во дворот…Дрвцата пораснале….се станало позелено….се чувствуваше енергијата која татко му ја вложувал година по година во таа оаза надвор од градот…во таа викендица кадешто ги лечеше нервите и екотот во главата причинет од буката и лудилото на животот во градот…Наоколу беа зимзелени дрвја…Борови….смреки….дрвја кои и нему лично му беа омилени….блиски до карактерот….некако мислеше дека зимзелените дрвја поседуваат некој силен свој карактер….особини на осаменост, меланхолија, но и истрајност…без помош од некој друг, без интерферирање со останатата природа….
Се поздравија со татко му…Го прегрна и се воздржа да ги сокрие емоциите….Зад очите му навираа солзи од некоја непозната причина….Го немаше видено татка си неколку години…Сега уочи дека остарел, дека косата целосно му побелела, брадата која пред неколку години беше сивкаста сега беше целосно побелена….Го прегрна студено и почнаа неврзан, обичен муабет…како си….што си….(знаете за што зборувам). И покрај површните муабети кои ги разменуваа сепак на некој невидлив начин беа поврзани меѓу себе. Само никој во овој нивни живот не најде време и начин тоа јавно и јасно да го искаже. Секогаш делуваа како да се некои скарани соседи, разговараа со некоја дистанца, за некои муабети кои никогаш не беа премногу лични, за муабети кои не можеа да навлезат во ништо суштинско со цел да се зачува таа статус кво ситуација на скарани соседи, кои навидум се помириле но никогаш не го заборавиле минатото.  Таа слика на остарениот татко силно му се врежа во мислите….некако го засече длабоко….почувствува потреба за нешто жестоко за да заборави…голтна наеднаш чаша ракија и се врати во дворот….Веќе и Бертолд не беше дете….не беше ликот кој го има во фотографиите од гимназија, ниту од факултет….и тој беше променет и подостарен. Но некако, нашето лично стареење секогаш ни се чини непостоечко, не видливо…Секогаш кога ќе погледнеме некој постар од нас имаме чувство дека тој остарел, а ние навидум не сме толку променети…Исто и внатрешното чувство….Чудно е како ликот старее, се менува фигурата, се јавувуваат брчките, а внатре, душата, некако постојано има чувство дека е заглавена во еден единствен миг во времето…некаде таму на преминот меѓу гимназија и факултет….Се сепнуваме кога ќе се појави прослава за десет или дваесет години матура….кога? каде? Кој? Зар десет години поминале? Зар десет?
Можеби и повеќе од десет….
Дождот се стиши, се намали…Полека се стемнуваше….Се осеќаше убаво, пријатно на ова осамено планинско место. Не сакаше да се помрдне од таму…. Тако му полека почна да го средува дворот, да ја прибира косилката за трева, а кога заврши само уморно го погледна и праша, ќе одиме? Време е, треба да се спремам, утре сум на работа….Имаше само уште неколку години до пензија….Иако не сакаше да го напушти ова место и да оди кон градот, само кимна со главата и кажа, да, ајде да одиме…..Време е….
Прв влезе во својот нов автомобил, го запали моторот и полека го придвижи по кривулестиот, нерамен земјен пат…Две три минути по него и татко му влезе во својот стар автомобил….Го запали моторот и тргна….Времето беше пред стемнување, полумрак, но доволно светло да се забележат контурите на објектите покрај патот, контурите на автомобилите…Се приклучија на асфалтот….Повторно заврна, но не толку силно како претходно….Бертолд неможеше да ги оттргне очите од ретровизорот на својот автомобил…Воопшто не гледаше напред кон патот. Погледот му остана замрзнат во оквирот на ретровизорот, каде се гледаа два замаглени фарови од еден стар автомобил кој возеше 50-етина метри зад негoвиот…Се гледаа светлата од фаровите и дождот кој паѓаше на асфалтот….Иако беше сам во својот автомобил имаше силно чувство на некое присуство….некое така силно, заштитничко присуство….Двата замаглени фарови и контурите на стариот автомобил во ретровизорот само како да го потврдуваа тоа чувство….Како некој нечуен тивок глас да му шепотеше во ушите на неговиот живот….Не грижи се, овде сум…..зад тебе…..Не грижи се…..одсекогаш сум бил овде…..во твоја близина……не грижи се…..Кога некој би погледнал од висина, во мракот кој беше паднал над асфалтот би приметил само како два автомобила еден зад друг се движат по кривулестиот пат кон градот…..топла жолетеникаво бела боја од светлината од фаровите на стариот автомобил повремено, на кривините го осветлуваше поновиот автомобил пред него…Пред предното стакло на автомобилот прелета голема црна врана и испушти иритирачки силен крик….А внатре од подотворениот прозор на автомобилот од никаде се појави и прелета мала прекрасна виолетова пеперуга…
Наредниот ден татко му почина…..
Во мислите остана оној нечуен и тивок шепот….Не грижи се…..одсекогаш сум бил овде….во твоја близина….не грижи се…..

My documentary life…..2012 AD

24.06.2013
363 дена поминати по последното нешто напишано на Блог….
675 или 758 или 1235………или којзнае колку поминати денови од првото нешто напишано на Блог…
Период на сремежливи почетоци, периоди на охрабрување и по-интензивно пишување, периоди на апстиненција, периоди на чекање коментари и критики….периоди на кулминација на Блог културата…периоди на постепено пре-заситување на Блогот сам од себе, период на масовен блогизам….период на апстиненција….период на постепено исчезнување на стари познати блогери…. период на преселба на блог ….период на заборав……………………………………………..празнина…….период на тотална отсутност од светот и животот ….и од Блог….и од Бог………..
Период за кој јас и ти, а можеби и некој друг воопшто незнаеме каде го поминавме, каде го поминавте…….каде бевме цело ова време?
Период на тотална изгубеност……..период на лазење по земја……период на состојба на мозокот идентична на Алцхајмер…периоди на духовна слабост…….беда……рутини и работа…..Период на канализирање на сета душева енергија во стегите на моето и на твоето проклето општество…..Период на душевни стеги и на етничко чистење на сите со мозочна вродена мана дијагностицирана како “креативност”….Период на изгубено време, празно зјапање по ѕидови, одење по деловни состаноци, по некое службено патување ваму и таму….период поминат на пат, плаќање патарини или пазарување во Тинекс….период на седење во Чаршија и експериментирање со аеронаутика – во смисла дали со прекумерно полнење на стомакот со пиво човек може да полета??? Прв обид, втор обид, трет обид…..три илјади дваесет и трети обид….Нема полетување…..
Докажано!
Со пиење пиво човек не може да полета!!! …Иако одредени практично докажани обиди укажуваат на можноста на духовно полетување во сфери надвор од секојдневните, можност за привремено залутување до други области и локали, до Балет или Ла кања, до Абсинт бар или Менада…..До Гоце, Даме, Филип, Александар и Понтиј Пилат на плоштад…..
Период на само-умирање, период на бледеење, на дебелеење и пропуштање на мојот и твојот живот низ прстите на раката, баш онака како што ги пропуштаме зрнцата песок на плажите во Платамона, Калитеа, Касандра или Ситониа.
Драги мои…………Период на губење на животната енергија и изучување на езотеријата и мистичното….период на милион и три изгледани документарни филмови за Египет и Атлантида, за Лемурија и Платон, за НЛО и Андромеда, за Филип Лазар и Алекс Џонс, за Обама и Путин, за Буш, Клинтон, Тони Блер Илуминатите и групата Билдерберг….за трговијата со дрога, луѓе и кинеска роба….за ЦИА, НСА, НАСА, МИ6 и шпиунирањето на интернет, за Грујо и Бранко, Миле, Тошо и Цацко, документарци за Античка Македонија и за летечките чинии во битките на Александар….за Хунзите и Калашите, за Марина, Паско Кузман и Амди Бајрам….Документрци за Фејсбук, Гугл, за Жулиен Асанж и Масоните во Македонија….Документарци………
Милион и три изгледани документарни филмови за све и свашта, за Буњаковец и Чаршија, за Чаир и Црниче, од Карпош до Лисиче, од Пакистан до Тексас, за Миг21, Ф-117, Торнадо, Раптор и хеликоптерите на МВР, за Грција и Македонија, за Византија, Рим, архивите на Ватикан, Арапите во Шпанија, Евреите во Холандија, за Милтон Манаки и Битола, за Џингис Кан и Пане Андов (www.paneandov.com) за Сведенборг и св.Петар и Павле и Паљурци крај Дојран, за све и свашта……
Драги мои………време на документарци и време на акање по Скопје со Љупка, Абаз, Љубомир и Милан, време на седење на шанк со Далила и Гиш карши улицата, со Морнарот од Ла кања кој пие млеко, со џамиите и кикириките, со кебапчиња во Турист, со калдрмата и уличните светилки со златарската улица, Галерија 7 и 8….со галерија 6, 5, 4,3,2, и 1….со галерија на мигови, мои и твои, наши и Ваши….со калеидоскопот на моите и туѓите фрагментирани сеќавања и искршени илузии и надежи….глупости и радости и со ….со…..со….и со што и да е…..
Три….два….еден……….нула…
Помина мојот ред….сега е ред на Вас….еден …..два …..три……ред е да мижеш и ТИ!

Ode to the Essenes… (in memory of Petar Deunov)

15 Јануари 68 година од нашата ера, локација – Помпеа, Италија.
Papirius Ahenobarbus седеше на малата маса покрај прозорот и само што го врати перото за пишување во своето лежиште на приборот за пишување.
Пред само неколку минути го заврши писмото кое го испрати до центурионот на една од далечните источни Римски провинции. Вообичаени известувања, службени информации исчкртани со неговиот препознатлив и тешко читлив ракопис. На папирусот хартија на неколку места се гледаше сеуште неисушено размачкано мастило -последица на неговото пишување со лева рака. Последната реченица зборуваше за последните воени подготовки за некој претстоен голем воен напад во една од источните римски провинции.

Се мачеше со пишувањето во полумракот на собата во овие рани утрински часови.
Само што го заврши пишувањето неколку заслепувачки сончеви зраци блеснаа низ прозорецот.
Убав начин да се започне овој ден си помисли….Си дозволи да гледа во оваа сончева магија речиси половина минута, иако знаеше дека потоа ќе му треба неколку минути за да му  се врати бистрината на погледот и да исчезнат сончевите светлосни дамки останати од гледањето во сонцето.
Се напи вода од металниот сад покрај прозорот и излезе надвор.
15 Јануари 68 година од нашата ера, локација - пештерите близу Кумран, 10 милји јужно од Јерихо, Палестина.
Бледолик и ковчест монах облечен во целосно бела наметка го довршува пишувањето на последните редови од едно ново, а во суштина исконски прастаро учење…илјадници испишани редови замотани во папируси, подврзани со кожна врвка се наредени во десетина керамички ќупови. Монахот ги селектира и подредува папирусите по некој свој замислен редослед. Ги запечатува керамичките садови со посебен восочен жиг со ознаки на тајното братство, притоа безгласно во своите мисли повторувајќи илјадници молитви упатени кон Бога.
Ова братство е  толку старо што неговиот почеток во времето никој не може ниту приближно да го одреди. По игра на случајот ова тајно братство, вековен носител на знаењето на цивилизациите, пренесувач на Светлиот пламен и знаењата за дишењето на Вселената сега егзистира по рабовите на општеството со само неколку преостанати монаси скриени во километарски длабоки пештери распослани по бреговите на Мртвото Море. Римјаните ги нарекуваат Есени, секта со десетици бледолики монаси, кои повеќе постат одошто живеат, а кои според нив го загрозуваат бескрајно моќното Римско Царство.
Месец Март  68 година од нашата ера.
Две илјадна римска војска го разорува Јерихо и се упатува кон Кумран. Papirius Ahenobarbus на блескаво црн коњ самоуверено ја води напред моќната легија…
Доаѓаат до Кумран, ги проетеруваат жените и ги спалуваат куќите. Нема никаков отпор, нема вооружени селани, нема возвратна борба. За неколку часа Кумран е целосно напуштен, населението разбегано на сите страни. Легијата се упатува кон блиските планини. Минуваат десетина дена проверувајќи го секој чекор од планините, влегуваат од една во друга пештера, плански и безмилосно ги ликвидираат еден по еден затекнатите монаси облечено во Бело. Во пештерите нема ништо, само неколку садови полни со вода, неколку килограми обично исушено овошје…..ниту трага од некое учење, книги или забранети ракописи.
Во последната пештера прв влегува  Papirius Ahenobarbus…со бескрајно смирен поглед го дочекува монахот облечен во Бело, стои простодушно исправен пред моќниот легионер и сосема мирно гледа во него.
Papirius од за него непозната причина остана вкочанет во место и само осети како наеднаш студен бран го обзема неговото тело, се вкочани целосно и остана загледан во длабочината на погледот на монахот. Сето ова траеше не повеќе од десетина секунди, а во ова кратко време низ мислите на римскиот војник како на филмска лента се пронижија сите поважни случувања во неговиот живот….за миг го здогледа своето раѓање како бебе, ги виде својата жена и моментот на раѓањето на неговите две мали ќерки….се виде себе си како напредува низ институциите на моќниот Рим, ги виде илјадниците загинати жртви и невини луѓе убиени од неговите верни легионери и од него самиот.
Некако тој смирен поглед на монахот во Бело со особено изразен духовен сјај како да продре низ телото и разумот на Легионерот….Како да ја растресе неговата совест, неговата душа…..или отсуството на истата во него. Во тие десет секунди Papirius осети непријатност од себе самиот, од своето постоење, некако соочен со погледот на монахот во Бело осети голем наплив на прекор и срам од самиот себе. Само што помисли да го прекине походот и да го поштеди овој изгладнет бедник пред себе, од зад грб во трчање во пештерата влезе еден млад, можеби петнаесет годишен легионер и со еден молскавичен потег со мечот го прободе монахот во Бело во градите, верувајќи дека го спасил животот на својот воен лидер.
Papirius Ahenobarbus свика на цел глас и со сета сила го удри младичот со раката обвиткана во метален оклоп, по што младото момче падна неколку метри наназад зашеметен од силниот удар.
Уште половина минута монахот во Бело и Papirius Ahenobarbus облечен во изразито црвена воена наметка стоеја еден пред друг со вкочанети погледи.
Како да беше застанало времето…
За тие триесетина секунди од местото каде што остана забоден римскиот меч, белата наметка на монахот педа по педа се обојуваше во црвено, а неговиот лик стануваше се по блед, речиси бел.
Во еден момент и двајцата имаа подеднакво црвени наметки.
На ликот на Papirius Ahenobarbus се појави некој болен израз, се примети надчовечко стегање на вилиците во некој гневен и нервозен грч но при сето тоа остана да стои исправено и мирно, со лик кој оддаваше живот полн со искуство, воени успеси, храброст и немилосрдност.
Потоа, монахот со веќе целосно во крв натопена наметка се струполи на земјата пред нозете на легионерот.
И покрај темнината во пештерата, на лицето на Papirius Ahenobarbus можеше убаво да се примети блесокот од слизнувањето на една мала солза.
На подот се направи голема локва со крв…..Последниот член на Есените замина во смирена бела смрт….
Во истиот миг пред влезот на пештерата се слушнаа крици на галеби кои го надлетуваа Мртвото Море во близина….
Посветено на Учителот – Петар Д'нов (11.07.2013)
Deunov-01Petar_Danov_1Petar-Danov-11

За луѓето маркери...

Отчука четири часот. На брзина го доврши предметот што го работеше во моментот, а веднаш потоа ги прибра списите од работната маса, го потсреди нередот, набрзина го исклучи компјутерот, го облече капутот, се поздрави со колегите и си замина од работа. Се симна пред деловната зграда во која работеше, човекот од обезбедувањето го одпоздрави-До видување Ханс, готово, заврши? Да, да, да…Го одпоздрави и тој и набрзина се изгуби во тесните улички, во зимската маглина која се беше надвиснала над градот.
Беше ладно и беше зима. Беше подмрзнато, валкано и полно со раскашен снег, со коли кој брзаа и ги прскаа пешаците. Беше полно смог и имаше огромна бука, но и покрај сето тоа одлучи да си оди до дома пешки… Да се освести од мислите, од работата, од рутината…
Тргна по малите улички, чекорејќи тивко, нечујно, невидливо. Потоа излезе на главната улица…Чекореше десетина минути и застана на запаленото црвено светло на семафорот. Потоа се запали зеленото и тргна да ја помине улицата…..Речиси на истото место како и претходниот ден, како и денот пред претходниот ден, на истото место на кое речиси секој ден го среќаваше, повторно го сретна тој непознат човек за кого ништо незнаеше. Ханс немаше ниту триесет години, а тој непознат човек беше некаде кон крајот на своите педесети а можеби и шеесети години. Имаше сосема побелена коса, сини заматени очи, по некоја брчка на лицето, без брада. Чекореше со умерен од, одмерено, не многу бргу и поткривнуваше со едната нога. Ете за тој непознат човек Ханс ништо незнаеше. Ниту како се вика, ниту кој е, ниту што работи. Единственото нешто кое го знаеше за него е дека сигурно се враќа од работа во истото време како и него, од спротивниот дел на градот кон кој сега тој одеше. И речиси секој ден се среќаваа на истото место, на главната улица во распон од некои сто метри. Еден ден пред крстосницата, наредниот ден малку подолу или на другата страна од истата улица. Не беше толку невообичаен изгледот на тој непознат човек. На секој друг би му делувал сосема обично, сосема вообичаен изглед на човек во средни години, веројатно сопруг и татко. Човек кој како и повеќето се враќа од работа и човек на кого повеќето пешаци воопшто не би му ниту обрнале внимание ниту би го погледнале кога поминува крај нив.
Но, имаше нешто чудно што се случуваше секој ден кога Ханс ќе наидеше на тој непознат човек и кога тој непознат човек ќе наидеше на Ханс. Речиси секој ден непознатиот човек беше првиот кој уште од подалеку го приметуваше приуближувањето на Ханс од спротивната насока на улицата. Ханс секогаш кога ќе погледнеше напред, пред себе, приближно во тој распон од сто метри на главната улица, гледаше дека непознатиот човек веќе го имаше забележано и веќе гледаше во него како и секој ден претходно. Имаше нешто толку чудно во тој човек што друг човек и не би можел да го објасни со зборови. Некогаш некои луѓе така силно знаат да откочат нешто длабоко во човековото битие, нешто толку внатрешно, нешто така старо и таинствено што човек останува напросто збунет од мислите и текот на мислите што еден човек може да ги предизвика кај друг со самата негова појава. Тој човек кај Ханс и претпоставувам кај никој друг, предизвикуваше лавина од внатрешни реакции. Напросто кажано, еве што Ханс чувствуваше секогаш кога ќе наидеше на човекот, на човекот маркер за кој што Ви зборувам. Имаше приметено дека човекот секогаш е првиот што знаеше кога и каде Ханс ќе се појави и секогаш беше спремен, секогаш тој го очекуваше Ханс да се појави. Ханс, напротив ниту еднаш неможеше да претпостави кога и каде точно ќе се појави човекот, секогаш кога ќе го здогледаше од другата страна на улицата веќе воочуваше дека е приметен, дека е веќе забележан од непознатиот човек. Потоа обично следуваше палењето на зеленото светло за пешаци и двајцата тргнуваа во спротивните насоки приближувајќи се еден кон друг и двајцата гледајќи во другиот за цело време додека ја минуваа улицата. Немаше некој срам од тоа што ете гледаат во сосема непознат човек во очи, туку Ханс некако осеќаше дека тој човек толку проклето добро го познава и толку проклето оддамна, но никако неможеше да се сети од кога, од каде….Само знаеше дека тој човек е илјадници години стар и дека се познаваат од дамнина, се познаваа од некое време за кое никој нормален човек неможеше да замисли дека оставило траги зад себе. Ханс знаеше дека во овој денешниов живот нема ништо заедничко со човекот и дека никогаш никаде претходно го нема запознаено, дека се немаат сретнато во продавница или во пошта или во автобус или кај некои роднини на некоја прослава. Не, тоа не беше случај. Но сепак, и покрај тоа, од првиот ден кога наидоа еден на друг почнаа и продолжија да се гледат еден во друг во очи, секогаш кога ќе се разминеа. Секогаш на истото место, на истата улица, секогаш Ханс одеше во едната насока малку побргу од човекот, а овој побавно и секогаш накривнувајќи на едната нога. Човекот делуваше скромно, уредно, по малку и сиромашно. Треба да напоменам дека начинот на кој двајцата гледаа еден во друг не беше некој нападен начин на гледање, туку сосема млак, сосема тивок начин на упатување на јасен поглед кон другиот. Беше поглед упатен во поглед, беше поглед кој потајно кај двајцата беше обвиткан со чудни прашања, поглед обвиткан со заборавено познанство. Поглед кој крие скриена порака, сеуште неодгатната порака. Но ајде да се задржиме на погледот, на дејството што тој поглед го предизвикуваше кај двајцата. Погледот кој Ханс го упатуваше кон човекот, човекот сосема мирно го поднесуваше и восприемаше. Сосема спремно, сосема очекувано па дури и со некоја голема доза на мир и спокој. Со некоја таинствена смиреност, без видливи гримаси на лицето, без ниту една вознемирувачка реакција. Бавно, со одмерен од, со тоа познато накривнување на едната нога, без ниту да го забави ниту да го забрза одот што и претходно го имал, тој човек смирено, полека минуваше покрај Ханс. Погледот на Ханс немаше одговори туку секогаш во себе само едни и исти прашања – од каде го познавам? Од каде се знаеме? Што треба да ми пренесе со неговото секојдневно појавување на истово место, на истава улица, со истиот тој поглед? Од каде се знаеме? Зошто така силно го чувствувам и зошто неговиот поглед ми предизвикува такво внатрешно запрепастување од моето денешно постоење, зошто после тој поглед се осеќам засрамено, зошто го чувствувам тој прекор, ко да  правам нешто погрешно, ко да не сум достоен за нешто непознато што сака да ми го каже, или да ме потсети? Знам човеку,знам дека си мој маркер, знам дека си мој патоказ, знам дека некогаш, некаде сме се познавале. Понекогаш имам чувство ко некогаш да сум бил твојот син, а други денови чувствувам дека чувството дека сум ти бил син е погрешно, и дека сме биле познаници, пријатели ли? Непријатели ли? Само знам дека сме имале нешто заедничко, нешто што не држело на исто место во исто време….После твојот поглед ја веднам главата и се срамам од тоа што сум денес, иако не сум направил никакво злодело. Се срамам што сум подобро облечен од тебе, се срамам што сум помлад од тебе, се срамам што понекогаш се пијанчам и се срамам од мојата прикриена духовна беда и себичност. Се срамам од сето тоа што денес сум затоа што се осеќам како да сум изневерил некои дамнешни завети, некои дамнешни други разговори, ветувања. Така делуваше погледот на човекот маркер врз Ханс- секој ден кога ќе се сретнеа на истото место на истата улица. А сега за делувањето на погледот на Ханс упатен кон непознатиот човек. Како што веќе и погоре кажав човекот делуваше многу прибрано и смирено кога Ханс гледаше во него. Ханс можеше да почувствува дека едниственото нешто што со сигурност може да го одгатне од мислите на човекот е дека и тој некако со сигурност знае дека го познава Ханс од некаде, од некое друго време, и дека секогаш му укажува со погледот дека чувството дека некогаш бил можеби негов син е погрешно, но дека и да мисли така нема да промени нешто големо, нема да причини штета и дека тоа воопшто сега и не е толку важно. Важно е да се одгатне од кога и зошто се познаваат и да се одгатне целта на денешното сеќавање на тоа. Впрочем како што непознатиот човек беше маркер потсетник за Ханс, истото беше и Ханс за непознатиот човек. Затоа и двајцата во своите погледи имаа една мала доза на благодарност и почит кон другиот зашто и двајцата на тој начин, преку тоа препознавање знаеја дека и во овој живот колку-толку и покрај сите нивни застранувања и погрешни чекори и покрај сите погрешни проценки и постапки, сепак повторно се враќале на правиот пат, а токму
Ханс за човекот и човекот за Ханс е сигурен знак дека не застраниле премногу од патот што некогаш оддамна било предвидено дека еден ден ќе треба и ќе мора да го чекорат.
 И едниот и другиот во овој денешен живот  еден за друг беа кодирана шифрирана прастара порака која и двајцата имаа цел да ја откријат одново, да ја одгатнат, да ја дознаат.
 Се до тој момент деновите ќе се повторуваат, Ханс и непознатиот човек повторно ќе се среќаваат на истата улица, на истото место…и вон нивните погледи Ханс ќе биде човекот кој си оди на работа и си ги врши секој ден обврските што и така ги врши, а непознатиот човек ќе биде оној нормален човек, веројатно сопруг и татко на некои непознати деца и секој ден и понатаму ќе се враќа од работа во истото време кога се враќа и Ханс од својата.
Надвор од нивните секојдневни улоги Ханс и човекот се тие таинствени маркери, потсетници, тие исконски предупредувања кои ја допираат душата на секој скаменет човек, на секое скаменето срце, надвор од себе тие се маркери кои и на најзабревтаниот и заглавен во животот човек на момент ќе го запрепастат, поставувајќи му го прашањето- зар навистина има нешто повеќе внатре во нас? Зар навистина има нешто во душите?